Според истражувањето на „Етникал консјумер“, планинарите можат ненамерно да ја оштетат животната средина и да го ризикуваат сопственото здравје со носењето водоотпорна облека, која содржи т.н. вечни хемикалии. Имено, иницијаторите на кампањата во повеќе од 80 проценти од производите на 27 компании пронашле полифлуороалкални супстанции (ПФАС), кои можат да ги загадат почвата и водата. Истражувани се 27 компании што произведуваат облека за активности на отворено, како што се водоотпорни јакни, чизми и ранци, и откриено е дека дури 82 отсто од нив сè уште користат полифлуороалкални супстанции. Овие хемикалии се поврзани со низа здравствени проблеми, вклучувајќи: висок холестерол, неплодност, нарушувања на имунолошкиот систем и некои видови на рак. Тие се користат во производи за широка потрошувачка од 1950-тите години и потребни се стотици години за да се распаднат во природата, притоа загадувајќи ги почвата и резервите на вода.
Потрошувачите да купуваат само од одговорни компании
Производителите „Пирамо“ и „Финистре“ не користат полифлуороалкални супстанции во своите производи, додека „Алпкит“, „Лов алпине“ и „Патагонија“ главно не ја користат оваа хемикалија. Тие и над десет други компании рекле дека ќе престанат да користат хемикалии од следната година, пишува „Гардијан“. Но, речиси половина од оценетите компании не прецизирале дали ќе почнат постепено да ги укинуваат.
Џејн Тарнер, писателка и истражувачка за списанието „Етникал консјумер“, вели дека повеќето компании што произведуваат облека и обувки за рекреација на отворено сè уште непотребно ги користат полифлуороалкалните супстанции и признале дека со тоа ја зголемуваат контаминацијата на природата.
– Ова е неприфатливо и компаниите мора веднаш да престанат да ги користат. Потрошувачите треба да купуваат само од одговорни компании што престанале да ги користат овие хемикалии – вели Џејн Тарнер.
Постојат повеќе од 10.000 хемикалии означени како ПФАС, според „Фидра“, еколошка добротворна организација што има цел да ги намали пластичниот отпад и хемиското загадување. Оние што се користат во производство на зимската опрема имаат цел да ја одбиваат водата од ткаенината. Процесот на абење на материјалите значи дека планинарите што носат опрема на отворено испуштаат дел од хемикалиите во околината, иако најголем дел од контаминацијата се јавува за време на производството на хемикалиите, кога тие се нанесуваат на ткаенината или кога производот завршува во природата.
Хана Еванс, проект-менаџерка во „Фидра“, вели дека полифлуороалкални супстанции се пронајдени во реките што течат низ Англија, на падините на Монт Еверест и кај повеќе од 600 вида диви животни, од поларни мечки до делфини.
Жешки точки на контаминација
– Постојат најмалку 23.000 познати места на контаминација само во Европа, од кои 2.000 се сметаат за жаришта на полифлуороалкални супстанции – области каде што концентрациите се сметаат за опасни по здравјето. ПФАС придонесуваат за глобалната криза со хемиското загадување – вели Еванс.
Од компанијата „Парамо“ тврдат дека не користат полифлуороалкални супстанции во своите производи, бидејќи нивната ткаенина никвакс го имитира животинското крзно во начинот на истиснување на водата.
– Најголемиот проблем за нас не беше отстранувањето на супстанциите од нашите процеси на производство, туку убедувањето на фабриките за ткаенини со кои работиме да го направат тоа, гарантирајќи ни ткаенини без овие супстанции. Од 2016 година можеме да гарантираме дека секоја облека што ја правиме не содржи ПФАС – рече портпаролот на „Пирамо“.
Привлечноста на користењето полифлуороалкални супстанции е тоа што може да ги направи ткаенините отпорни на дамки и на вода. Овие хемикалии исто така ги има и во други производи, како што се нелепливите тави за готвење, ладилниците, млазните мотори и други електрични апарати.