Фондот за здравствено осигурување ќе го покрие лекувањето на Леонид Индов, кое ќе се врши во Градската општа болница „8-ми Септември“.
Од ФЗО попладнево соопштија дека врз основа на препораките од Виена и Градската општа болница „8 септември“, ќе биде одобрена употреба на лекови неопходни за ваков тип на третман.
– Во минатото беше одбиено покривањето на трошоците за лекување на Леонид, со тврдење дека има услови за лекување во земјата, без да се наведе каде е тоа. Минатата недела, Владата побара тоа да се смени. ФЗО врз основа на препораките од Австрија и 8-ми септември, ќе одобри употреба на лекови неопходни за ваков тип на третман – велат од Фондот за здравствено осигурување.
Упатуваат апел до сите на кои им е потребно лекување, пред да се одлучат за собирање донации да се обратат до здравствените установи и Фондот за здравствено осигурување.
– Поради постоечка недоверба во институциите многумина на кои им е потребно лекување во странство, се одлучуваат за собирање на донации, без воопшто да се обратат до здравствените установи и Фондот за здравствено осигурување. Затоа се повикуваат сите граѓани прво да се обратат во здравствените институции и Фондот – се наведува во соопштението.
Утрово, од Министерството за внатрешни работи и од Центарот за управување со кризи информираа дека вчера доцна попладне Леонид е транспортиран со хеликоптер од Виена во Скопје. Тој беше на лекување во Виена, а на 10 јули годинава, неговиот татко упати барање до ЦУК за воздухопловен транспорт. Индов во јули минатата година се повреди на летување во Грција.