Протест во Брисел против договорот помеѓу ЕУ и Руанда / Фото: ЕПА

За ЕУ, договорот со Руанда е можност да добие пристап до ресурсите во Централна Африка што ѝ се потребни за нејзините „зелени цели и цели за чиста енергија“, но стратегиската „зделка“ поттикна и обвинувања против Брисел за разгорување на конфликтот во Конго

Зошто Брисел е обвинет дека поттикнува конфликт во Централна Африка

Гладот на Европа за минерали заради производство на електрични автомобили и микрочипови и начинот на кој Брисел ги задоволува своите потреби од т.н. критични суровини поттикнаа обвинувања дека Стариот Континент го разгорува конфликтот во источно Конго, каде што се случува една од најтешките хуманитарни кризи во светот, во која во последните децении загинаа шест милиони луѓе. Оваа констатација ја објави реномираниот медиум „Политико“, анализирајќи го Стратегискиот договор за минерали што Европската комисија (ЕК) го склучи на 19 февруари со Руанда.
Имено, незадоволството беше предизвикано од споменатиот договор што европската влада (односно Европската комисија) го склучи со Руанда, која се граничи со Демократската Република Конго. За ЕУ, договорот е можност да добие пристап до ресурсите во Централна Африка што ѝ се потребни за нејзините „зелени цели и цели за чиста енергија“.

Спогодбата создава подлога за шверц на „крвави минерали“

Критичарите на ЕУ возвратија дека гореспоменатиот Стратегиски договор за минерали што Европската комисија (ЕК) го склучи на 19 февруари со Руанда ќе создаде подлога за шверц на т.н. „крвави минерали“ од источно Конго – поточно затоа што Руанда е обвинета дека игра одлучувачка улога во војната од другата страна на границата со нејзината поддршка за бунтовничка група наречена „М23“.
Претседателот на ДР Конго, Феликс Чисекеди, чии сили се борат против „М23“, јавно го осуди договорот на ЕУ со Руанда и го квалификува како „провокација со многу лош вкус“.
Откако беше потпишан договорот, силите на „М23“ поврзани со Руанда ја проширија својата контрола над минералните ресурси на источно Конго. Кон крајот на април, токму кога францускиот претседател Емануел Макрон ја молеше Руанда да престане да ја поддржува „М23“, бунтовниците ја зазедоа Рубаја, рударскиот центар во близината на границата во источно Конго. Портпаролот на „М23“ побрза да негира дека ги посакува богатите резерви на колтан (материјал што се користи за производство на паметни телефони и автомобили).
Изобилството на минерални ресурси често во источно Конго поттикнува спирала на насилства во деценискиот конфликт, во кој, покрај милионите убиени, има и раселени седум милиони лица.
ЕУ декларативно упати повици за деескалација на насилството и вети дека ќе ја зголеми хуманитарната помош. Меѓутоа, регионалните експерти тврдат дека „договорот за минерали со Руанда е во опасност да го влоши конфликтот наместо да го ублажи“. Договорот испраќа порака дека ЕУ, бидејќи има потреба од пристап до минерали, може да ги надмине принципите на човековите права, според познавачите на тамошните состојби. Голем проблем е што Руанда е една од главните дестинации за колтан и другите минерали шверцувани преку источната граница на Конго. Руанда извезува повеќе минерали за преработка и производство отколку што ископува, соопшти американскиот Стејт департмент месецов, повикувајќи се на бројки на Обединетите нации.
Регионот на големите езера е од стратегиски интерес за глобалните западни сили, бидејќи тие бараат минерали и метали потребни за турбини на ветер, соларни панели и електроника за широка потрошувачка. Тоа е изворот на половина од светскиот тантал, кој се извлекува од металната колтанска руда и се користи во електронските компоненти.

ЕУ во прокси-војна: Рудните богатства на ДР Конго и на Руанда на цена

Европската комисија (ЕК) ја нарекува Руанда „главен играч во светската екстракција на тантал“, укажувајќи на нејзиното производство на калај, волфрам, злато и ниобиум. Руанда, се вели, има потенцијал да стане „центар од дополнителна вредност во минералниот сектор“, предвидувајќи дека рударската индустрија ќе ги зголеми приходите од извоз на 1,5 милијарда долари годинава, од 373 милиони долари во 2017 година.
– Сите знаат дека само дел од извозот на Руанда доаѓа од самата Руанда – а поголем дел доаѓа од Конго – рече Ерик Кенес, виш научен соработник во Африканската програма во институтот „Егмонт Кенс“, тврдејќи дека договорот „ја оправдува и ја формализира“ незаконската трговија.
Јута Урпилаинен, комесарката на ЕУ за меѓународни партнерства, и поранешниот министер за надворешни работи на Руанда, Винсент Бирута, предизвикаа дипломатски гнев кога го потпишаа договорот во февруари, исто како што се интензивираа судирите во источно Конго.
Покрај тоа што договорот со ЕУ го нарече провокација, конгоанскиот претседател Чисекеди рече дека спогодбата е како „ЕУ да војува со нас преку посредник“, алудирајќи на водење прокси-војна од страна на Брисел.
При посетата на Белгија на крајот на февруари, Чисекеди ги откажа состаноците со претставниците на Европската комисија, а наместо тоа, се сретна со белгискиот премиер Александар де Кро, кој му се придружи во отфрлањето на договорот и повикувањето на санкции против Руанда. Оттогаш Конго повика на меѓународно ембарго на извозот на минерали од Руанда и се закани дека ќе го изведе технолошкиот гигант „Епл“ на суд за користење шверцувани „крвави минерали“ од конфликтните области во Конго.
Критичарите стравуваат дека Стратегискиот договор за минерали што Европската комисија (ЕК) го склучи на 19 февруари со Руанда ја одразува „подготвеноста на ЕУ да ги жртвува своите принципи на олтарот на геополитиката“.
– Брисел сѐ повеќе прибегнува кон такви договори за соработка – кои немаат обврзувачки трговски импликации, но полесно се запечатуваат од традиционалните трговски спогодби. Неговата цел е да ги диверзифицира своите резерви на клучни минерали и да се спротивстави на иницијативата Појас и пат на Пекинг, глобална програма за развој на инфраструктурата, со сопствена стратегија. Тоа е курс на кој шефицата на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, вети дека ќе остане во нејзиниот втор мандат, тврдат соговорници од Шведска упатени во политиките на ЕК во врска со проблематиката на т.н. „критични суровини и минерали“. Р.С.


Брисел се обиде да ги разјасни намерите во врска со неговиот договор за минерали со Руанда, кој доби зелено светло од земјите членки на ЕУ по интензивна дебата

Брисел се правда, соочувајќи се со силен притисок

Синџирите на снабдување за европската индустрија се усогласуваат со агендата на ЕУ за човекови права?!

Соочувајќи се со силен притисок по потпишувањето на договорот, извршната власт на ЕУ се обиде да ги разјасни своите намери, откри „Политико“ во разговорите со официјални лица, активисти и истражувачи – тврдејќи дека договорот се усогласува со нејзината агенда за човекови права, со тоа што помага да се изврши притисок врз Руанда да има одржливи синџири на снабдување.

– Договорот не беше склучен, прво и основно, за да се добие пристап до минерали, туку за да се поттикнат промените на терен – рече еден функционер на ЕУ, кој инсистираше на анонимност при давањето на изјавата за „Политико“, затоа што не бил овластен да зборува јавно.
Брисел сака и подобро да ги заштити високите еколошки и општествени стандарди и да го задржи влијанието во рударските земји. Брисел се обиде да ги разјасни намерите во врска со неговиот договор за минерали со Руанда, кој доби зелено светло од земјите членки на ЕУ по интензивна дебата.
Договорот, според портпаролот на Европската комисија, е во согласност со пошироката стратегија на Брисел за мир во регионот на големите езера. Минатата година ЕУ исто так, склучи договор за минерали со Конго за „да ги зајакне управувањето, длабинската анализа и следливоста, како и соработката во борбата против нелегалната меѓународна трговија со суровини“.