Битола, од 19 до 31 јули, е центар на македонскиот и светскиот фолклор. Под мотото „Уметноста на традицијата“ се одржува 54. издание на фестивалот на народни игри и песни „Илинденски денови“. На фестивалот учествуваат 1.300 учесници од Македонија, Романија, Боливија, Јужна Кореја, Северен Кипар, Мексико, Турција, Србија и од САД. Мисијата на фестивалот е да ја зачува и негува традицијата, вредност што се одржува повеќе од половина век. Настанот ја трансформира Битола во живописна сцена, со настапи што започнуваат од Старата битолска чаршија, по должината на Широк сокак, до платото на Офицерскиот дом, ветувајќи живописен приказ на традиционални облеки, автентична музика и танц од сите меридијани на светот.
Ова е еден од ретките светски фестивали сертифицирани од Светската организација што ги обединува чуварите на нематеријалното културно наследство, поддржана од УНЕСКО. „Илинденски денови“ се занимава и со научна дејност во чии рамки ќе се одржи и научно-стручната конференција што годинава ќе донесе еминентни гости од Европа, како и концертите на КУД „Илинден“, „Танец“, промоција на монографија, ревија на дизајнерска женска облека инспирирана од народната носија и голем број настани што ќе бидат дел од годинашното издание.
Фестивалот започна со изложбата на фотографии „Радост – прославата – духовна пркос на народот“ со одбрани етнографски фотографии од фондот на браќата Манаки, на битолскиот архив, поставена во НУ Завод и музеј – Битола.
– Целта е да се опфати целата народна култура, целта е фестивалот да му биде инспирација, како на девојчето што го нацрта цртежот така и на илјадници нови деца што ќе творат, ќе играат, ќе пеат, ќе создаваат музика и ќе се посветат на традицијата како на свои корени – изјави Валентин Соклевски, стручен соработник и долгогодишен главен координатор на овој фестивал.
Најблиската соработничка на Соклевски, Љупка Стефановска, ја истакна важноста и на научната дејност што ја негуваат како фестивал.
Фестивалот во наредните 13 дена ќе пречека околу 1.200 учесници игроорци. Ќе се одржат: Саем на книга во соработка со „Бук хаус Битола“, концерти на КУД „Илинден“, Етнокамп на Македонија во соработка со Музичката младина, концерт на „Танец“, промоција на монографија на македонски народни носии, традиционалните манифестации: „Ехо на дамарите“, „Фолклорна прошетка низ светот“, „Вечер на традиционална музика и игра“, „Напладне низ чаршија и Широк сокак“, фестивалски карван во Новаци, Могила и во Демир Хисар, два мастерчаса со членовите на американскиот фолклорен ансамбл и групата од Јужна Кореја.