Во судирите на авганистанските владини сили и бунтовниците во јужната провинција Хелманд, убиени се најмалку 30 цивили и 16 талибански борци, додека шест лица се повредени во координиран напад врз безбедносните сили во Кабул, соопштија денеска локалните власти.
Атахулах Афган, кој е на чело на провинцискиот совет, изјави дека поголемиот дел од луѓето во Хелманд, меѓу кои има жени и деца, настрадале при воздушен напад на една куќа во вторникот навечер, за време на воените операции во покраината.
Во соопштението од канцеларијата на гувернерот во Хелманд, се наведува дека се убиени и 16 Талибанци и се нагласува дека во тек е истрага за да се утврди бројот на цивилни жртви.
Во Авганистан денеска се случи уште еден напад во кој, според портпаролот на шефот на полицијата во Кабул Башир Муџахид, повредени се најмалку шест лица.
Сите шест лица се повредени во координиран напад врз безбедносните сили во главен град на Авганистан, а потоа се префрлени во болницата, додаде тој, појаснувајќи дека бомбаш-самоубиец го активирал експлозивот, а потоа и дел од бунтовниците влегле во огнена пресметка со безбедносните сили во оваа област.
Муџаџид рече дека безбедносните сили ја контролираат областа и дека во моментов нема пукања.
Тој додаде дека првичните информации покажуваат дека целта на нападот била безбедносната компанија „Г4С”.