Фото: ЕПА

ФУДБАЛ

ЕП 2024 постави и рекорди за ТВ-публика во земјите на репрезентациите учеснички, глобалниот интерес за турнирот е огромен, бидејќи е на пат да се постигне глобална кумулативна публика над пет милијарди гледачи, десетте навивачки зони во градовите домаќини пречекаа вкупно 5,8 милиони посетители (пред финалето), зголемувањето на бројот на посети на социјалните мрежи од ЕП 2020 продолжи со забрзано темпо, до финалето околу 2,6 милиони гледачи присуствуваа на 50-те меча, со присутни гледачи од повеќе од 190 земји…, пишува УЕФА

Европското првенство (ЕП) кулминира синоќа со финалето на Олимпискиот стадион во Берлин, со дуелот Шпанија – Англија, во очекување на новиот континентален шампион, а првенството со светска популарност, веќе забележана во групната фаза, продолжи со новите бројки, рекордни низ целосниот опсег на активности надвор од теренот, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).
Десетте навивачки зони во градовите домаќини пречекаа вкупно 5,8 милиони посетители за време на првенството, пред финалето, а вечерта кога домаќинот Германија играше со Шпанија во четврт-финалето стана најпосетуваниот ден на турнирот со вкупно 547.000 посетители низ тие зони, пишува УЕФА. Заедно со градовите домаќини, УЕФА ги олесни и организираните прошетки на гледачите до стадионите, одржани на десетици меча, кои се покажаа исклучително популарни, со илјадници поддржувачи што се здружија во фестивалска атмосфера. Вкупно се проценува дека над 400.000 гледачи учествувале во прошетките од местата за собир до стадионите.

ЕП 2024, исто така, постави рекорди за ТВ-публика во земјите на репрезентациите учеснички, а глобалниот интерес за турнирот е огромен, бидејќи е на пат да се постигне глобална кумулативна публика над пет милијарди гледачи, пишува УЕФА.
Зголемувањето на бројот на посети на социјалните мрежи од ЕП 2020 продолжи со забрзано темпо, па, така, официјалните канали на ЕП на Тикток, Инстаграм, Фејсбук, Икс и на Вотсап додадоа повеќе од 14 милиони нови следбеници од почетокот на шампионатот, а каналите имаат акумулирано 335 милиони ангажмани и 2,8 милијарди прегледи на видеа.

Во пресрет на финалето, околу 2,6 милиони гледачи присуствуваа на 50-те одиграни натпревари, со присутни гледачи од повеќе од 190 земји. Продадени се над 387.000 билети за местата достапни за 30 евра за натпревари од групната фаза, што придонесе за бројка од над 1,1 милион билети купени за тие и за местата во категоријата 3 (за 60 евра за групната фаза).

Иницијативите на Европската фудбалска унија да го направи ова ЕП најодржливо на сите времиња беа успешни, а вкупно 81 отсто од гледачите користеле еколошки превоз за да стигнат до стадионите, пишува УЕФА. Дополнително, повеќе од 850.000 корисници на „УЕФА фан-пас“ ги активираа своите билети за јавен превоз за да ги обиколат градовите домаќини и нивната околина.

Европската фудбалска унија објави и некои бројки од турнирот, на пример, првпат Романија освои прво место во групната фаза, Украина првпат ремизира на ЕП, Данска првпат напредуваше од групната фаза на две ЕП во низа, Словенија и Грузија првпат беа осминафиналисти, Шпанија првпат заврши групна фаза без примен гол, Англија првпат стигна до финалето на голем турнир надвор од својата земја, а Англија беше и првата репрезентација што стигна до финалето на ЕП откако губеше за време на мечевите од осминафиналето, четврт-финалето и полуфиналето, пишува УЕФА.
Голот на Франциско Консеисао против Чешка за Португалија обезбеди тој да му се приклучи на ексклузивен клуб со татковци и синови што постигнале голови на ЕП (неговиот татко Сержо Консеисао тоа го направи на ЕП 2000). Единственото друго дуо татко – син што постигнале голови на ЕП се Италијанците Енрико Киеза (ЕП 1996) и Федерико Киеза (ЕП 2020).

Диого Коста стана првиот голман што одбранил три удари од пенал во пенал-серија на ЕП, актуелниот шампион е исфрлен во осминафиналето на три европски првенства во низа (Италија на ЕП 2024, Португалија на ЕП 2020 и Шпанија на ЕП 2016), а Герет Саутгејт стана само третиот селектор што стигнал до две финалиња на ЕП по Хелмут Шен и Берти Фогтс.

Хари Кејн стана петтиот фудбалер што постигнал гол во повеќе од едно полуфинале на ЕП по Валентин Иванов, Виктор Понеделник, Драган Џајиќ и Кристијано Роналдо. Роналдо е првиот играч што настапил на шест европски шампионати, а тој го продолжи и својот рекорд за најмногу натпревари (30). Н’Голо Канте постави рекорд за најмногу одиграни натпревари во историјата на ЕП без пораз (седум победи, шест ремија) кога Франција играше со Португалија во четврт-финалето (со исклучок на пеналите), а Саутгејт до финалето стигна без загубен меч на неговите 13 натпревари на ЕП (осум победи, пет ремија) како селектор (со исклучок на изведувањето пенали), најдолга серија за селектор во историјата на ЕП, пишува УЕФА.

Ламин Јамал од Шпанија испиша историја со тоа што стана најмладиот играч што некогаш настапил на ЕП, на возраст од 16 години и 338 дена, а потоа стана најмладиот стрелец, 24 дена подоцна. Мануел Ноер од Германија го одигра својот 18-ти меч на ЕП, соборувајќи го претходниот рекорд за голман поставен од Џанлуиџи Буфон од Италија (17 средби). Арда Ѓулер од Турција стана најмладиот играч што постигнал гол на своето деби на ЕП, со 19 години и 114 дена, надминувајќи го претходниот рекорд на Кристијано Роналдо за 14 дена, англискиот играч од средниот ред Џуд Белингем стана најмладиот играч што се појавил на две ЕП, со 20 години и 353 дена, Јулијан Нагелсман (36 години и 327 дена) стана најмладиот селектор на ЕП, надминувајќи го поранешниот селектор на Словенија, Сречко Катанец, за само шест дена, Лука Модриќ (38 години 289 дена) од Хрватска го собори рекордот на поранешниот напаѓач на Австрија, Ивица Вастиќ, и стана највозрасниот стрелец во историјата на ЕП, Пепе од Португалија стана највозрасниот играч на ЕП, со 41 година и 130 дена…, пишува УЕФА Н.М.