Американскиот претседател Џо Бајден вечерва и се обрати на нацијата со најновите информации за обидот за атентат врз Доналд Трамп и за мерките што ги преземаат безбедносните служби.
– Благодарен сум што Трамп е добро и се опоравува. Разговарав со Доналд Трамп. Имавме краток и добар разговор. Навистина сум благодарен што Трамп е добро и се опоравува – рече Бајден во кусото обраќање.
Посочи дека во Америка нема место за ваков вид насилство, ниту за какво било насилство.
– Обидот за атентат е против сето она за кое се залагаме како народ, со сè. Не се работи за тоа кои сме ние како нација. Тоа не е Америка и не можеме да дозволиме да се случува. Единството е најтешката цел од сите, но ништо не е поважно од тоа – додаде Бајден.
Во врска со истрагата кажа дека мотивот засега е непознат и оти ФБИ трба да си ја заврши работата
– Сè уште немаме информации за мотивот на атентаторот. Знаеме кој е тој. Ги повикувам сите, ве молам немојте да правите претпоставки за неговите мотиви или врски. ФБИ нека ја работи својата работа. Наредив оваа истрага да биде темелна и брза, а истражителите ќе ги имаат сите ресурси што им се потребни за да го направат тоа – рече Бајден.
Кажа и дека наредил истрага за националната безбедност и оти е зголемено нивото на заштита на Доналд Трамп и обезбедувањето на утрешната конвенција на Републиканската партија во Милвоки.
– Трамп, како поранешен претседател и кандидат на Републиканската партија, веќе доби зголемено ниво на безбедност, а јас бев доследен на моите инструкции до Тајната служба да му ги дадам сите ресурси, способности и заштитни мерки неопходни за да се обезбеди неговата континуирана безбедност. Второ, му наредив на шефот на Тајната служба да ги разгледа сите безбедносни аранжмани за Републиканската национална конвенција, која е закажана за утре. И трето, наредив независна национална безбедносна истрага за вчерашниот митинг за да се процени што точно се случи, а резултатите од тој независен преглед ќе ги споделиме со американскиот народ – изјави Џо Бајден.
По неколкуминутната изјава, како што пренесуваат американските медиуми, тој ја напуштил просторијата без да одговора на новинарските прашања.