Независниот македонски краток филм „Мавера“ ќе ја има својата проекција на „Синедејс“ вечерва, во 20.30 часот, во Младинскиот културен центар. Овој краток филм е независен, снимен без никаква надворешна или државна финансиска поддршка, а е во копродукција со Факултетот за драмски уметности во Скопје и „Апофенија пост“.
Минатата година, на филмот му беше доделено специјално признание во рамките на ИФФК „Браќа Манаки“ од познатиот кинематографер Питер Бижу. На премиерата во Скопје, во состав на филмскиот фестивал „Sирни“, ја доби наградата за најдобар филм – „Данчо Чеврески“. Оваа година „Мавера“ беше претставен на маркетот за кратки филмови во состав на интернационалниот филмски фестивал „Клермон-Феран“.
Режисер и сценарист на филмот е Батухан Ибрахим, продуценти се Батухан Ибрахим и Стефан Ѓоргиевски, директор на фотографија е Стефан Ѓоргиевски, а монтажер е Драган Спасов, дизајнот на звук е на Ристо Алчинов, костимограф на филмот е Андреј Ѓоргиевски-Папаз. Улогите ги толкуваат Симона Спировска и Мирјана Трпковска-Костовска.