„Големата победа“ на Меланшон и делумно на Макрон е всушност стравот од победата на Ле Пен, значи здружување на пријател со непријател против поголемиот непријател. Но за Макрон ова е „Сталинградска битка“ со разнишана империја до следната – „битка на Курск“, па да видиме како ќе биде
Д-р Самуел Колономос Садикарио,
пензиониран професор по медицина
Еден мој внук, кој е фундаментален Евреин во Јешива, верска школа во Ерусалим, вели дека „во овој декадентен изопачен свет, Господ ќе ги зачува само фундаменталните исламисти и фундаменталните Евреи“. Во ова второто не верувам, но првото е сосема на повидок. Сега само кратко ја продолжувам темата од мојот претходен текст за џихадизмот.
Франција велат дека е земјата на револуции и нови епохи, но мене ми изгледа дека по Наполеоновите походи кога многу жени останаа без мажи, Франција стана вртелешка како кан-кан танчарка од Фоли Берже. Молскавично се вртат лево, десно, напред, назад, па за нив важи француската изрека „не знам со која нога да почнам да танцувам“. Мојата фамилија отсекогаш ја обожувала Франција поради огромната култура, артефакти, а и некои релации со Шарлемањ, а потоа и она што Наполеон им го кажал на Евреите – „ќе ви дадам слободи какви што сакате, само да ми ветите дека сите ќе бидете Французи“. Кога сме веќе кај големите личности – што мислите дека е фактор за францускиот подем – генијалноста или среќата? Не не, главната причина секогаш се парите. Парите (или злато ако сакате) ги издигнаа и Луј Четиринаесетти и Наполеон, Кромвел, Викторија, па и Хитлер, дури и Александар Велики, па и „малиот“ Петен во однос на овие, а стана „цар“ на француските нацисти…, а сиротиот Луј Шеснаесетти трагично пропадна поради нив (парите). Приказната за парите е долга и ќе ја оставиме овде, а препорачувам да ги читате книгите на историчарот Најал Фергусон.
Марин Ле Пен, водачка на т.н. „крајна“ десница, се чинеше дека ќе победи на овие избори, ама не се случи тоа. Таа е водачка на партијата Национален митинг (РН), која порано се викаше Национален фронт. Тогаш водач беше татко ѝ Жан Мари Ле Пен, познат нациошовинист и антисемит, па затоа партијата се сметаше за фашинацистичка. Ќерка му Марин направи значајни идеолошки и членски промени, но сепак ја нарекуваат „крајна десница“. А што е пак тоа „десница“ или „левица“ во денешно време? Воопшто не кореспондираат на оригиналните термини. Но да не разглабувам опширно – по мое мнение, партијата на Марин Ле Пен би ја нарекол „искривена“ (моделирана) десница, а партијата на Меланшон би ја нарекол „искривена левица“ (инаку се вика Нов народен фронт или НПФ). Меланшон е бивш комунист (троцкист), но неколкупати сменил „леви“ партии, а и самиот формирал неколку, за во последната коалиција НПФ да добие најмногу гласови.
Јас лично порано бев навивач за Меланшон, бидејќи се залагаше за социјални подобрувања, како на пр. пензии, плати на работници, синдикалци, права на африкански и азијатски потомци – што малку потсетуваше на Тито, во чие време сите ние имавме убав стандард (признале или не), со таа фундаментална разлика од Меланшон што Тито беше антитроцкист, веројатно по задача на Коминтерната. Неговите луѓе имаа извонредни дебати на француските и на американските телевизии. Меѓу моите роднини во Франција имаше богати и сиромаси, но интересно, сите беа левичари. Неколцина беа комунисти на Морис Торез и Жорж Марше, кои всушност беа просталинисти и антититоисти, а имаше Французи што беа маоисти и фиделкастроисти.
Дури и Ким Јонг-ун и Пол Пот се француски ученици, што и не е чудо ако се земат предвид француските колонијални намери. Други мои роднини беа научници и банкарски службеници, симпатизери на Митеран (иако некогаш тој работел за Петен). Интересно, сите беа против Де Гол, а ние бевме негови симпатизери сѐ додека не му се спротивстави на Израел со поддршка на Арапите, слично на Тито, а тоа се интереси секако – заради добивање симпатии од колониите и манипулации со внатрешните „црни нозе“ („pieds noirs“ – етно неевропејци во Франција). Слични методи на манипулирање се и сегашниве Афрофранцузи, но забораваат дека Де Гол на крајот ја изгуби битката во 1968 г. Тогаш Меланшон никаде го немаше, па ниту меѓу комунистите. Постоеше, но беше анонимен. Познатата филозофка Симона Веил му велеше на Де Гол „ти не си бранител – de la Resistence (од партизаните)… каде отиде за време на војната?“ Така е, тој беше само добар играч во ограничено време. Гласен антидеголист беше и Сартр, а Пикасо правеше карикатури за него. Меланшон има мошне спектрална „рококо“ политичка биографија, практично „прошетка“ низ левичарството – од марксист, троцкист, маоист, социјалист, од евросоцијалист до евроскептик – а сега богами не знам по која вода плови. Пријател е на „средна категорија“ влијателни личности како Марк Долез, Мартин Билар и Бенуа Хамон.
Големите леви, или некогаш – леви филозофи како Бадиу, Бурје, Балибар, Буверес, Енгелс, Делез, Анри-Леви, Жак Атали „не го мирисаат“ многу, веројатно поради неговиот антисемитизам, ароганција, пропалестинизам, менувачки карактер и кариеризам. Мене многу ми личи на Аљенде или на Лумумба и ми е страв за местенките и иднината. Многу е важно кој го финансира. Во Франција, историски главен финансиер е Ротшилд (фамилија), потоа Буш (со нафта, гас, нарко), Делор, Оливер Саркози (брат на претседателот), Кервел, се разбира и влегувањето на Блек Рок (важен еврејски фактор влезен во Израел). Сите овие се најмногу склони кон Макрон и веројатно овој пат повторно му помогнаа не поради неговата „способност“ и проблемите што ги изнаправи, туку за да ја потиснат Марин Ле Пен. Финансиери на пролевичарски и проџихадистички сили денес се Сорос, Рокфелер и Прицкер, потоа тајни канали што одат од Иран и други исламистички држави преку ВЕСПАЦ (WESPAC), „Џуиш војс фор пис“ (парадоксално – еврејска антиеврејска организација), префрлени пари од американски агенции за џихадисти против Русија, па дури и „црни пари“ од Балканот. Ле Пен порано добиваше финансиска поддршка од Русија, односно од Путин и неговите олигарси (а тоа по српски разузнавачки извори значи повторно Ротшилд), но за да добие симпатии и да се исчисти од „фашистичкиот“ имиџ направи еден пресврт кон „еврејскиот фактор“ (Ротшилд, Саксон, Варбург итн.), со привремен добар успех, но со лоша покер-тактика на блефирање, што сега по „мешањето на картите“ и создаде пораз. „Големата победа“ на Меланшон и делумно на Макрон е всушност стравот од победата на Ле Пен, значи здружување на пријател со непријател против поголемиот непријател. Но за Макрон ова е „Сталинградска битка“ со разнишана империја до следната – „битка на Курск“, па да видиме како ќе биде. Меланшон сигурно ќе земе залет, но цената за тоа е – зголемена имиграција, антисемитизам, антиизраелизам, џихадизам, дисперзија на парите, а секако и импакт на Балканот.
Иако западен сојузник и членка на НАТО, Франција е скриен непријател на Америка и на англосаксонскиот свет. Тоа историски е од времето на вековните протестантско-католичките судири (на пр. Вартоломејската ноќ и убиствата на Хугенотите, кралицата Катерина Медичи и епизодата со Нострадамус, Наполеон, игрите на Ватикан, војните во Америка итн.). Дали знаете дека Робеспјер (Француската револуција) има потекло од Ирска – фамилијата се всушност Британски бунтовници, значи скриени протестанти. Јакобинците потекнуваат од баварските илуминати (Адам Веисхауп – покрстен Евреин, језуит и масон). Франкомасоните имаат огромно влијание во Франција и во светот. Конфликтот со Англосаксонците е и во Азија (Индокина и Кина, Мао Ѕетунг бил и франкомасон и во „Скол енд боунс“), потоа Либан, Африка и Иран (Хомеини е француски резидент и ученик и член на една ложа во Ерусалим). Најава за признавање од Меланшон на палестинска држава, која сѐ уште е недефинирана територија, но со огромно оружје, е всушност интерес за нафта-гас во Средоземно Море и стратегиски турко-ирански однос, но и конфликт со Израел, антисемитизам и акцелериран џихадизам. Инаку, Франција беше заинтересирана да ги гради со пруга 10-от и осмиот коридор („Патот на свилата и многу мориња“), како и енергетски проекти што беа „абортирани“ од владата на Љубчо Георгиевски. За чии интереси? Одговорот нека биде ваш.
Антисемитизмот во Франција е историски долг уште од времето на Римската Империја, Крстоносните војни, Меровинџите, Црното племство, чумата, Роберт Благочестивиот и инквизицијата во Шпанија со бегалци од шпанско-португалските Евреи, кои дошле дури и на Балканот. Парадоксално, некои големи класични и посткласични филозофи се „татковци“ на модерниот антисемитизам – Волтер, Ренан, Дримон, Гобино, сѐ до Француската револуција. Тројца претседатели на Франција беа Евреи. За време на маршалот Петен, екстерминацијата на Евреите беше фрапантна. Многу Евреи, вклучувајќи ги и моите роднини беа спасувани од Католичката црква, некои дури се покрстија, а некои станаа јакобисти (католичка варијанта на Евреи) и франкомасони.
Многу му се приклучија на отпорот („La Resistence“) и по војната станаа функционери, доктори и професори. Денес поради растечкиот антисемитизам, вклучувајќи и на сегашните победници – голем број Евреи се иселуваат. Комунизмот е практично инспириран од Франција – Пол Лафарг е роднина на Маркс, а и Елизабет Дмитриеф (од Париската комуна), а потоа е пренесен во Русија преку ложата Гранд Оријан, како и револуциите во Италија, Турција и Балканот (Македонија – ложата Macedonia Risorta). Социјалдемократијата е дериват на Маркс во Франција, но тој не ја одобрувал. Исто е и со анархизмот, пренесен во Русија, како и комунизмот. Во една пригода Хитлер рекол: „Комунизмот е нелегитимно дете на христијанството, а и двете ги измислија Евреите“.
Се надевам дека режимите во Франција (леви, десни) нема да станат нелегитимно дете на Хитлер. Тие ќе имаат и голем импакт кај нас, а секако и врз судбината на Европа. Овој изборен удар може да биде како „удар од билијардна топка“ и да доведе до свртување на системот со вовед на нови закони и легислатива т.е. нова епоха и нови системи. Тоа би било многу значајно. Обратно, може состојбата да продолжи меѓу тлеење и вриеж на партиите како кај нас („како и досега“ – што би рекол Али Ахмети), па сиромашниот да остане сиромашен, а богатиот богат. Украинската војна ќе продолжи со повисоки технологии и оружја, до состојба на „термодинамичко“ исцрпување, а Франција сигурно ќе се меша, оти не може да биде настрана од играта на троновите (сетете се на Аустерлиц). Блискиот Исток во моментов е голема гангрена и делириум, но сега немаме простор за дискутирање. Косово е неизвесно. Секако за него не одлучуваат Албанците ниту Србите, уште помалку Македонците или македонските Албанци. Како што би рекол професорот по безбедност и разузнавање Иван Бабановски – Македонија е само Казабланка на Балканот, значи службите ја играат играта. Во Косово се вкрстени интереси на Америка, Франција, Германија, Русија (или во превод – бугарска асимилациска пропаганда), потоа мафиите, шверцот и секако многу важни – џихадистите.