Волците повторно во чопор

Очигледно е дека ваквите здружувања на соседите против Македонија земаат замав бидејќи Брисел со своите ставови и официјални изјави, со кои им дава поддршка на меѓународните договори со Македонија, застанува на страната на членките на Европската Унија, Грција и Бугарија. На тој начин ЕУ им дава и дополнителна смелост, дрскост и сила на Софија и Атина за да ја бранат сопствената агенда, наместо да заземе праведен, објективен став и да ги заузди членовите на своето семејство. Македонија со новоизбраната власт, при одбраната од здружената агресивна соседска политика и нападите што доаѓаат од повеќе страни, може преку паметно и одмерено дејствување, без да потпаѓа на притисоци, да добие време и да дочека поповолна геополитичка состојба за да ги растера волците околу себе

Илустрацијата на која се прикажани волци што се обидуваат да ја распарчат Македонија потекнува приближно од периодот на балканските војни, пред Првата светска војна, и се чинеше дека е одамна заборавена. Со одминување на времето, по Втората светска војна и конституирање држава на македонскиот народ, на дел од својата територија, таа илустрација беше проследена со различни толкувања, а на моменти дури служеше и за подбив. Но, се чини дека историјата се повторува, со што ваквиот злокобен цртеж повторно се актуализира преку перфидното здружување на одредени соседи против Македонија, кое е забележливо деновиве преку изјавите и политичките потези што доаѓаат од Бугарија и од Грција. Не треба дополнително да се појаснува дека волците на илустрацијата и првично ги претставуваа соседните држави, а сега тие повторно се собираат во чопор во обид да ја опкружат Македонија. За ваквата практика има голем број свежи индикатори, за што „Нова Македонија“ веќе обрнува внимание на ваквите „добрососедски“ аспирации, односно за мегаломански, хегемонистички идеи, преку низа написи.
Бугарскиот претседател Румен Радев неделава оствари средба со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во Атина. Грчките медиуми известија дека главна тема на состанокот била Македонија, како и оти Радев и Мицотакис истакнале дека го потврдуваат стратегиското партнерство меѓу двете земји. Техничкиот премиер на Бугарија, Димитар Главчев, пак, информираше дека заедно со Грција го отвориле македонското досие пред европските лидери во Брисел. Вчера во Атина. Згора, тој кажа дека Грција за првпат се приклучила кон бугарската позиција кога станува збор за Македонија.

Се чини дека историјата се повторува со перфидното здружување на одредени соседи против Македонија, кое е забележливо деновиве преку изјавите и политичките потези што доаѓаат од Бугарија и од Грција. А новозацврстеното сојузништво помеѓу Софија и Атина изгледа не е единствено, бидејќи беше забележливо и дека актуелната влада во Тирана не мрдна ниту со малиот прст за да го заштити македонското малцинство при пописот во Албанија на кој агитираа бугарски емисари

Радев и грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис како во ист глас укажаа на почитување на меѓународното право, во навидум здружена одбрана на меѓународните договори со Македонија. Бугарскиот претседател нагласи дека Договорот за добрососедство не е за пазарење, а шефот на грчката дипломатија, на состанок со австрискиот колега Александар Шаленберг во Атина, упати и поостра порака, велејќи оти не може да се прави избор кои одредби од договорите да се почитуваат, а кои да се изостават. Како што пренесуваат медиумите, Герапетритис отишол и чекор подалеку, при што ги предупредил владите на Македонија и Албанија дека со нивните активности ги загрозуваат своите перспективи за евроинтеграциите.
Новозацврстеното сојузништво помеѓу Грција и Бугарија изгледа не е единствено, бидејќи беше забележливо и дека актуелната албанска влада не мрдна ниту со малиот прст за да го заштити македонското малцинство, иако точно знаеше дека пред и за време на пописот во Албанија постојано беа присутни бугарски емисари што вршеа отворен поткуп меѓу Македонците во Мала Преспа за тие да се пишат како Бугари. Токму затоа, кристално јасно е дека официјална Тирана смислено кокетира со Софија, со надеж дека баш Бугарија ќе биде меѓу главните лобисти што треба да ја протуркаат Албанија во Европската Унија.

Очигледно е дека ваквите здружувања на соседите против Македонија земаат замав бидејќи Брисел со своите ставови и официјални изјави, со кои им дава поддршка на меѓународните договори со Македонија, застанува на страната на членките на Европската Унија, Грција и Бугарија. На тој начин ЕУ им дава и дополнителна смелост, дрскост и сила на Софија и Атина за да ја бранат сопствената агенда, наместо да заземе праведен, објективен став и да ги заузди членовите на своето семејство кога ќе претераат во силеџиското однесување кон Македонија. Новоизбраната македонска власт, пак, при одбраната од здружената агресивна соседска политика и нападите што доаѓаат од повеќе страни може преку паметно и одмерено дејствување, без да потпаѓа на притисоци, да добие време и да дочека поповолна геополитичка состојба за да ги растера волците околу себе.

[email protected]