Во услови кога не се знае кој утре ќе ги предводи Франција (по катастрофалниот пораз на Макрон) и Германија (исто така катастрофаелн пораз на СПД на канцеларот Олаф Шулц), логично е Македонија да го скроти својот сѐ уште нескротен евроинтеграциски порив и сериозно да размисли како понатаму
НОВИОТ ПОЛИТИЧКИ ПЕЈЗАЖ ВО ЕУ – ГОЛЕМА ШАНСА ЗА МАКЕДОНИЈА
Кормилото на Европската Унија од 1 јули 2024 година го презема Унгарија и таа формално ќе биде на чело на Унијата до крајот на годинава. Таа пријателска земја на Македонија својот мандат ќе го спроведува под мотото „Да ја направиме Европа повторно голема“. Дали ова доволно силно звучи трамповски? Секако да, но за еден таков амбициозен план на Будимпешта не би требало сега да дискутираме ние овде во Македонија. Тоа пред сѐ и над сѐ ќе биде работа и тоа тешка за членките на ЕУ, кои по изборите за новиот состав на Европскиот парламент имаат многу големи главоболки.
За нас непознатата во бриселската равенка е – дали ЕУ посериозно ќе се ангажира на процесот на проширување? Дали Македонија конечно ќе излезе од чекалницата и ќе го отвори првото поглавје (кластер) и ќе ги почне вистинските преговори за членство со ЕУ? Голем прашалник, но и многу дилеми. Оти политичкиот пејзаж во границите на Унијата не дава премногу (дури ни малку) оптимизам. Јасно е дека напливот на десничарските партии не дава таква надеж, но архитектурата на ЕУ сериозно се тресе по катастрофалниот пораз на францускиот претседател Емануел Макрон и неговиот избор да игра „руски рулет“ со распишување предвремени општи избори. И тоа во време кога во Италија сериозно зајакна десницата, исто како и во Холандија, а Германија ја води социјалдемократот Олаф Шолц, чија партија е на најниски гранки откако постои пишана меморија за неа.
ЧЕКАЈЌИ ЈА ЕУ КАКО ДА ГО ЧЕКАМЕ ГОДО
Не толку одамна, сегашната претседателка на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова позицијата на нашата земја во однос на ЕУ ја нарече како да го чекаме Годо. Дали Годо односно ЕУ конечно ќе се појави и ќе дојде?
„…Бидејќи сега не се критериум само хомогенизацијата и хармонизацијата туку и имплементацијата. ЕУ треба соодветно да одговори. Ако сте кандидат од 2005 година, а денес сме 2024-та, се плашам дека некогаш тоа чекање личи на она на господинот Годо, а не сакам да верувам во такво нешто“, потенцираше Силјановска-Давкова, истакнувајќи дека регионално треба да соработуваме и да се поддржуваме едни со други.
Како се случи земја како Македонија, која прва од регионот го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ во далечната 2001 година, толку да заостане? Можеби дел од вината треба да се бара кај нас што доцневме со формалното поднесување барање за членство, дури во 2004 година, но тоа не го дава одговорот на мачното за нас прашање. Коренот на сите наши проблеми е јасно искажан во европската Лисабонска декларација (27 јуни 1992), каде што без ракавици е кажано дека држава со име Македонија нема да влезе во Унијата. Иако претходно токму европската Бадентерова комисија потврди дека не постои правна или каква било друга пречка Македонија под тоа име да се признае за држава! Сѐ друго кажано по ваков став на Брисел е слатки приказни за големи деца.
Пораките од европските политичари и бирократи се како расипана филмска лента, која само се повторува: „Проектот на ЕУ не е комплетен без вас“. И што по ова? Едно долго и тешко исчекување, еден макотрпен, па дури и здодевен процес во кој се заглавија државите од Западен Балкан, честопати нарекувани и „пациенти“. Но Балканците се покажаа упорни, па чекаат, иако ова најверојатно нема да важи за Турција, која по децениско чекање реши целиот процес да го стави на ниво на формализирање, како редовен систематски преглед еднаш на две години.
Да резимираме – во чекалницата сега се наоѓаат Црна Гора и Србија, кои отворија поглавја, и Албанија и Македонија, кои имаат формални вета од Грција и од Албанија, како и аутсајдерите во трката (без цел) Босна и Херцеговина и Косово. Кон оваа група е приклучено и т.н. „асоцијативно трио“ – Молдавија, Украина и Грузија. Унијата од основањето, кога беа само шест земји, досега имаше седум проширувања, а големиот „биг бенг“ се случи во 2004 година, кога ЕУ наеднаш се зголеми за 75 милиони жители. А, веќе одамна членки се и Бугарија, Романија и Хрватска. И сите со право на вето. Што значи тоа за Балканот знаеме, оти гледаме.
ПРВА ПОСЕТА НА МНР НА БРИСЕЛ – ЌЕ ПОЧНЕ ЛИ ДА СЕ ТОПИ МРАЗОТ?
Новиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски уште не успеа да влезе во својот кабинет и да се запознае со колегите дипломати, а веќе мораше да лета за Брисел. Реформската агенда, очекувањата што ЕУ ги има од нашата земја, реформите што треба да се испорачуваат и реализацијата на планот за раст на Западен Балкан биле главни теми на неговите средби со претставниците на институциите на Европската Унија.
– Им се заблагодарив на членовите на Европскиот парламент за поддршката што тие ја дадоа за планот на раст, кој неодамна беше усвоен и кој ќе биде многу значаен за целиот регион. Клучните прашања што ги отворавме се очекувањата што ги имаат тие од државата, но и очекувањата што ние ги имаме од ЕУ, за што е потребно и таа да испорача за да го задржи тој кредибилитет во нашиот регион – истакна Муцунски по средбите во Брисел.
Добро е што во рамките на првата посета како шеф на дипломатија Муцунски подвлекува дека Македонија очекува и ЕУ да испорача, особено што ако кај Европејците постои замор од проширувањето, кај Македонците е енормно порасната недовербата во ЕУ – едвај 30 проценти веруваат дека ќе станеме членка.
На работната маса за Македонија се поставени многу обврски, но и една опасна замка поставена од претходната влада, со која практично земјава е ставена во позиција на боксер со врзани раце. Дали може да се поправи таквата незавидна состојба? Секако да, ако ништо друго, може голем дел од енергијата да се насочи за решавање на тој политички проблем и во голема мера да се промени перцепцијата за нас. Впрочем, дел од смислата на изборите е и тоа.
Во заклучоците на Советот на ЕУ од 18 јули 2022 година јасно е дека Македонија ќе преговара за членство како зомби-држава, без разлика дали некому ваквите прерогативи му се допаѓаат или не. Оти Преспанската спогодба и Договорот со Бугарија токму во таква форма ја моделираат Македонија, држава со ограничен суверенитет и избришан национален идентитет. Советот потенцира дека патот кон членство е отворен само ако „видливо и во добра намера се спроведуваат Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија“. Во однос на договорот со Софија, од Брисел го поздравија протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија формирана во согласност со членот 12 од Договорот за добрососедство. Владата на СДСМ, знаејќи или не знаејќи, го врзала свилениот гајтан врз Македонија и, практично, водењето преговори со Унијата за членство е самоубиствен процес на нацијата. Старата влада, и покрај сериозните предупредувања, политички се обврзала дека ќе ги внесе Бугарите во Уставот, го оставила да виси прашањето со македонскиот јазик….?!
ИМА ЛИ СВЕТЛО ВО ТУНЕЛОТ
Новата влада веќе најави дека почнува со реформи во јавната администрација. Наредните шест-седум месеци ќе бидат вистински тест за нејзините реформски капацитети. За лошите капацитети на јавната администрација Брисел одамна ни го вклучил црвеното светло, но тука се и прашања од реформи во правосудството, управување со енергетските ресурси, дигитализација, образование, огромна корупција. Владата на СДСМ/ДУИ ги заринка овие процеси или ги одведе во погрешна насока.
Сепак, вистинскиот тест на Мицкоски и неговиот најблизок тим што ќе влезе во рингот и ќе се обиде да избоксува подобри позиции се неговите политички капацитети, односно прво на домашен терен да ги сработи уставните измени, а потоа вооружен со нив да отиде во Брисел. Моменталната состојба во Унијата треба да се искористи за сериозно лобирање и претставување на нашите позиции, но и стравувања. Некои политички концесии што се бараат може да предизвикаат внатрешни ломови, па дури и посериозна нестабилност. Дали Европа би сакала такво сценарио во период кога е можен и посериозен воен конфликт во Европа? Не би сакале да веруваме во такво нешто, особено не би требало такво сценарио да ѝ се случи на членка на НАТО. Затоа што тоа значи безбедносно и воено ослабена територија.
Автор: Христо Ивановски
Период кога ќе мора засилено да лобираме
Дали сега треба брзање? Не, никако. ЕУ ќе влезе во процес на делење на функциите за состав на новата Европска комисија и ќе треба да се почека за да се види каде ќе треба да се лобира. Треба да се остварат и средби со соседите и отворено да се зборува за нашите грижи. Ќе го чекаме и одговорот од Брисел на обвинувањата од грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, кој вели дека претставниците на македонската влада го прекршуваат договорот. Тој ја стави земјата на магарешка клупа во Брисел. Ќе ги мериме и ќе ги анализираме нивните препораки, но ќе им испраќаме и наши аргументи. Во услови кога не се знае кој утре ќе ги предводи Франција и Германија, логично е Македонија да го скроти за малку европскиот брод, да го спушти сидрото и сериозно да размисли како понатаму.