Групната фаза на ЕП 2024 заврши и веќе има неколку работи што се истакнаа на турнирот досега, како на пример голови од далечина, побрзи одлуки на ВАР, многу доцни погодоци, автоголови…, пишува „Би-би-си“. Осминафиналето почнува денеска со натпреварите Швајцарија – Италија и Германија – Данска, а другите шест меча се играат од утре до вторник

ФУДБАЛ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ГЕРМАНИЈА

Со натпреварот Швајцарија – Италија од 18 часот почнува осминафиналето на фудбалското Европско првенство (ЕП) во Германија, а три часа подоцна е и дуелот Германија – Данска. Другите шест меча се играат од утре до вторник.
Групната фаза на ЕП 2024 заврши и веќе има неколку работи што се истакнаа на турнирот досега, како на пример голови од далечина, побрзи одлуки на системот видеопомошник-судија (ВАР) и, како и на претходните ЕП, имаше многу автоголови, пишува „Би-би-си“.
Од сите постигнати голови на ЕП 2024 најмногу пати мрежата ја затресе Германија, осум пати, Австрија постигна шест, Португалија, Шпанија, Швајцарија и Турција по пет…, според ударите во гол најмалку имаше Шкотска, 17, Германија води и во таа статистика со 57 удари кон голот, а одбранбено Шпанија е единствената селекција што во групната фаза не прими гол…, пишува „Би-би-си“. Често има долги одложувања во Премиер-лигата додека се носат одлуките на ВАР, но на ЕП 2024 полуавтоматизираните одлуки за офсајд добро функционираа, откако таа технологија значи дека официјалните лица за ВАР повеќе не треба да трошат време за цртање линии за да одлучат дали играчите се во офсајд, што доведе до одлуки како што е поништениот гол на Ромелу Лукаку за Белгија против Романија, за која беа потребни само 48 секунди за да се донесе, пишува „Би-би-си“. Но технологијата не го отстранува секој проблем. Кога беше поништен голот на Холандија на дуелот со Франција, тоа траеше речиси три минути, откако официјалните лица требаше да одлучат дали Дензел Дамфрис влијаел на играта, а технологијата не го менува времето што им е потребно за да донесат такви одлуки, пишува „Би-би-си“.
На ЕП 2024 имаше многу доцни голови и погодоци од далечина. Од моментот кога Флоријан Вирц го отвори шампионатот со гол од далечина на дуелот Германија – Шкотска, ЕП 2024 како да стана турнир на такви далечински погодоци. Веќе имаше повеќе голови со удар од надвор од шеснаесетникот отколку на Светското првенство во 2022 година, со 14 на 36 натпревари во споредба со 13 на 64 натпревари на Светското првенство, пишува „Би-би-си“. Не само што головите доаѓаат од далечина туку некои доаѓаат доцна. Деветте постигнати погодоци во судиското дополнување на времето досега се најмногу на кое било ЕП, на ниво со ЕП 2016, а одиграни се само 36 од 51 натпревар, пишува „Би-би-си“.
На годинашниот шампионат веќе има седум автогола во групната фаза, само еден помалку отколку на ЕП 2020, кога ги имаше најмногу досега. Само 20 автогола беа постигнати на европските првенства пред почетокот на турнирот во Германија, од кои 11 беа постигнати на минатото ЕП. Исто така, има помалку погодоци отколку на некои претходни ЕП, 81 во групната фаза во споредба со 94 на ЕП 2020.
По денешните дуели во Берлин и во Дортмунд, осминафиналето продолжува утре со средбите Англија – Словачка (од 18 часот, во Гелзенкирхен) и Шпанија – Грузија (21 ч., Келн), в понеделник играат Франција – Белгија (18 ч., Дизелдорф) и Португалија – Словенија (21 ч., Франкфурт), а во вторник на програмата се натпреварите Романија – Холандија (18 ч., Минхен) и Австрија – Турција (21 ч., Лајпциг). Н.М.