Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Премиерот Христијан Мицкоски изрази подготвеност да седне на маса со бугарскиот претседател Румен Радев и со лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов, доколку лидерот на ГЕРБ повторно стане премиер на Бугарија, но посочува дека изнаоѓањето решение е двонасочна улица и дека ние не можеме да бидеме добри соседи ако немаме меѓусебно почитување. Не е добрососедство, потенцира тој, ако едната страна е понижена, а другата ликува. Овој народ, вели Мицкоски, „направи многу за европската иднина и очекува Европа да му врати на народ и на државата“.

– Јас жалам што од страна на нашиот источен сосед доаѓаат вакви пораки. Јас мислев дека ваков тип на анахрони пораки се дел од средниот век, но за жал ете во современа Европа во 21 век во Европа сепак постоеле вакви политичари како што вие го цитиравте Радев. Јас сум подготвен да седнам и покрај тоа и да разговарам и со едниот и со другиот. Јас му посакувам на господинот Борисов да ја формира Владата во Бугарија бидејќи ние доаѓаме од Европската народна партија и логично е јас да посакувам нашиот источен сосед да има премиер кој доаѓа од истото семејство. Тоа не треба да имате дилема. Но исто така мојата порака е дека поминаа времињата кога овде кај нас имаше политичари кои беа сервилни, кои што виткаа кичма, кои што коленичеа, потпишува се и сешто што им беше ставено на маса. Од друга страна во името на европското знаме го ограбуваа народот, ја засрамуваа и понижуваа својата татковина, рече Мицкоски.

Треба, вели македонскиот премиер, да се навикнат на политичари кои работат деноноќно за доброто и за иднината на граѓаните и на државата и на „политичари кои немаат намера да виткаат кичма, немаат намера да потпишуваат и прифаќаат се и сешто што им е ставено на маса, туку политичари кои едноставно се подготвени да разговараат врз основа на аргументи“.

– Јас сум за тоа да се почитуваат договорите, тоа е двонасочна улица. Јас сум за тоа да се градат пријателства со соседите, соседите се факт и ние не можеме да избегаме од тој факт. Јас сум за тоа да се градат мостови, но истовремено и да се почитуваме. Ние не можеме да бидеме добри соседи ако немаме меѓусебно почитување. Не е добрососедство ако едната страна е понижена, а другата страна ликува. Тоа не е добрососедство, тоа е срам за едната, а другата страна не ја исполнила својата цел – рече Мицкоски.

Тој посочи дека повеќе пати кажал дека ние како држава уште од 40-тите години на минатиот век признаваме малцинства, меѓу кои и на бугарското, и дека е факт дека не го оспоруваме правото на нашите сограѓани кои се чуствуваат како такви, но исто така укажа и на постепената асимилација на македонското малцинство во Бугарија и на пресудите од Европскиот суд за човекови права.

– Дали Мицкоски признал дека има бугарско малцинство во Македонија или граѓани кои за себе велат дека се дел од бугарската заедница во Македонија можам да кажам дека јас тоа сум го напати кажал и повторил дека – да, ние како држава уште од раните 40 – ти години на минатиот век признаваме малцинства, меѓу кои и бугарското. Не го оспоруваме правото на нашите сограѓани кои се чуствуваат како такви и тоа е факт. Но ајде да видиме сега што се случувало во историјата кај нашиот источен сосед. И ако се вратите наназад од тие рани 40-ти години и ако ги видите пописите што сењ правени во тие години и од раните 50-ти години ќе видите дека неколку стотици илјади граѓани кај нашиот источен сосед се декларираат како Македонци. Дури и во доцните 40-ти години десетици учители од Македонија, во Западна Македонија, во Пиринскиот дел на Македонија, Македонците ги учеле на македонски јазик, за македонската култура, за македонските обичаи, се организирале театарски претстави. Тоа што бугарските власти потоа благодарение на тоа што се водени такви политики, тоа право го бришат и го укинуваат, доведува до тоа да се создаде фрустрација и тивка асимилација на Македоцните во Западниот дел на Бугарија во Пиринска Македонија и тоа е жално што продолжува и во 21 век – рече премиерот.

Имаме неоспорен факт, потенцира тој, преку пресуда на Судот за човекови права во Стразбур што е потврда дека постои македонско малцинство во Бугарија.

– 14 пресуди од Европскиот суд за човекови права се донесени, дека постои македонско малцинство во Бугарија чие што право да се организира во невладина организација, не да биде во Уставот, во невладина организација, за жал, од ваков тип на политичари каков што е г. Радев е оневозможено. Јас повикувам на добрососедски односи, на двонасочна улица заеднички да најдеме решение бидејќи ние треба како добри соседи да разговараме на основа на аргументи и факти, да не го политизираме ова, да не го сведуваме на ниски страсти. Овој народ направи многу за европската иднина и очекувам Европа да му врати на овој народ и на оваа држава, рече Мицкоски.

Во однос на тоа дали тој има некакви гаранции од Брисел дека ќе се надмине ова прашање, премиерот вели дека политиката на оваа Влада е за градење мостови со нашите соседи.

– Да имаме добрососедски односи. Тоа е еден предуслов за нормално и пристојно функционирање и пред, се, за нас самите и тука не треба да има дилема. И тоа е како што кажав двонасочна улица. И ние сме подготвени и во Брисел и во Софија и секаде каде што тие ќе кажат да седнеме и да разговараме врз основа на аргументи и факти и да зборуваме за иднината. Во меѓувреме доколку не успееме во тоа наша задача е да се посветиме во решавање на домашните задачи и проблемите кои овој народ го има. Тоа ќе биде нашата политика, рече Мицкоски.

Повтори дека тие како Влада се подготвени да седнат каде било, дека не бегаат од решение, но дека тоа решение треба да биде достоинствено и да биде двонасочна улица.


Радев ја критикува македонската политика, Борисов побара почитување на договорите

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска излезе со став со кој тврди дека политиката на Скопје е насочена против европските принципи.

– Ова е политика насочена директно против европските принципи и одлуки донесени со консензус од сите земји-членки, против меѓународните обврски, но пред се против сопствените граѓани, кои јасно ги кажаа своите амбиции за европски развој на земјата – рече Радев во изјава за новинари во Софија.

Тој додаде дека очекува коректни дејствија и од бугарската влада и од европските институции „за одржување на европските принципи и норми во процесот на проширување“.

Според него, доколку ЕУ не се заложи за европска перспектива на Балканот, врз основа на јасни принципи, норми и вредности, „тогаш порано или подоцна Балканот ќе ја соочи Европа со балканизација“.

Договорите, особено меѓународните и вклучени во преговарачката рамка на ЕУ, треба да се почитуваат, изјави денеска лидерот на ГЕРБ и поранешен бугарски премиер Бојко Борисов, коментирајќи ја изјавата македонскиот премиер Христјан Мицкоски дека доколку има политичка волја можно е решение со Бугарија и промена на преговарачката рамка со ЕУ.

Борисов вели дека и покрај добрите односи меѓу него и партнерите во ЕУ, договорите мора да се почитуваат. Тој нагласи дека ќе иницира средба со Мицкоски доколку формира влада и повторно стане бугарски премиер.