Од петок до недела (28-30 јуни) на Осломејско езеро ќе се одржи прв спортско-риболовен натпревар насловен како „Меморијален турнир Горан Дамјаноски“, во чест на прерано починатиот член на спортско-риболовното друштво „Хантер Фиш“ од Кичево.
Целта на овој меморијален турнир е да се помогне на семејството на покојниот Горан па затоа се препорачува секој учесник на турнирот котизацијата од 3000 денари да ја уплати на сметка на неговата сопруга, Наташа Дамјаноска.
– За барем малку да им го разубавиме животот на семејството на прерано починатиот член на СРД „Хантер Фиш“ од Кичево, Горан Дамјаноски, во негова чест одлучивме да го организираме првиот меморијален турнир. Котизацијата на секој од учесниците изнесува 3000 денари, а секоја екипа максимално може да учествува со по три члена. Ќе се лови на трски не подолги од 4 метри .За првите тројца првопласирани риболовци следуваат награди и пехари како и за риболовецот кој ќе ја улови најголемата риба. Учесниците на овој турнир треба да се соберат на 28 јуни до 7.45 часот – истакна Бесмир Елези, претседател на риболовното друштво од Кичево.
Сите што сакаат да помогнат може да го контактираат друштвото и на месинџер и да учествуваат со било какво спонзорство, за колку- толку, да се помогне на неговото семејство, сопругата Наташа и трите малолетни деца.
Зоран Антоски