Фото: Маја Јаневска Илиева

Комбиниран изборен модел во наши услови би значел 60 пратеници да се избираат по пропорционален модел, со една изборна единица за целата земја, без изборен праг, а 60 пратеници преку мнозински систем, во два круга. Инаку, веќе имавме искуство со ваков модел во 1998 год., кога соодносот беше 35/85 (пропорционална листа/мнозински листи)

Став: Целта на изборните модели е да обезбеди рамнотежа меѓу репрезентативност на граѓаните во законодавните домови и можност за формирање на функционални коалиции во извршната власта

Целта на изборните модели е да обезбеди рамнотежа меѓу репрезентативноста на граѓаните во законодавните домови и можноста за формирање функционални коалиции во извршната власт.
Комбиниран изборен модел во наши услови би значел 60 пратеници да се избираат по пропорционален модел, со една изборна единица за целата земја, без изборен праг, а 60 пратеници преку мнозински систем, во два круга. Инаку, веќе имавме искуство со ваков модел во 1998 год., кога соодносот беше 35/85 (пропорционална листа/мнозински листи).
Основна предност на мнозинската компонента е што граѓаните добиваат директен народен претставник во законодавниот дом, така што точно се знае кој ги претставува на ниво на избирачко место. Значи доаѓа до израз квалитетот на кандидатите и се намалува маневарскиот простор на партиските раководства во затворени кругови да ги подготвуваат изборните листи. Тука може да се извлече паралела со локални избори, каде што тежината на кандидатите за градоначалници е пресудна, за разлика од кандидатите за советници, кои сепак се предложени како целина со фиксен редослед, и затоа слободно може да се каже дека „најотворена листа е мнозинската листа“. За разлика од други земји, во Македонија не се избираат кандидатите за пратеници на внатрешни партиски избори, каде што може да се изјаснат поширок круг членови, како во САД на пример. Еден од главните недостатоци на целосен пропорционален модел во една изборна единица е што граѓанинот нема можност да знае кој пратеник или група на пратеници го претставува и до кого треба да се обрати за законодавни прашања што го засегаат. Нема, значи, индивидуална одговорност на пратеникот пред гласачите и секој пратеник е практично „сечиj, и ничиј“. Проблематично е и како рамномерно би се опфатиле сите региони на земјата со свои претставници, нешто што е сепак потранспарентно со сегашните шест изборни единици.
Исто така, со комбиниран модел граѓаните имаат можност за поделено доделување доверба, во смисла дека можат да гласаат за листа на една партија/коалиција, а за кандидат од сосема друга, врз основа на неговиот профил и углед, што го зголемува изборот на гласачите на изборите. Како што, имено, на локални избори може да се гласа за градоначалник и советничка листа од различни партии/коалиции.
При една изборна единица, дијаспората би добила право рамноправно да учествува во изборот на половина од пратениците со граѓаните што живеат во државата. Значи преку пропорционалниот модел, државјаните во странство имаат можност да добијат и свои претставници во Собранието, кои директно би ги застапувале нивните интереси, додека пак мнозинската компонента е исклучиво за граѓаните што се жители на земјата и гласаат на ниво на поединечно избирачко место, според местото на живеење, и се реално најзасегнати од државните политики. Во случај сите пратеници да се избираат на една листа со пропорционален модел, гласот на државјаните од дијаспората би имал иста тежина со гласот на домашното население, што сепак е спорно, со оглед на тоа што дијаспората претежно плаќа даноци и придонесува во фондови во други држави, каде што повеќето и гласаат како двојни државјани.
Инаку, во светот не постои изборен модел каде што сите пратеници се избираат на една листа, и тоа без изборен праг. Аргументите за отворени листи се неосновани затоа што технички не е можно да се избира поединечно пратеник меѓу 120 кандидати, со оглед на тоа што списоците би биле физички предолги. Реално гледано, отворени листи не би направиле разлика за помалите партии, кои во Собранието би биле претставени од носителот, значи партискиот лидер, и уште евентуално еден кандидат, кои се веќе профилирани во јавноста. Што се однесува до предложените изборни прагови што кружат во јавноста, кои не се под 3 отсто, реално истите тие би биле елиминаторни за голем број политички партии.
Дополнителна предност од комбиниран изборен модел е што бројот на гласачи по пратеник е поправедно распореден преку пропорционалната компонента, што е и една од слабостите на актуелниот изборен модел, притоа водејќи сметка дека пратеникот ги претставува сите граѓани од изборната единица, не само тие што гласале, камоли пак само тие што гласале за него.
Друга предност од комбиниран модел е што мнозинската компонента овозможува постабилно мнозинство за победничката партија/коалиција. Доволно е да се видат примерите од последниве години, како Израел, Словенија, Црна Гора, Бугарија и кај нас при претходни избори, каде што се применува исклучиво пропорционален модел. Не случајно најстарите и најстабилни демократии во светот, Британија, САД и Франција, применуваат исклучиво мнозински систем.
Имајќи ги предвид сите овие фактори, оптимално решение за изборен модел во Македонија е комбинираниот, кој би се движел во следниве рамки: половина пратеници да се избираат пропорционално на една листа, без изборен праг, што би било во интерес на помалите партии и би значело со помалку од 1,5 отсто од гласовите да се изборат за пратенички мандат, што е пониско од праговите што кружат во јавноста како можни решенија; другата половина пратеници да се избираат на мнозински листи, во два изборни круга, како што беше случај на изборите во 1990, 1994 и 1998 година.

Е. Петкоски


Повеќе од авторот

Евреите во Треблинка, Бугарите во Преамбула

Улогата на претседателот во уставниот поредок на државата