Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денеска ќе престојува во официјална посета на Македонија, каде што ќе оствари средба со премиерот Христијан Мицкоски.
Според информациите од Владата, предвидена е тет-а-тет средба меѓу двајцата функционери, по што ќе следи и заеднички состанок на владината делегација и делегацијата предводена од Кошта. По разговорите, Мицкоски и Кошта ќе одржат заедничка прес-конференција во Владата.
Посетата на Кошта е дел од неговата регионална турнеја низ Западен Балкан, која започна вчера во Сараево. Во рамки на посетата, тој ќе се сретне со лидерите од регионот и ќе биде ко-претседавач на самитот ЕУ–Западен Балкан што ќе се одржи на 5 јуни во Тиват.
Главни теми на разговорите ќе бидат процесот на проширување на Европската Унија, постепената интеграција на земјите од регионот, регионалната соработка, како и прашањата поврзани со безбедноста и стабилноста.
-Мојата втора турнеја низ Западен Балкан испраќа јасен сигнал: посветеноста на ЕУ кон регионот е реална, исто како и можноста за проширување. Моментумот е тука. Сега е време да се испорачуваат резултати – изјави Кошта во пресрет на посетата.
Во Скопје тој пристигнува од Тирана, а по посетата на земјава ќе отпатува за Приштина и Белград, пред турнејата да ја заврши во Црна Гора.
Самитот ЕУ–Западен Балкан во Тиват ќе биде посветен на темата „Заеднички просперитет и стабилност на ЕУ и Западен Балкан“.


































