Велат дека петтата колона е одамна прочитана книга. Шестата не е, но неа ја сметаат за многу поопасна затоа што изигрува режимска жртва, игра дволично и дрско, не ѝ е туѓа ниту една лага, ниту еден спин
Зборот „колона“ означува редица од луѓе, животни, предмети, автомобили што се движат еден по друг во долга истегната линија, или пак поредок на војска во движење, војници поредени еден по друг на определено растојание. Од сите колони, најпозната е петтата.
Петта колона е израз што се користи за голема група на луѓе што потајно, организирано и координирано спроведува субверзивни дејности против држава или режим, лажно претставувајќи се како лојални поданици и граѓани, а, всушност, ја поддржуваат страната на непријателот на државата. Изразот опишува поединци или групи што им помагаат на странски влади или служби преку доставување разузнавачки податоци и преку ширење дезинформации што предизвикуваат конфузија и деморализација меѓу граѓаните.
Просто речено „петта колона“ е синоним за непријателска активност на поединци или групи, кои јавно се претставуваат како поддржувачи на една опција, а тајно, прикриено или зад грб, работат против неа. Активностите на петтоколонашите се изведуваат преку пропаганда, шпионажа, давање искривиколчени информации, преку саботажи или разни диверзии (не мора само физички и насилни), за да се ослабат одбранбената моќ и единството на државата.
Во современиот јазик изразот има и пошироко значење. Со тој израз се именуваат соработници и платеници на надворешни сили што работат против својата земја, не само на воено-политички туку и на економски и на секој друг план. Петтоколонашите најчесто се прикриени непријатели во сопствените редови, таканаречени внатрешни непријатели.
Според ревносните проследувачи, петтоколонаштвото денес има целосно нов облик, неколку степени повисок и посложен од стариот. Политиколози, социолози, филозофи, правници и експерти сѐ повеќе зборуваат за таканаречената „шеста колона“, која ја оценуваат за многу полукава ѕверка. Ако петтата колона ја сочинувале главно полуилегалци или илегалци, во шестата се лица што дејствуваат на јавна сцена. Нејзините современи припадници не работат против интересите на својата земјата поради различни идеолошки убедувања, туку за пари или за трошки поданичка власт, а во корист на агенда на странска држава или држави.
Оправданото растечко незадоволство од општествените и економските состојби шестоколонашите го користат за предизвикување поголем хаос, работат на уривање на уставниот поредок или на легалните власти (на избори или без нив), под знамето на демократијата и слободата подготвуваат пучеви и применуваат разни други форми на политичко и економско разнебитување на сопствената држава.
Шестоколонашите не се класични предавници на државата и нацијата, како што се опишани петтоколонашите во учебниците и енциклопедиите. Тие од шестата колона се јавни личности, водачи на невладини организации, на фондови и фондации, финансирани со странски пари, кои задачите ги вршат многу посуптилно и поинтелигентно. Според истражувачите, идеологијата на шестата колона е ништење на сѐ што е национално, нејзините припадници националното го сметаат за примитивно, го напаѓаат патриотизмот и се срамат од него.
Велат дека петтата колона е одамна прочитана книга. Шестата не е, но неа ја сметаат за многу поопасна затоа што изигрува режимска жртва, игра дволично и дрско, не ѝ е туѓа ниту една лага, ниту еден спин.
Ако петтата колона во принцип е илегална, полускриена и дел непознаница, шестата е јавна, отворена, таа, меѓу другото, се организира и во таканаречениот слободен печат, како и во многуте електронски весници и телевизии помагани од разни странски фондации, наводно загрижени за демократијата и слободата на медиумите во соодветни земји. Во таквите услови има доста луѓе што се избирани, има и такви што сами се нудат, да бидат меѓу јавачите што застануваат на нејзино чело. Се разбира, за многу добри пари. Накратко: шестата колона ја споредуваат со змија во пазувите на државата
Поимот „петта колона“ е воен термин. Самиот израз потекнува од Шпанската граѓанска војна (1936- 1939), а прв го употребил генералот Емилио Молана, кој му служел на диктаторот Франциско Франко. Генералот објаснувал дека Мадрид ќе го заземе со четири вооружени колони што се наоѓале околу него, но со голема помош на петтата колона, која ја сочинувале симпатизерите на Франко во самиот главен град. „Имам четири колони што се движат кон Мадрид, а петтата е во градот и само чека сигнал да ни се придружи“, наводно рекол Молана.
Историски факт е дека петтата колона дала голем придонес во Франковата победа и воспоставувањето долгогодишна апсолутна, диктаторска власт во Шпанија.
Во текот на Втората светска војна петта колона биле нарекувани оние што соработувале со окупаторот и оние што, дејствувајќи однатре, ја подривале одбраната на сопствената земја. И југословенските комунисти и партизани за време на антифашистичката борба сите воени и цивилни формации, како и поединци, кои не биле на нивна страна ги нарекувале предавници – петтоколонаши. И во македонската историја за време на окупацијата, соработниците на бугарскиот фашистички окупатор биле именувани како предавници и петтоколонаши.
Ете, така пишува во речниците, енциклопедиите и во некои нови анализи и студии правени во одредени држави, а посветени на петтата и шестата колона. Македонија не е исклучок.