Друштвото на филмските работници на Македонија во отворено писмо до јавноста и медиумите објави: „Македонскиот филм е доведен до колапс“. Истото /друштво/ бара од органите во Агенцијата за филм, од техничкиот и идниот министер за култура и од техничката и новата македонска влада, како и од другите релевантни државни институции, итно разгледување на состојбите во Агенцијата за филм и итно запирање на лажната слика што се креира за состојбите во филмската дејност, кога во суштина филмските работници, автори и продуценти ги живеат најлошите денови во историјата на македонската кинематографија.
Кусата и по обем скромна македонска кинематографија како репрезентативен дел на македонската култура, во минатото беше создавана во извесните идеолошко-политички услови во согласност со принципите што ја афирмираа како планска државна дејност. Иако тематски (на изглед) разновидна, на идеолошки план, без исклучок, беше конципирана, прочистена и јасно насочена. Со оглед на фактот дека станува збор за сложена и мошне скапа уметничка дејност, зад која финансиски во целост секогаш стоеше државата, објективно и не ни можеше да се очекува некаков силен и независен авторски печат или идеолошко-политички ангажман. Исклучок беа извесни обиди на чесни и талентирани автори, кои блеснаа и набргу згаснаа во сложената пат позиција на македонската кинематографија. Едно од клучните и суштествени прашања што се наметнуваат, со оглед дека се работи за мошне скапа дејност што го троши скромниот и го потроши (за наши услови не мал) буџетскиот денар, е како да се детектираат вистинскиот проект и вистинскиот автор и како правилно да се насочат и потрошат средствата. Досегашната практика на финансирање на филмското производство, особено во последниот т.н. плурален транзициски период е убав пример на „лов во матно“ и тој дел од нашето културно живеење, освен што не ги дава очекуваните резултати туку сѐ повеќе се заплеткува во матни и никогаш докрај разјаснети, уметнички, профитерски, политикантски мрежи. Во зависност која опција е на власт, таа на своите „политички штитеници широкоградо им доделува средства, некогаш и под притисок“.
Но резултатите, во оваа скапа за наши услови и поими, најчесто се потпросечни, концептите чудни, глобалните естетски текови незабележливи. Копродукциите се уште една нејасна стратегија во македонската кинематографија. Се доделуваат и одлеваат средства на проекти што не ги исполнуваат критериумите и имаат малку допирни точки со она што би требало да претставува македонска кинематографија. За многу од тие проекти по завршувањето со дополнителна арбитража се утврдува „чии се“, како се и како матни зделки завршуваат некаде во лавиринтите на културниот транзициски галиматијас.
Времето покажа дека ниту еден од над 150-те „мали – големи продуценти – независни продуценти“, дузина национални концесионери и „плејада“ квазиавтори и заколнати постмодернисти не се одважи, чие продукциско искуство беа и се рекламите и понекој видеоклип, никој не вложи свои средства во сериозни и квалитетни играни, креативни документарни сегменти.
Нивниот интерес никогаш и не бил играниот или креативниот документарен жанр, туку се ориентирани кон скапо платени реклами и преплатени играни проекти, или понекоја епизода од видот „Историска читанка“ што на времето се правеа и соработуваа во МРТВ, во рамките на редовната образовна и документарна и играна програма каде што и се произведуваа десетици наслови неделно. Според анализите, потрошени се милиони евра… пари, средства колку за изградба на еден нов клинички центар.
– Несигурност и страв дополнително внесува и нефункционалноста на процедурата за прегледувањето извештаи за наменско трошење средства во Агенцијата за филм, проблем што трае од нејзиното основање до денес. Во агенцијата постојат извештаи што се предадени и пред години, а кои кои до ден-денес не се прегледани….! Ние резервни професии и животи немаме! Филмот е нашиот живот, нашата сегашност и иднина – нотираат филмските дејци.
….„Наспроти ваквиот однос на институциите, македонскиот филм со години наназад е амбасадор на македонската култура во светот и успесите, кои нашите филмови ги имаат во последните години и гордо го веат македонското знаме на најголемите светски филмски фестивали во Кан, Венеција, Берлин, Парк Сити, Карлови Вари, а македонската јавност беше особено горда кога успеавме да имаме и две номинации за ’оскар‘“… според мислењето на Друштвото на филмските работници на Македонија… тоа е тоа, а на темата, неколку реда од архивата кинематографија, филм, медиуми.
„Неверојатно е како луѓето во ерата на апсолутната медијализација на стварноста и во потрага по квалитетно време и понатаму упорно одат в кино и со трпение седат два часа во темните киносали и гледаат во еден правец. Ерата на класичното кино престанува во 1983 (за малку пред орвеловската „1984“), кога во комерцијална употреба е пуштен далечинскиот управувач“, подвлекува еретички големиот филмски маг Гринавеј – кој освен филмови, слика, илустрира, прави инсталации, перформанси, си поигрува со законитостите на филмската уметност.
Одењето в кино во ерата и културата на далечинскиот управувач сѐ повеќе наликува на старомодна романтична визита – ќе изјави во една пригода при една посета кај нас Питер Гринавеј – човекот синеаст изнедрен од утробата на филмската магија.
А „заппинг“, како што знаеме – е оној секојдневен медиумски обред, т.н. сурфање по фреквенциите и ТВ-програмите и тактилно-визуелна наслада што нѐ обзема при менување на фреквенциите и ТВ-каналите.
Ваквите еретичките размисли на Гринавеј беа и останаа повод за тревога меѓу домашните „филмаџии“, култур-трегери и организатори на фестивали и манифестации, кои, освен што не предизвикуваат особен интерес, сѐ повеќе стануваат цел на самите себе.
Од друга страна, според теоретскиот дискурс, одговор на филмската индустрија и обид за конкурентност на дејноста што е силно загрозена од интернетот и од подемот и демократизација (поевтинување) на производство на филмови наоѓа во појавата на 3Д-техниките. Сличен обид е правен и во минатото со воведување филмски формати како СИНЕРАМА, ВИСТАВИЖН и сл. Тие и тогаш и сега упорно, безмалку го канонизираа големиот екран како единствениот медиум каде што можат да се промовираат визии и генијални синеастички размисли, на големи платна и 3Д-доживувања, стереофонијата… Но, и покрај сѐ, сведоци сме на поприсутната замена на гледање филмови на голем екран со телевизискиот бескрај и технологии на домашно кино каде што богатството на жанрови и естетска разнообразност, скриени во Мрежата, се на располагање секојдневно и без последици по трошење залудно квалитетно драгоцено време.
Вообичаеното пробивање на телевизискиот тек во вистинскиот живот не ја одминува филмската уметност во која сѐ повеќе се чувствува стварност обликувана од ТВ-моделите. Многу од филмските протагонисти на патот кон ѕвездите најпрвин достигнуваат високо ниво на популарност во на изглед етеричната ТВ-површност, за потоа со методите на естетска детоксикација да се доведат до степен на погодна форма за филмска експлоатација.
Една од последиците на „римоут контрол“ навиките, без оглед на драматично зголемениот број на киногледачите и бројот на киносалите, е една неверојатна, обратнопропорционална, блискост со филмот. Благодарение токму на демократизацијата на високотехнолошките достигнувања. Без процедури и без силни трошоци во нашите домови секојдневно се слеваат безброј филмски стории, па затоа не треба да збунува искреноста на Гринавеј кога тврди дека исчезнувањето на киното почнато во предорвеловскиот период е факт. Големиот екран е заменет со милиони мали активни огледала во кои секојдневно втренчено сме загледани и каде што границата меѓу фикциските и емпириските светови станува порозна и постепено, но сигурно, исчезнува.