Гледано оттука, сè се врти околу Северна, неправдите што ни ги нанесуваат и (пустите) надежи и очекувања дека конечно дошло време да се исправиме гордо. Меѓутоа, домашниот пазар и оној надвор се различна работа. Претседателката на Нашата земја (во чие родољубие не се сомневам ни за миг) само што успеа да даде храбра („сократовска?! Не разбрав што врска има Сократ со ова) заклетва, а веќе ја фати вителот на геополитиката. Откако дома двапати се сретна со украинската амбасадорка, па телефонски разговараше со Зеленски, љубезно ја поттурна група амбасадори во нејзината резиденција, и таа веќе почна повеќе да се грижи за обновата и мирот на Украина отколку што има време да се фати за домашните задачи. (Доделувањето на мандатот на Мицковски, ќе се сложите, не претставуваше особено возбудлив чин, ами наликуваше повеќе на семејна фотографија.) Туку, оваа колумна не се однесува на неа, туку на многу поважни нешта за кои не знам дали нејзината советничка придружба (од професор и новинар) воопшто е подготвена.
По циркуската конференција за обнова на земја во војна, одржана во Берлин, а на која главни ѕвезди беа канцелар што тукушто претрпе катастрофален пораз на европските избори и има поддршка од само 20 отсто од гласачите и еден претседател со истечен мандат, а е врховен командант на (речиси) мртва војска, се одржа и т.н. Самит за мир во Украина. Ако се изземе одлуката на лидерите на Г7-земјите „обновата“ (на земја што сè уште е во дезинтеграција по секој воен удар) да се плаќа со каматите на замрзнатите руски државни резерви во западните банки, тогаш никаква конкретна акција не е ни на повидок. Швајцарија, која уште пред две години фактички го загуби имиџот на неутрална држава, сега се обидува да се претстави како миротворец: домаќин на самитот, ама не и учесник! Од поканети 160 земји, се појавија едвај деведесетина, и тоа не на највисок ранг. Но бидејќи сите се свесни дека е ова „кенгурски“ самит, а дека за мир нема ни да стане збор, битно е броењето на знаменцата на свечената маса. Македонското „гордо“ ќе се вее – секаде каде што ќе ни наложи Западот. Им требаме за статистика, за бројка. Но ако ги следиме изјавите на генералниот секретар Столтенберг, НАТО наскоро навистина ќе се потпира и на нас: се очекува одлука што ќе ги обврзе сите земји членки да донираат оружје и воена опрема за продолжување на војната во Украина. Ме следите, нели? Да повторам: во исто време си играат божем мировен самит, во духот на „сметка без крчмарот“ – т.е. без присуство на едната завојувана страна, всушност онаа што е воено супериорна, со цел да одржат „комуникациска показна вежба“ (како што самитот го опиша една врвна француска експертка за глобална безбедност на француски ТВ канал). Се собраа не очекувајќи никакви резултати (барем примирје, ако не на мир), сиот настан има функција на создавање имиџ/привид дека „нешто се прави за мирот“, а се збутале во еден планински замок над Луцерн, чувани од толкав број војници колку што има целата македонска армија. Ѕвездата на настанот е, се разбира, Зеленски, човекот што го послуша Борис Џонсон, поранешниот британски премиер, па еден месец по руската инвазија одби примирје подготвено во Турција.
Оттогаш на душа му лежат речиси половина милион души, и расчеречена и разурната земја. Но новиот крал Мида (како што го ословуваат, бидејќи сè што ќе побараше од западните влади желни за војничка победа, добиваше) како да ја губи својата моќ. Има конкуренција. Самитот уште незапочнат, а веќе беше засенет со скептицизам. Всушност, ваков „мировен“ самит не знам дали заслужува внимание колку една колумна. Пиши „пропаднато“, уште еден знак на поддршка на „меѓународната заедница“ (од која недостигаат не само Русија и Кина туку и најголемиот дел на земјите од глобалното мнозинство), која се сведува на тапкање по рамо. За тоа време, Украина доби уште посовремени ракетни системи и зелено светло со нив да почне да удира на цели на руска територија. Значи, ем губи на свој терен, ем ескалира и одбива разговори со посилниот непријател. Човек би помислил дека некој овде сака нуклеарен судир, дека намерно оди по работ на амбисот… И да, рускиот одговор е во вид на реминисценција на „Кубанската криза“, откако во кубанските води впловија нуклеарни подморници.
Но тоа не е сè што светот го турка во амбис без излез. За миг ќе се воздржам пак да пишувам за злосторствата во Газа (која се сведе на еден град, па сега ја викаме Рафа). Ќе се воздржам од повторување на тезата дека оние „миротворците“ што во погорниот пасус ронат солзи над судбината на 500 загинати украински деца и денес поддржуваат геноцид во кој веќе загинаа над 17.000 палестински деца, а други и натаму умираат од бомби, глад, жед и болести. Има овде кај нас едни што мислат дека ЗНААТ, па ме обвинуваат дека многу солзи сум изронила над палестинските деца, а не сум ги жалела украинските. Какви морони се тоа ако мислат дека моите солзи се битен фактор за броење, а не гледаат каква политика следиме како слепци – милитантна, геноцидна, империјална! За миг нека ми простат оние кутри души што немаат сини очиња и бела кожа, но анализата бара внимание на уште една експлозивна работа за која овде не се зборува и не знам дали и воопшто некој ја следи.
На другата страна на планетата, американските (и британските) „миротворци“ чинат сè за да го украинизираат и Тајван. И покрај официјалната политика според која Вашингтон ја призна „единствената Кина“ (заедно со Тајван), онаа што ги одмрзна односите меѓу Пекинг и Вашингтон, на терен се случува не само милитаризација на Тајванскиот Теснец туку и на поширокиот регион (вклучувајќи ги сега и Филипините). Накусо, среде изборна година, американската политика не може без војни како што зависник не може без дрога. Претстојниот самит на НАТО во Вашингтон, за жал, овде се гледа само низ призма на некаков протест на Мицотакис дека македонските власти не го почитуваат Преспанскиот договор, па дури одат дотаму да прогнозираат дека Грција ќе барала исклучување на Македонија од Алијансата. Ај што таква одредба и постапка не постојат, туку НАТО има намера да се глобализира сè до Далечниот Исток. И шуто и рогато, и сиромашно и богато, и демократско и деспотско – ама под знамето на „атлантицизмот“ (географски кажано, Атлантикот се шири до Пацификот ама и до Арктикот). Што е тоа ако не милитантен Левијатан што сака да ги проголта и ООН? Мировното движење во САД е на нозе против самитот што е во подготовка.
Која ми е поентата на оваа груба скица на случувањата во светот? Накусо, глобалното село гори; Нерон повеќе сака да го гледа Рим во оган отколку да види мир. Бајден, кој најчесто разговара со невидливи другарчиња и не знае каде се наоѓа, донесе одлука за продолжување на „вонредната состојба на Западен Балкан“. Насила, ќе станеме и дисиденти дури и ако си ги гледаме домашните маки, а не пак глобалните. Затоа некои се чешлаат, други внимаваат на стајлингот и чантите, па дури и на модните дизајни и смешните чекори фатени во некакви паузи пред сликање – но, никој не сака да ви ја каже вистината. А таа е дека сме на чекор до трета светска војна (лекторите секогаш она големо Т на почетокот ми го коригираат во мало, бидејќи мислат дека таа е само апстрактен, а не историски поим.). Малкумина сакаат да чујат вознемирувачки вести од егзистенцијални размери. Кажувачите на вистината се изретчуваат. Ги гонат како непријатели од „1984“. Сите треба да веруваме дека истовремено е можен и мировен самит и ескалација на војната, па згора на сè и дека Украина ќе ја победи Русија и така ќе победела правдата. Класичен пример на двомисла и новоговор, во кои војната е мир и мирот е војна. Честопати сум им благодарна на неуморните што сè уште имаат храброст и мотивација да предупредат и да кажат дека нема возрасни луѓе во собата (центрите на одлучување). Ние месечариме кон трета светска војна (за која мислам дека е започната). Во ваквите апели би се чувствувала крајно осамена, па дури и би си го преиспитувала здравиот разум да не се луѓе како една плејада јавни интелектуалци (сите оние на црната листа, која дури и Џорџ Клуни почна да ја пополнува). Некои од нив ги познавам лично, некои посредно – Џефри Сакс, Ричард Саква, Јан Оберг, Виџеј Прашад, Ванг Шаокуанг, Френсис Бојл, Ричард Фолк, Јанис Варуфакис, Радика Десаи, Глен Дисен, Џон Мершајмер, Жџанг Веивеи… Срцето ми се стега подолго време поради отсуството на Ноам Чомски, од кои некои почнаа и јавно да се збогуваат. Во неговото последно интервју од пред една година, тој јасно ги дефинираше двете егзистенцијални закани за животот на планетата: нуклеарниот судир и еколошката пропаст. Сламка за спас на овој забеган свет е сепак Кина, мудриот и промислен џин, кој се обидува да го поврзе светот во конструктивен дијалог за сите егзистенцијални прашања: развој, заедничка и споделена безбедност, цивилизациски прогрес и еколошка одржливост. Затоа Кина не учествува на парадите на западното лицемерство, како ова во Луцерн. Но мора да зачекори порешително на политичката и дипломатската сцена – бидејќи сонцето сепак изгрева на исток.