Во Музејот на современата уметност – Скопје е отворена самостојната изложба „Линијата што избледнува: Приказни на работ на легалноста“ на Албан Муја. Куратор на поставката е Владимир Јанчевски. Албан Муја (Косово) создава видеоинсталации, филмови, цртежи, слики, фотографии и јавни уметнички дела под влијание на тековните процеси на општествена, политичка и економска трансформација во неговото родно Косово и на Балканот. Преку својата пракса ги истражува историјата и општествено-политичките теми, поврзувајќи ги со неговата моментална позиција во Косово.
Изложбата на Албан Муја прикажува избор од неговите дела во периодот од 2016 до 2023 година. Замислена како обид за поврзување на комплементарни дела, кои ја прикажуваат и критички ја опсервираат споделената состојба и нашите заедничка засегнатост преку границите, изложбата е фокусирана на секојдневието и на искуството на ситуација на принудна транзиција и продолжена неизвесност. Некои од проектите на Муја се фокусираат на нетипични згради, како што се скромните семејни куќи, кои неконтролирано се издигнуваат над покривите. Навлегувајќи во анализирање на овој неконвенционален градски пејзаж и урбаната стагнација и контурите што се развиваат, Муја создава мапа на градот, која истовремено сведочи за потфрлањето на системот, како и за индивидуалниот „креативен“ пристап кон проблемот.
– Муја ги отсликува и коментира современото општество и неговите тешкотии во многу специфичен геополитички контекст. Употребувајќи критичка позиција во комбинација со иронија и духовитост, неговите уметнички дела се справуваат со горчината на геополитичкиот, општествениот и уметничкиот систем. Имплицирајќи поглед и збир на структурни односи, географски и територијални, уметникот го свртува вниманието кон народите од овој регион – дома, како и во нивните заедници во странство, традиционално вкоренети во градежните работи, феноменот на мигрантскиот труд и проблемот да се биде лишен од социјални алатки, економска и правна сигурност – вели кураторот Јанчевски.
Муја има прикажано дела и идеи на различни самостојни и групни изложби, вклучувајќи и филмски фестивали и Павилјонот на Косово на 58. Венециско биенале.