По финансиската криза на „Агрокор“, се намали прометот на загрепската берза, а единствен промет се остварува со откуп на сопствените акции од побогатите хрватски компании
Финансиската криза на најголемата хрватска компанија „Агрокор“ доведе до пад на прометот на домашниот пазар на капитал. Последните месеци, наместо домашни и странски инвеститори, симболичниот промет на умртвената загрепска берза го одржуваат самите компании, чии акции котираат на пазарот на акции. Остварениот промет е на симболично ниво, а берзанските индекси се во пад и се наоѓаат на најниско ниво во последните две години, пишува во текстот објавен на Тпортал.
Во ваква берзанска состојба, компаниите што имаат вишок финансиски средства сѐ повеќе ги вложуваат во купување на сопствените акции. Така влијаат на зголемување на побарувачката и на стабилизирање на вредноста на акциите, а можат да ги остваруваат и другите поставени деловни цели. Компаниите често пристапуваат кон откуп на акциите на берзата со намера да ги повлечат од прометот. На овој начин ги јакнат клучните показатели за успешното дејствување и создаваат потенцијал за зголемување на дивидендата.
Еден од најактивните купувачи на сопствени акции е „Хрватски телеком“ (ХТ), кој од средината на минатата година ја спроведува програмата на откуп. До 20 април 2012-та ХТ планира да откупи 2,5 милиони акции, што претставува три отсто од вкупниот број издадени акции. Во ХТ нагласуваат дека откупот на сопствени акции има позитивен ефект на сите акционери, во вид на дополнителен поврат на средствата на акционерите, покрај добивањето редовна дивиденда. Со ова се подобрува и капиталната структура на друштвото.
Во периодот на падот на цените сопствени акции интензивно купува и „Валамар ривиера“. Најголемата компанија во Хрватска поседува над 2,5 милиони сопствени акции, што е околу два отсто на основниот капитал на друштвото. Откупените акции се користат за исплата на дивидендата, за што се одлучија и акционерите, наместо да бараат исплата на пари. Успешните компании често купуваат сопствени акции за да ги наградат менаџерите и работниците. Овој модел го практикуваат неколку познати компании. Во рамките на политиката за наградување, „Атлантик груп“ реши на членовите на управниот одбор да им се исплатува годишниот додаток во акции, под услов да бидат остварени планираните резултати во дејствувањето во износ од 95 отсто од планот на консолидираната бруто-добивка. Во 2017 година оваа компанија ги награди своите раководители со 404 акции.
Некои компании, како „Краш“ и „Адрис груп“, ги откупуваат сопствените акции за реализација на програмата на работничко акционерство.
Понекогаш откупот на сопствени акции е поврзан со спречување непријателско преземање. Компаниите на овој начин ја зајакнуваат сопственичката структура и ја подигнуваат цената, а ја намалуваат понудата на акциите.