Фото: „Нова Македонија“

СП ВО РАКОМЕТ
Во продажба билетите за дуелите во Вараждин и Пореч

Од вчера напладне почна онлајн продажбата на билети за натпреварите во групите во Пореч и Вараждин од Светското првенство (СП) 2025, кое ќе се одржи во Хрватска, Данска и во Норвешка. Црвено-жолтите во групната фаза ќе играат во Вараждин, а цените на билетите за еден ден, односно за двата меча, во зависност од местото за седење, се 50, односно 70 евра, што е мошне скапо. Ова значи дека секој навивач ќе треба да потроши од 150 до 210 евра само за дуелите од првиот круг.
Македонија на СП 2025 е во група со селекциите на Унгарија, Холандија и на Гвинеја, а пласман во вториот круг ќе обезбедат трите најдобри селекции од групата, додека четвртата ќе продолжи во Президент-купот. Избраниците на Лазаров со Унгарија ќе играат на 15 јануари, со Холандија на 17 јануари, а два дена подоцна и со дебитантот на СП, Гвинеја. Г.И.


ТЕНИС

Ѓоковиќ опериран во Париз

Најдобриот светски тенисер, Србинот Новак Ѓоковиќ, вчераутро го оперираше коленото во клиника во Париз, пренесува италијанскиот весник „Газета дело спорт“. Како што е познато, Ѓоковиќ одлучи да се повлече од гренслем-турнирот „Ролан Гарос“, откако го повреди менискусот на десното колено по маратонската победа (3-2 во сетови) во осминафиналниот меч против Аргентинецот Франциско Серундоло. Доколку нема постоперативни компликации со коленото, српскиот тенисер би требало да може да стане уште вчера попладне со помош на патерици.
Италијанските медиуми уште пренесуваат дека Ѓоковиќ ќе биде надвор од тениските терени три недели, така што најверојатно не ќе може да настапи на годинашниот гренслем-турнир Вимблдон 2024. Ѓоковиќ се надева дека ќе биде целосно закрепнат до Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз, кои треба да започнат на 26 јули годинава. Г.И.