Алармантната состојба во нашето високо образование ми дава за право да го ставам под наводници. Бидејќи тоа не е високо и не е образование. Сѐ додека се мериме самите со себе, па си дозволуваме да се фалиме, да си делиме награди за разни достигнувања, кои се локални и неважни, дотогаш ќе биде образованието во слободен пад. Да имавме огледало да се погледнеме, па да имавме храброст да си признаеме дека сѐ што фативме „позлативме“, можеби ќе имаше некоја надеж. Вака потонавме во провинцијализам, кој е самозадоволен, дури и надмен во сета своја неукост, несакање да се научи, да се споредува и хронична инертност. И уште имаме смелост на цела уста да лелекаме зошто најспособните млади се иселуваат.
Доказ за тоа е срамната позиција на нашите универзитети на секоја можна релевантна светска листа, која ги рангира по разни критериуми светските универзитети. Што да се каже кога ќе видите дека на Шангајската листа, која дава податоци до 1.000 универзитети, нема ниту еден наш. Но затоа ги има Белград, Загреб и Љубљана, сите под 500-то место. Кога, пак, ќе ја отворите листата на Центарот за рангирање на светските универзитети (CWUR), ќе го пронајдете нашиот најфален УКИМ на 1.990-то место од 2.000. За другите наши универзитети воопшто нема место на оваа листа. На „Вебометрикс“, УКИМ е на 1.598-то место (за една година паднал за 72 места), а другите наши универзитети, вкупно 23 на број, немојте да се смеете, се распоредени во низата до 32.029-то место. Универзитети како Сплит, Крагуевац, Нови Сад, Риека се далеку подобро рангирани од нашиве првенци. Кога ќе го видите ова, помислувате дека можеби најчесно кон студентите би било затворање на сите вакви шупливи згради што се нарекуваат универзитети, а државата да ги финансира најдобрите да студираат надвор со обврска да се вратат. Инаку, без солидно образование нема ниту економија, ниту здравство, ниту патишта, нема ништо. Нема држава.
Како дојдовме до овде?
Прво, се сеќавам кога имавме посебно министерство за наука и високо образование, кое овие две важни работи ги работеше во спрега. Тогаш, за разлика од последниве декади, имаше и пари за наука без која нема универзитетско образование. Откога сѐ се подведе под „образование“, па се измешаа тоалетите во училиштата, спортските сали, учебниците со грешки (сите важни проблеми, но ќе признаете различни), заедно со сосема специфичните потреби на високото образование и науката, работите отидоа во Хондурас. Едноставно, од злато да е искован кој било министер (а не бил ниту еден), не може да се справува со толку различни проблеми и потреби. Се измислуваат министерства за „ланскиот снег“, но ова најважното за една држава, никако да се реши.
Второ, имаме министерство за образование што најчесто служело за партиски поткусурувања, па оттаму и многу, многу слаби министри. Тие многу често биле и универзитетски професори, но тоа не е ниту доволно, ниту гаранција дека работата ќе се помрдне. Ако истиот тој не работел на проекти за образовни процеси (не од неговата струка, туку точно за процесите), ако не го знае патот по кој треба да оди во насока на вистински и храбри реформи, ако не бил професор и на некој странски, силен универзитет, попусто е што е локален професор. Дури, тој може да е и суперпрофесор во својата струка, но да не ја проучувал комплексноста на овој специфичен систем. Со други зборови, можеле и Рамче да го стават, и можеби Рамче и помали штети ќе направел.
Трето, по што се истакна владата на Заев, по носењето на скандалозниот Закон за високо образование. Оној претходно, предложен од владата на Груевски беше лош и неостварлив, но последниот е катастрофален. Од високото образование направи неизорана ливада во која може секој што сака и како сака да сее. Па така, немате, замислете, национални стандарди за унапредување на професорите, туку тоа е оставено на самите универзитети. И сето под плаштот на „академска слобода“. Затоа на еден универзитет професорот треба да исполни некои критериуми, какви-такви, а на друг се унапредува дека го сака колективот. Дека е забавен, најверојатно. Или нема кој да му го предава предметот. Каде, бре, го има ова? Веројатно имаме најголем број „професори“ по жител и најголем број факултети (правни факултети во мала Македонија околу 20). На секоја ливада, факултет. Дисперзирани на дисперзирани факултети. И се разбира упропастени студенти, кои еднаш неделно ќе го видат професорот и адио до наредната недела. Ако е прооден патот. Ова мора веднаш да се реши.
Четврто, секој што станал асистент, по правило мора да заврши како редовен професор. Како да се првачиња што мораат да го поминат целото основно школо. Во цел свет одат во пензија и како доценти, бидејќи едноставно не се отвора место за професор. Кај нас, на тој пат нема никаква пречка. Па зошто и да има, кога со толкав голем број (измислени) универзитети, факултети и насоки, мора да има многу професори, кои тоа реално никаде не би биле. Тие не би можеле да предаваат ниту на универзитети на Балканов, а не во Европа и подалеку. Странски јазици не знаат. Затоа и пропадна програмата за размена „Еразмус“, каде што требаше и наши професори да предаваат во размена со странци. Како кутрите ќе предаваат? Со раце, со нозе? И што ќе предаваат кога немаат никаква научна подлога? Научно списание не виделе, освен некое книже во упростена форма. Или тетратка. Е токму поради оваа наезда на професори, кои, нели, мораат да напредуваат, но и да се финансираат, на студентите им се нудат цели измислени насоки и предмети, какви што нема никаде. На пример, на техничките факултети имате од прва година некакви насоки за, нели, „модерниот“ менаџмент. Студентот уште нема основна струка, на пример за електро или за машински инженер, но затоа ќе учи да менаџира. По нашински, да управува. Со што? Повторно излажани и упропастени генерации.
Петто, никако не се решава проблемот со начинот на финансирање на универзитетите. Со години се зборува за фамозниот фонд и од тоа нема ништо. Останавме последни да ги финансираме универзитетите по бројот на запишани студенти, наместо по комплексната формула на таканаречениот „образовен сервис“, односно формула во која и тоа како е присутен квалитетот што го добива студентот. Поради ова финансирање „по студент“ ризикуваме да ги затвориме, да речеме, факултетите за македонски јазик, историја, математика, физика, биологија и други каде што по правило нема голем број студенти.
Шесто, се избегнуваат специјалистичките или професионални студии со помало траење и сите одат на академски студии. Како да ќе бидат научници. Тоа е најголема глупост. За да станете програмер навистина не ви требаат 3+2 години, туку најмногу две. Секој не го бива за наука, за да студира без потреба толку долго, а на пазарот на трудот и тоа како му се потребни специјалисти во полно области. Поевтино и за семејствата и за државата. Ова мора посебно да се стимулира.
Седмо, наука кај нас нема бидејќи се финансира, да речеме,20-40 пати помалку од на пример Република Хрватска и Република Бугарија.
Се обидуваат да ни претстават дека давањето одреден број стипендии на студенти за студирање надвор е финансирање во науката. Каква лага. Немаме пристап, ниту професорите ниту студентите, до дигитални библиотеки со научни списанија (само спорадично понекаде, без систем) и очекуваме сериозно студирање? Невозможна мисија. Токму тоа е клучот за неквалитет, за провинцијализам, за залажување и директно деградирање на системот. Кога немате постојано свежи и најнови информации во науката, универзитетите стануваат обични предавални на застарени знаења.
Многу проблеми се напластени, како оној за студентскиот стандард, кој е споредлив со некои африкански земји, за запустените библиотеки (можат да бидат и дигитални), за дигитализацијата на универзитетите за која веќе пишував, за Агенцијата за квалитет, која самата шири неквалитет и во која како низ решето поминуваат измислени наставни програми, се акредитира сѐ и сешто, не се евалвира ништо како што треба, им се делат лиценци на професори што тоа не би смееле да бидат итн.
Со еден збор, целосен пораз на едно образование, целосен пораз на една држава.