Завршна изложба на дела од членовите на ликовното студио „Арс вивенди“ од Скопје
Вчера во НУ дом на културата „Кочо Рацин“ – Скопје, во големата сала – сутерен, беше отворена деветнаесеттата завршна изложба на дела изработени од членови на ликовното студио „Арс вивенди“, под менторство на академскиот сликар и ликовен педагог м-р Тони Шулајковски. Наедно, на младите уметници им беа доделени дипломи за учебната 2023/2024 година.
Во ликовното студиото „Арс вивенди“ се изучуваат и се работи со повеќе техники, кои им овозможуваат на членовите на студиото да се изразуваат креативно. Оваа година на завршната изложба беа изложени дела работени во техниките: гваж, акварел, темпера, акрил на платно, цртеж со молив, фломастери, дрвени боички, јаглен и пастел.
„Насочи го сопствениот потенцијал во вистински правец“ е мото на „Арс вивенди“, ликовно студио, коешто деветнаесет години им го покажува правецот на своите многубројни и успешни членови.
М-р Тони Шулајковски е академски сликар и ликовен педагог. Дипломирал на факултетот за Ликовни уметности – Скопје, на Педагошкиот оддел, насока сликарство во класата на проф. Ана Темкова во 1992 година. Член е на ДЛУМ од 1993 година. Од учебна 1996/1997 година до денес работи како ликовен педагог во матичното училиште ООУ „Петар Поп Арсов“, од 2001 до 2021 и во ООУ „Аврам Писевски“, а од 2021 во ООУ „Војдан Чернодрински“. Постдипломски студии – насока сликарство завршил на ФЛУ во класата на проф. Родољуб Анастасов во 2002 година. Од 2005 работи со талентирани деца во приватното ликовно студио „Арс вивенди“ што го основа со Дијана Петкова – проект-менаџерка. Реализирал 56 самостојни, а учествувал на стотина групни изложби. Добитник е на голем број награди.