Неодамна, на одбележувањето две децении од последното големо проширување на Европската Унија, амбасадорите на ЕУ и на Словенија во Македонија, подгревајќи ги надежите за ново големо отворање на европската врата, ѝ порачаа на земјата дека треба да работи на европската иднина, на реформски план, со нови и дополнителни, одредени жртви… До кога жртви?! И остана ли уште нешто да се жртвува?! Зарем не е доволно нашето искажано громогласно демократско НЕ до Брисел, Атина, Софија…
Колку повеќе отстапуваме, толку повеќе ќе ни се испорачуваат барања, уцени, ултиматуми
Речиси еден месец по завршувањето на парламентарните и претседателските избори во Македонија, на кои македонските граѓани со својот глас и избор изразија длабок сомнеж кон политиките на доскорешната власт, отфрлајќи го патот кон ЕУ што го покажуваше таа власт (полн со идентитетски жртвувања), а од другата страна дополнет со непринципиелни ЕУ-уцени, притисоци и неисполнети ветувања од другите страни, сега дел од претставниците на дипломатскиот кор во земјава продолжуваат да настапуваат со онаа „реторика на скептичност за напредокот на нашите евроинтеграции“, доколку државата не е подготвена на нови и нови жртви!?
Почна нова серија „дипломатски“ пораки кон Македонија: „Мора да направат одредени жртвувања“!
Неодамна, на одбележувањето две децении од последното големо проширување на Европската Унија, амбасадорите на ЕУ и на Словенија во Македонија, подгревајќи ги надежите за ново големо отворање на европската врата, ѝ порачаа на земјата дека треба да работи на европската иднина, на реформски план и со одредени жртви.
– Членството во ЕУ носи голем број предности. Вашите политичари многу добро знаат кои се тие предности. Тие мора да направат одредени жртвувања за да ги добијат тие предности. Ние исто така направивме жртвувања. Тие мора да го следат нашиот пример – изјави Грегор Прескер, амбасадорот на Словенија, препорачувајќи им на македонските граѓани подготвеност за нови жртвувања.
Со „елегантен“ дипломатски заборав за досегашните отстапки со колосална димензија на национални жртви во смисла на национално деноминирање и автодеградација што ги направи Македонија (а никој во ЕУ досега не бил принуден на таков вид отстапки), странските амбасадори во земјава „превидувајќи“ ги неисполнетите ветувања на Унијата, практично ја поддржуваат воспоставената практика во македонските евроинтеграции на уцени и прекршување на меѓународното право и човековите права. Сведувајќи го копенхашкиот критериум за добрососедски односи на уценувачките каприци на македонските ЕУ-соседи, на Македонија и понатаму од странските претставници ѝ се испраќаат заплашувања за блокирање на евроинтеграциите, каде што и покрај сите досегашни отстапки, речиси и да нема значително поместување.
Да се препознаат уцените и заканите кон нас, да се интернационализира тој
проблем и да се побараат принципиелни поддржувачи
Иако формално преговорите се отворени, преговарачкиот процес со отворање на поглавјата е уценет со менување на Уставот и нереципрочно внесување на Бугарите во македонскиот устав. Во меѓувреме, повторно се активираа познатите заканувачки пораки од Грција за вето на македонските евроинтеграции, доколку еднострано (само од Македонија) нема придржување до Преспанскиот договор, чие спроведување грчката страна не го смета и за своја обврска.
– Државата има интерес да продолжи на својот пат кон ЕУ. Ние во ЕУ сме подготвени да работиме со новата влада, со секој што го поддржува процесот на реформи, кој е потребен за придружување на ЕУ – изјави евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир, на истото одбележување од големото проширување на Унијата пред 20 години.
Две децении подоцна, од Европската Унија отворено стигнуваат пораки за намален, речиси исчезнат ентузијазам за проширувањето. Некои од европските лидери и дипломати, веќе и не сметаат дека е прекршување на политичкиот морал и етика да им се даваат лажни ветувања на земјите од Западен Балкан, а особено на Македонија. (?!) Европолитиката речиси и не се занимава и како да не ја ни интересираат основните вредности и принципи на Европската Унија, не ја интересираат ниту сопствените акти со кои се регулира почитувањето на човековите права, а одредбите од меѓународното се манипулираат така за земјите кандидати (најчесто Македонија) да бидат претставени како оние што го прекршуваат, а уценувачите (Бугарија, Грција) настапуваат во јавноста како жртви. Затоа, задача на новите власти, на сите нивоа и во сите форми, ќе биде организирање една ефективна, фокусирана кампања до клучните (европски и светски) меѓународни институции, до влијателните (европски и светски) административни центри, но и во регионот, каде што ќе се објаснува и лобира за македонската (и единствената) вистина, за суштинските предизвици на меѓународното право, кое одредени центри на моќ стравотно го извртеа и деградираа токму на примерот на Македонија. Тоа би било една политичко- дипломатска кампања, која изостануваше низ изминативе години, при што им ја подаривме шансата на нашите соседи еднострано да го наметнат својот хегемонистички став, прикажувајќи го како нормален, историски тек и нивно право!?
Никовски: Ако сакаме да бидеме членка на ЕУ (а народот сака), власта нема избор, освен да менува сѐ што ни беше досега силеџиски наметнато
Сега, по изборите во Македонија, кога веќе се конституира новата власт, а пред изборите во Европската Унија (од 6 до 9 јуни), европските дипломати во земјава, (не)дипломатски наметнуваат дилема како ќе продолжи нашиот европскиот пат ако по сите неисполнети европски ветувања, македонската политика наместо да прифати нови жртвувања на националните интереси, треба најпрво да побара од ЕУ само – и само, да остане доследна на своите базични вредности и принципи и да ги применува! За почеток – реципроцитет во билатералните односи, како основен принцип на меѓународното право, а потоа (може и пред тоа) почитување на човековите права за самоопределување и самоименување на народите и државите.
– Странските амбасадори, вклучувајќи го и тој од ЕУ, се пратени тука да ги чуваат нивните интереси, не нашите. Досегашна власт на Македонија го урниса нашиот пат кон Брисел, како и сѐ друго во државата, а новата власт нема никаков избор, освен да започне со радикални промени. Недискутабилен факт е дека сегашната преговарачка рамка, подготвено под директен диктат на Софија е брана преку која Македонија никогаш не може да стигне во Унијата. Ако сакаме да бидеме членка на ЕУ (а народот сака), власта нема избор, освен да менува сѐ што ни беше досега силеџиски наметнато. Излез од ќор-сокакот е поништување на вториот протокол со Бугарија, кој автоматски ги урива и преговарачката рамка и уцената за промена на Уставот. Без таков потег нема излез од тунелот. Колку ќе биде власта подготвена за такви потези, ќе треба да почекаме за да видиме. А странските амбасадори, Брисел, Вашингтон… неизбежно ќе продолжат со своите приказни – вели поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски.