Во големиот амфитеатар на Правниот факултет – Кичево, со мала свеченост денес беше промовирана 12-та генерација додипломци и магистри, кои во изминатите 12 месеци го завршиле своето образование на овој факултет, кој прослави и мал јубилеј – 15 години од почетокот со работа. На денешната промоција беа присутни Проректорите на УКЛО д-р Јове Талески и д-р Горан Илиќ, како и повеќето професори на Правниот факултет Кичево.
Присутните на оваа промоција ги поздрави и им посака успешна кариера деканката на Правниот факултет – Кичево, Светлана Вељаноска.
– Гледајќи пред мене, денес гледам млади луѓе кои имав можност да ги следам во нивниот пат додека студиравте на Правниот факултет Кичево. Пред четири години вие бевте штотуку завршени матуранти, полни со елан и желба да го најдете своето место во академска средина во нашата земја. Одбравте да бидете дел од Правниот факултет и сега кога сте на крајот на вашиот пат на науката, знам дека сте сигурни во себе и дека сте ја избрале вистинската професија за вас. Денес пред мене гледам интелектуалци кои ја оствариле својата цел и станале дипломирани правници и магистри на правни науки. Вие бевте отворени за предизвиците кои ги поставивме пред вас и во целост ги искористивте предизвиците кои во ги дадовме – истакна деканката Вељаноска.
Таа нагласи дека Правниот факултет – Кичево горд на досегашните студенти.
– Правниот факултет – Кичево денес е горд на сите вас своите досегашни студенти и идни алумни и верувајте дека со нетрпение очекуваме да слушнеме за вас и за тоа каде ќе го реализирате својот професионален развој во наредните години. Само затоа што вашите студии завршија не значи дека вашата врска со правниот факултет треба засекогаш да прекине – подвлече деканката.
Секретарот на Правниот факултет – Кичево м-р Гоце Велески потсети, дека од основањето на Правниот факултет до денес на истиот дипломирале вкупно 1.186 студенти, додека 405 магистрирале. Исто така од овој факултет веќе излегоа и двајца доктори на науки, а во настава активни се уште 41 докторанти, кои во наредните неколку години ќе го заокружат своето образование.
За студент на генерацијата беше прогласена Елена Грујоска од Прилеп, која четигодишните студии ги заврши со просек 9,75. З.А.