Илустрација: „Нова Македонија“

Сериозноста во приодот од справувањето со високата корупција и организираниот (системски) криминал сѐ погласно, почесто и со конкретни дејства од меѓународната заедница се нагласува како приоритетен услов за напредување на Македонија во нејзините евроинтеграции. Конкретната ангажираност на овој план на меѓународната заедница за поддршка на борбата против корупцијата од една страна се реформите на правосудниот систем и враќањето на довербата на граѓаните во судството, а од друга страна неопходноста од процесирање лица од високиот политички и државен естаблишмент како осомничени сторители на дела квалификувани од областа на корупцијата и високиот криминал. Но во егзекуцијата на корупцискиот октопод, во чија глава беше т.н. „висока корупција“, нашите соговорници издвојуваат дека не смее да биде изоставено и расчистувањето на основите на сомневање за постоење на коруптивни поведенија и „високопрофитабилни криминални бенефиции“ при прифаќањето на Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство

ИЗЈАВАТА НА МИНИСТЕРОТ ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ ПАНЧЕ ТОШКОВСКИ ЗА СПРЕГАТА ПОМЕЃУ МАФИЈАТА И ДРЖАВАТА
ВО ИЗМИНАТИОВ ПЕРИОД КАКО ПОВОД

Деновиве министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во ТВ-гостување даде една храбра, но фрапантна изјава, која искажана во својството и ингеренциите што ги носи неговата висока функција, има огромна специфична тежина.
Тој потврди поврзаност на високораководни функционери со мафијата, а наедно изрази и голема загриженост поради тоа!
Како што нагласи тој, спрегата помеѓу мафијата и државата во изминатиов период била таква каква што била, односно „високораководни структури на поголем број институции биле во спрега со оние од другата страна на брегот“.
– Спрегата помеѓу мафијата и државата во изминатиов период била таква каква што била, очигледно дека наместо државата да менаџира така како што ѝ прилега на една европска земја, оние што треба да бидат во рамките на овие установи на начин на кој прилега, очигледно дека државата односно високораководни структури во рамките на поголем број институции и тоа како биле во спрега со добар дел од оние што се од другата страна на брегот, еве да го кажам народски – вели Тошковски.
Тој нагласи дека поради тоа го имаме овој хаос изминатиот период во државава и дека и тој е загрижен за состојбата, но рече дека мора да има индивидуална одговорност со име и презиме. Искоренувањето на високата корупција бара силна, посветена и долготрајна работа, на сите општествени полиња. Но, освен во јавноста, познатите корупциски долги октоподни пипала во делот од кладичниот, општ криминалитет, интересни индикатори постојат и во делот од меѓународните договори, каде што некои македонски функционери, кршејќи ги Уставот и законите, преземаа активности и поведенија што, според нашите соговорници, се совпаѓаат и со елементи на велепредавство (име, историја, идентитет, јазик, малцинство). Според нивното мислење, постојат индиции дека центри од Атина и од Софија се генерирале овие коруптивни активности што биле прифатени од носители на високи државни функции. Со оглед на историјата на вакви поведенија и познатите идентични настани и инволвирани личности, сѐ уште непроцесирани, тогаш аналогни се основите на сомнеж за реално постоење на висока корупција на штета на државата и македонскиот народ.

Како експертите го протолкуваа искажаниот став на министерот?

Што сакаше да каже министерот Тошковски и што значи неговата изјава дека високораководни структури на поголем број институции биле во спрега со оние од другата страна на законот? Дали тој има индиции и основи на сомневање, а можеби и докази (со оглед дека за допир до такви материјали, по природата на неговата работа, би имал непречен пристап) дека високопозиционирани функционери биле замешани во криминални активности на мафијата и на криминалните структури во земјава?
„Нова Македонија“ поради високосензитивноста на ваквите тврдења се консултираше со експерти од кривичноправната област, кои ни дадоа одговор на дилемите.
Според поранешниот судија, а сега адвокат Владимир Туфегџиќ, Тошковски упатил порака дека располага со докази за поврзаноста на високопозиционирани раководни структури со лица од криминалните сфери во земјава.
– Тоа се луѓе од висок профил, луѓе што имаат високи позиции во државата, луѓе кај кои е сконцентрирана моќта на одлучувањето. Таквите активности ги прават поради тоа што институциите не си ја вршеле работата во насока на заштита во сите сфери. Дејствуваат системски поврзано – вели тој.
И според професорот по казнено право и поранешен претседател на Државната комисија за спречување корупција Ѓорги Сламков, изјавата на министерот за внатрешни работи дава јасна порака дека тој располага со информации за конекции на функционери со криминално подземје.
– Таа состојба е загрижувачка, која во изминатите години во Македонија има добиено голема енергија односно залет. Таа е навлезена во сите сектори каде што има поголеми финансиски средства, каде што има огромна заработка. Во ваква ситуација нам ни треба општ рестарт, бидејќи владеењето на правото е загрозено, а корупцијата е навлезена во сите пори, од шалтерски работници до министри. Во Македонија ќе треба да се преземат суштински чекори, борба со корупцијата, со бесперспективноста… да се направи ревизија на секоја институција, на работењето на секој министер, да се побара одговорност – вели тој.
Според него, борбата со криминалот е дојдена до нула и треба и да се почне од нула.
– Треба да почнеме од почеток да градиме институции што ќе бидат раководени од чесни, компетентни и професионални лица, луѓе со интегритет и патриотизам. Допрва ни следува процес на прочистување во судството, правобранителството, финансиска полиција, УЈП, управата за финансиско работење. Ќе биде битка за државата – вели тој.

Три специјални установи раководени од професионалци

Сериозноста во приодот од справувањето со високата корупција и организираниот (системски) криминал сѐ погласно, почесто и со конкретни дејства од меѓународната заедница се нагласува како приоритетен услов за напредување на Македонија во нејзините евроинтеграции. Конкретната ангажираност на овој план на меѓународната заедница за поддршка на борбата против корупцијата од една страна се реформите на правосудниот систем и враќањето на довербата на граѓаните во судството, а од друга страна неопходноста од процесирање лица од високиот политички и државен естаблишмент како осомничени сторители на дела квалификувани од областа на корупцијата и високиот криминал.
Предлог до јавноста и до надлежните од страна на поранешниот судија, а сега адвокат Владимир Туфегџиќ е формирање специјални три установи што ќе бидат раководени исклучиво од професионалци.
– Нашите политичари декларативно се изјаснуваат дека се против корупцијата и сакаат да се посветат на борбата против неа, но од нивното однесување во практиката се стекнува впечаток дека тоа не е така. Ако сакаме да направиме пробив во борбата против корупцијата и организираниот криминал, ние мора итно да отвориме расправа за формирање три клучни органи, односно институции. Тие институции би биле: национално биро за истраги, специјално јавно обвинителство (но не како СЈО, кое беше целосно политички формирано) и специјален суд. Овие предлози подразбираат и отворање на Уставот, односно уставни измени. Секако, овие институции би биле профилирани за висока корупција и криминал – истакна Туфегџиќ.
Туфегџиќ самиот е свесен дека првата недоверба на јавноста за идејата на трите нови институции за борба против корупцијата е фактот за постоењето и пропаста веќе на едно специјално јавно обвинителство.
– Уште кога се формираше СЈО кажав дека е осудено да ја доживее таа судбина што вистински ја доживеа. Зашто не може да се формира само специјално јавно обвинителство без специјален суд и национално биро за истраги. Едно без друго не оди – вели тој.
Според Туфегџиќ, инертноста на македонскиот истражно-правосуден систем во однос на правното процесирање на укажувањата за корупција и организиран криминал од меѓународната заедница ја наметнува потребата за формирање на трите независни институции што тој ги предлага.

Никогаш не било блескаво, но сега состојбата ескалирала до тој стадиум што веќе не може да функционира нормално судскиот систем

За ефикасна борба против корупцијата, адвокатот Туфегџиќ нагласува дека прво ни е потребен државен јавен обвинител што ќе биде избран со двотретинско мнозинство.
– Само така се праќа порака дека избраната личност има широк консензус на поддршка, во која се има доверба. Од изборите на обвинител со просто мнозинство, резултатот веќе го знаеме. Резултатот е ова што го имаме денес, а го имало и во претходниот период. Никогаш не било блескаво, меѓутоа сега состојбите ескалирале до тој стадиум, што судскиот систем веќе не може да функционира нормално, со 3 отсто доверба – констатира Владимир Туфегџиќ.
Сепак, за успех на борбата со корупцијата и организираниот криминал, се смета дека без помош и логистика од меѓународната заедница, особено од САД, тоа е речиси невозможна мисија. Создавањето политичка клима и амбиент во Македонија, заснован на свест и разум и потреба нешто да се смени во борбата против корупцијата и организираниот криминал, во актуелната политичка поставеност, речиси е невозможно да се случи доколку тоа не го наметне меѓународниот фактор. Но, секако, правниот начин на справувањето со овие општествено девијантни појави мора да се спроведе автентично, низ македонскиот правосуден систем.

[email protected]