Концерт на Курт Елинг со Националниот џез-оркестар ќе се одржи вечерва, во 20 часот, во Македонскиот народен театар. Диригент на концертот ќе биде Џијан Емин. Курт Елинг е светска мегаѕвезда на вокалната џез-музика и двократен добитник на „греми“. За него „Њујорк тајмс“ пишува дека токму тој е „извонредниот машки џез-вокал на нашето време“. Според „Вашингтон пост“, од средината на 1990-тите ниту еден џез-пејач не бил толку смел, динамичен или интересен како Курт Елинг. „Би-би-си артс“ оценува дека тој ја турка напред уметноста на џез-пеењето повеќе од кој било друг машки изведувач од неговата генерација.
Елинг има вкупно десет номинации за „греми“, од кои има освоено две награди за најдобар вокален џез-албум за изданијата „Dedicated to you“ (2009) и „Secrets are the best story“ (2021). Во 2012 година е прогласен за прв почесен џез-амбасадор на Шлезискиот џез-фестивал во Полска, а добитник е и на германската награда „ехоџез“ и на шкотската награда за џез во меѓународна категорија. Во 2013 година е прогласен за меѓународен џез-изведувач на годината на доделувањето на наградите „Џез ефем авордс“. Во текот на својата кариера соработува и снима со Вејн Шортер, Данило Перез, Дејвид Амрам, Ренди Бахман, Боб Белден, Џоан Бракин, Оскар Браун Џуниор, Џоди Кристијан, Били Корган, Орберт Дејвис, Џорџ Фримен, Бади Гај, Јон Хендрикс, Чарли Хантер, Боб Минцер, Бред Мелдау, Ли Ритенур, Џон Пицарели и Боб Шепард. Покрај неговиот бенд, со кој најчесто настапува, Курт Елинг бил и член на квартетот на Бранфорд Марсалис. Додека на првите албуми композициите повеќе личат на класичните џез-стандарди, звукот на Елинг во последните години добива димензија плус, внесувајќи екстраваганција во музичкиот израз и експериментирајќи со класичните музички џез-форми.