Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, вечерва на прес-конференција ја честита победата на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски, како и изборот на Гордана Силјановска-Давкова како иден претседател. Тој им се заблагодари на Стево Пендаровски и на поддржувачите на СДСМ.
– СДСМ повторно покажа државотворност и одговорност по стоти пат. Најлесно беше по толку лажни обвинувања и напади на ВМРО-ДПМНЕ да не го мобилизираме нашето членство за гласање на претседателските избори. Не паднавме во таа замка. Покажавме дека Македонија ни е поважна, секогаш ќе биде така. Денешниот резултат е разочарувачки. На СДСМ му е зададен тежок удар, не само од граѓаните, туку и од симпатизерите и поддржувачите на партијата. Во наредниот период детално ќе ги анализираме овие резултати – рече Ковачевски.
Тој нагласи дека сите во партијата имаат одговорност за резултатот.
– Не сакам да носам избрзани заклучоци и да посочувам виновници – додаде Ковачевски и кажа дека тој и партиското раководство имаат одговорност, сите именувани и избрани функционери, како и сите партиски функционери на локално ниво и на централно ниво.
Тој повика на нови внатрешни избори на сите партиски тела и на централно и на локално ниво, почнувајќи од претседателот на партијата, раководството, претседателите на општинските организации и сите органи и тела на партијата.