ШАХ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ЗА ЖЕНИ

Прво реми на Стојковска

Македонската шахистка и членка на ШК Алкалоид, ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Моника Стојковска (2.057 рејтинг-поени, рангирана на 122-то место пред почетокот на турнирот) го впиша првото реми во петтото коло на 24. Европско првенство (ЕП) за жени, на Родос (Грција). Стојковска со бели фигури го подели поенот со ЖВМ од Германија Жозефина Хеинеман (2.303, рангирана 49-та). Вчера беше единствениот слободен ден, а во шестото коло Стојковска со црни фигури ќе игра со ЖФМ од Словенија Барбара Скухала (2.162, рангирана 93-та). По петтото коло, Стојковска има 2,5 поена и е на делба на 74-111 место. На табелата и понатаму водат со по 4,5 поени ИМ од Азербејџан Олвија Фаталијева (2.377, рангирана 24-та) и ИМ од Шпанија Марта Гарсија (2.349, рангирана 37-та), кои ремизираа меѓу себе во ова коло. Наградниот фонд на ЕП 2024 е 60.000 евра, од кои 10.000 евра за шампионката. Г.И.


ФОРМУЛА 1

По 14 години, се предлага нова измена на системот за бодување

Предлогот за проширување на позициите за освојување поени во Формула 1 (Ф1) за 2025 година е на дневен ред за првична дискусија помеѓу засегнатите страни во спортот, пишува „Скај спорт“. Како што прво објави „Моторспорт“, даден е предлог позициите за бодови да се спуштат до 12-то место (сега до 10-то), со ревидирана распределба од осмото надолу, за да се приспособи таквата промена, пишува „Скај спорт“. Предлогот е на дневен ред денеска на состанокот на комисијата на Ф1, во која се претставници од Ф1, носителот на комерцијалните права на спортот, раководното тело ФИА и десетте тима.
Постојната распределба на поените во Ф1 од првото до десеттото место е во сила од 2010 година, кога местата за поени беа зголемени за два од осмото и скалата на доделени поени се одреди со распределба 25 за првото, а потоа 18, 15, 12, 10, 8, 6, 4, 2, 1 за преостанатите позиции. Предлогот за промена е за да се овозможи проширување до 12-то место, со распределба на бодовите 25-18-15-12-10-8-6-5-4-3-2-1, пишува „Скај спорт“.
Ф1 го менуваше својот систем на поени во различни фази низ историјата на спортот. Структурата на бодови од 2010 година ја замени таа што беше во сила од 2003 година, кога им беа доделени поени на најдобрите осум во формат 10-8-6-5-4-3-2-1. Претходно бодови добиваа само првите шест возачи. Бонусот за најбрзо извозен круг беше додаден на сегашниот систем во 2019 година, под услов возачот со најбрз круг да освои бодови на трката. Н.М.