Фото: ЕПА

Организаторите поставија врвен план за преполовување на јаглеродот поврзан со Игрите во споредба со претходните ЛОИ, со иновативни решенија за енергија, храна, спортски терени, транспорт и дигитални услуги, пишува ИОК

Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз годинава, први Игри целосно усогласени со Олимписката агенда 2020, ветуваат дека ќе донесат спектакуларни игри, кои се поодговорни, поодржливи и поинклузивни. Организаторите поставија врвен план за преполовување на јаглеродот поврзан со Игрите во споредба со претходните ЛОИ, со иновативни решенија за енергија, храна, спортски терени, транспорт и дигитални услуги, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), кој издвои пет начини на кои ЛОИ 2024 работат за да направат повеќе со помалку, притоа создавајќи трајно наследство.

Размислување однапред

Веќе во фазата на кандидатура, организаторите се обврзаа да го намалат јаглеродот на Игрите за половина во споредба со претходните изданија. Беше поставен јаглероден буџет што ги вклучува сите планирања и операции на Игрите, од градежништво до енергија и транспорт, угостителство и набавки. За намалување на емисиите на јаглерод од 50 отсто во споредба со просекот од Лондон во 2012-та и во Рио де Жанеиро во 2016 година, ЛОИ 2024 се осврнаа на најшироката категорија емисии, покривајќи го и индиректниот отпечаток на Игрите, како што е патувањето на гледачите. Ова значи дека ЛОИ 2024 ќе ги понудат првите олимписки игри усогласени со Парискиот договор за климатски промени, усвоен во 2015 година, пишува ИОК.
Париз 2024 проактивно го пресмета и својот „материјален отпечаток“, првпат во историјата на Олимписките и Параолимписките игри. Место по место, организаторите создадоа детална мапа на потребните ресурси, за да ги минимизираат и да го контролираат нивниот животен циклус пред, за време и по Игрите. Од седишта за гледачи до шатори, кревети, столчиња, маси, па дури и тениски топчиња, секој асортиман е прецизно испланиран. Организаторите избегнаа и генерирање јаглеродни емисии благодарение на иновативниот енергетски модел. Покрај користењето на 100 отсто обновлива енергија за време на натпреварите, ЛОИ 2024 ја минимизираа употребата на дизел-генератори. Неколкуте генератори што ќе треба да се користат ќе се напојуваат со биогориво, водород или батерии. Париз 2024 разви уникатна методологија за анализа и намалување на влијанието на Игрите врз биолошката разновидност и го преточи тоа во дизајнирање поодржливи привремени спортски терени.

Намалување, изнајмување и повторна употреба

Интегрирана во секое ниво на организацијата, стратегијата за циркуларна економија на ЛОИ 2024 се заснова на три клучни принципи: организирање на Игрите со помалку ресурси, подобро искористување на овие ресурси и обезбедување втор живот на ресурсите по Игрите. Вкупно 95 отсто од натпреварите ќе бидат на веќе постојни или привремени спортски терени. Другите се изградени со методи на градба со ниска содржина на јаглерод. Центарот за водни спортови е дизајниран да ѝ служи на локалната заедница Сена-Сен Дени долго по Игрите. Центарот во голема мера ќе се потпира на енергијата од 4.680 квадратни метри соларни панели на неговиот покрив, сите седишта се направени од рециклиран локален пластичен отпад, а дрвото е во срцето на зградата, помагајќи да се намалат емисиите од градежништвото.
Принципот на намалување важи и за внатрешното уредување. Шатори, столчиња, компјутери и спортска опрема, ЛОИ 2024 ја намали и ја охрабри заедничката употреба секогаш кога е можно. Овој пристап овозможи, на пример, да се намали количеството мебел потребен за Игрите од првично проценетите 800.000 предмети на 600.000. Од два милиони парчиња спортска опрема, три четвртини ќе ги изнајмуваат или ќе ги обезбедуваат спортските федерации. Се изнајмуваат и повеќе од три четвртини од електронската опрема како екрани, компјутери и печатачи. Истото важи и за сите штандови, шатори и бунгалови.

Регенерација

Во согласност со Олимписката агенда 2020, француските власти имаат цел да ги искористат Игрите во Париз за да постигнат долгорочни подобрувања во условите за живот на локалната заедница, особено во североисточното предградие Сена-Сен Дени. Центарот за водни спортови ќе обезбеди центар за повеќе спортови за локалната заедница. Тоа ќе вклучува капацитети за пливање, качување и фитнес, како и области за индивидуални и тимски спортови. Замислено како еконаселба, Олимпиското село по Игрите ќе се трансформира во нова станбена и деловна област, обезбедувајќи работни места за 6.000 луѓе и станови за дополнителни 6.000… Поставувањето на подземните линии за електрична енергија и обновата на каналот Сен Дени, кој се граничи со Олимпиското село, се очекува да го подобри квалитетот на животот со изградбата на заштита од бучава на југ од автопатот, а има цел да им пружи помош на жителите погодени од сообраќајната бучава. Игрите служат и како забрзувач за чистење на реката Сена, со значителни инвестиции наменети за санација на загадувањето, за да им се овозможи на сите парижани да уживаат во реката од 2025 година. Иницијативата е дел од идното планирање на градот за отпорност на климата.

Одржливост во чинијата

За време на Олимписките и на Параолимписките игри, 13 милиони оброци ќе бидат испорачани на поодговорен начин. Околу 120 организации, вклучувајќи фармери, производители, угостители и нутриционисти, како и 200 спортисти, беа вклучени во креирањето на визијата за храна на ЛОИ 2024. Меѓу другите обврски, организаторите се обврзуваат да испорачуваат оброци со половина од емисиите на јаглерод од просечен француски оброк, со удвојување на процентот на состојки од растително потекло и зголемување на опциите од растително потекло за секого, вклучувајќи ги гледачите и работната сила, 80 отсто од состојките се од локалното земјоделско производство, со една четвртина произведена на 250 км од соодветното место, потоа намалување на отпадот од храна со подобро проценување на количествата, прераспределба, компостирање или трансформирање на целата неконсумирана храна, како и преполовување на пластиката за еднократна употреба во угостителството, а повторно се користат 100 отсто од опремата и инфраструктурата за угостителство по Игрите. Организаторите ќе постават бесплатни пунктови за вода за пиење, а на гледачите ќе им биде дозволено да влезат на трибините со свои шишиња за повеќекратна употреба, што е забележителен исклучок од постојните француски регулативи, пишува ИОК.

Транспорт: пократки растојанија

Организаторите ги структурираа Игрите за да ја искористат широката постојна мрежа на јавен превоз, која ќе биде засилена со повеќе од 400 км нови велосипедски патеки. Повеќе од 80 отсто од олимписките објекти се на 10 км од Олимпиското село, со што се минимизира времето на патување за спортистите. Сите места се достапни со јавен превоз. Операторите на јавниот транспорт планираат да ги прошират автобуските, метро и железничките услуги во парискиот регион за 15 отсто во споредба со редовниот летен сообраќај. Возниот парк што ќе ги угости спортистите и акредитираните учесници треба да вклучува електрични, хибридни и возила на водород. Во обид дополнително да се намали влијанието, користената флота ќе биде оптимизирана, со околу 40 отсто помалку возила во споредба со претходните Игри. Н.М.