Репрезентациите за ЕП 2024 мора да достават состави до полноќ на 7 јуни, а некои селекции, како Англија и Шкотска, на пример, тој ден ќе ги имаат последните тест-средби пред континенталниот шампионат

ФУДБАЛ

Од Европската фудбалска унија (УЕФА) било побарано да го одложи рокот за поднесување на списоците со репрезентативците за годинашното Европско првенство (ЕП), пишува „Скај спорт“. Неколку земји изразија загриженост дека, со оглед на тоа што последните пријателски меѓународни мечеви завршуваат само два часа пред да се регистрираат конечните списоци на репрезентациите на 7 јуни, ќе има многу малку време да се проценат какви било потенцијални повреди пред да се достават имињата на играчите до УЕФА на полноќ.
Англија, на пример, ги завршува подготовките за ЕП со дуелот со Исланд, а Шкотска ќе игра со Финска, двете дома. Сепак, малку е веројатно дека УЕФА ќе го помести крајниот рок затоа што прописите велат дека конечните состави мора да бидат пријавени седум дена пред почетокот на турнирот, кога домаќинот Германија ќе игра со Шкотска на 14 јуни, а и во рамките на постојните правила на УЕФА пишува дека играчите може да се заменат во секое време до првиот натпревар на турнирот, доколку има медицински доказ дека имаат повреда што ги спречува да играат, пишува „Скај спорт“. Сево ова ќе се дискутира на состанокот на Националниот комитет за натпревари на УЕФА в понеделник, а и големината на селекциите, исто така, е клучно прашање на агендата, пишува „Скај спорт“. На состанокот со сите селектори на ЕП 2024 минатата недела во Диселдорф, беше изнесена идејата за зголемување на бројот на фудбалери во репрезентациите, од 23 на 26. Имаше поддршка за идејата од неколку селектори, а други беа против предложеното зголемување. Состави со по 26 играчи беа дозволени на претходното ЕП во 2021 година, како последица на пандемијата на ковид-19, а и на Светското првенство во Катар во 2022 година.
Друго прашање за кое УЕФА ќе разговара следната недела е колку играчи ќе бидат дозволени во тимот на денот на натпреварот. На ЕП 2021 имаше по 23 имиња за денот на натпреварот од 26-те играчи, а на СП, според правилата на Светската фудбалска федерација (ФИФА), сите 26 фудбалери можеа да бидат вклучени во составот на денот на натпреварот, пишува „Скај спорт“. Н.М.