Научниците тврдат дека е неопходно до 2030 година да се преполоват емисиите на штетните стакленички гасови за да се спречи зголемување на температурата за повеќе од 1,5 степен во однос на прединдустрискиот период. Владите, деловниот свет и развојните банки имаат уште две години да направат нешто за да избегнат многу полоши климатски промени, предупреди и специјалното тело на ОН за климата. Неуспехот би предизвикал екстремни временски услови и топлина. И покрај ова, емисиите на јаглерод диоксид се зголемија на рекордно ниво минатата година, а сегашните ветувања на земјите за борба против климатските промени само маргинално ќе ги намалат глобалните емисии до 2030 година, доколку се исполнат.
Сајмон Стил, извршен секретар на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени, предупреди дека следните две години се „клучни за спас на планетата“.
– Сè уште имаме можност да ги намалиме емисиите на стакленички гасови со новата генерација национални климатски планови. Но ни требаат посилни планови – сега! – рече тој и додаде дека земјите од Г20 се колективно одговорни за повеќе од 80 отсто од глобалните емисии и затоа треба итно да дејствуваат.
Главната цел на годинашните преговори за борба против климатските промени во ОН е да се постигне договор за финансирање на земјите во развој, кои имаат тешкотии во транзицијата од фосилни горива. Парите може да се обезбедат преку простување на долгот, поевтино задолжување за посиромашните земји, нови извори на меѓународно финансирање како што се даноците на емисиите од транспортот и реформи на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд.