Кога ќе прочитате вест дека некој „успеал прекуноќ“, немојте веднаш да верувате. Многу луѓе работат со години на своите кариери, но се далеку од очите на јавноста.
– Пишував музика со години, а потоа одеднаш еден од моите синглови беше пуштен на сто радиостаници низ светот. Одеднаш почнаа да ме канат на интервјуа, дадов стотици. На крајот на годината добив понуда од една голема телевизија да направам независна емисија – вели Алора Лавлајт, музичарка од Њу Џерси.
Тајната на својот ненадеен успех ја поврзува со една стара кинеска легенда за растението бамбус, кое воопшто не растело пет години. А потоа, по шестата година, само за шест недели пораснало дури 20 метри!
– Дали овој бамбус растел само шест недели? Или цели пет години и шест недели? Јасно е дека растот не е само она што го гледате однадвор… Кога ме прашуваа како сум успеала, технички лесно им го објаснив тоа – часови истражување, многу одбивање, па дури и некои непријатни разговори – вели музичарката, која денес пишува за креативноста и успехот.
Но главното прашање е како таа нашла сила за сето тоа. Како може човек да преживее периоди кога се чувствува изгубено? Како може да ги надмине проблемите и да верува во себе кога другите не веруваат во него?
– Најважната разлика помеѓу успешните и неуспешните луѓе е волјата – успешните луѓе имаат силна волја да го прават она што неуспешните луѓе нема да го направат – вели Дарен Харди, американски мотивациски говорник и основач на списанието „Суксес“.
Волјата е таа што ѝ помогнала на Алора да ги надмине сите проблеми.
– Имав многу ситуации во кои не сакав да размислувам дали сум подготвена или не. Сите мои дела, снимки, компонирање… сето тоа се листови на тој бамбус од кинеската легенда. Но, главната работа, стеблото на тој бамбус е – силната волја И таа е клучот за секој успех – заклучува Алора.