Украина „ги максимизира напорите да ги спречи руските планови против Харков“, рече нејзиниот претседател Володимир Зеленски додека украинската војска ја зајакна заштитата на вториот по големина град во земјата, за кој се верува дека е цел на следната руска офанзива.
– Работиме со нашите партнери на зајакнување на воздушната одбрана – рече Зеленски во своето секојдневно обраќање во понеделникот вечерта.
Претходно, Зеленски се состана со раководството на армијата во Киев за да се договорат мерките за заштита на Харков, североисточниот град кој беше под постојан оган од руските воздушни напади во изминатиот период.
– Главна тема беше Харков, одбраната на тој град од руските напади и можноста за зајакнување на нашата воздушна одбрана и електронското оружје“ во регионот – напиша украинскиот претседател на апликацијата Телеграм.
Украинската војска верува дека Харков би можел да биде цел на следната голема руска офанзива.
Од украинската нуклеарна централа „Запорожје“, која е под руска контрола, вчера соопшти дека украински дрон е соборен над покривот на реакторот број шест.
– Денеска над нуклеарната централа беше соборен камиказе дрон. Падна на покривот на единицата 6 – соопштија од нуклеарната централа, под фотографијата на реакторот број шест.
Реакторот број 6 во моментов е исклучен, велат од електраната.
Русија објави дека Украина во неделата три пати ја нападнала нуклеарната централа Запорожје и побара од Западот да одговори, но Киев вели дека нема никаква врска со тоа.
Руските сили ја презедоа контролата врз нуклеарната централа во 2022 година, веднаш по почетокот на инвазијата врз Украина.
Москва и Киев постојано се обвинуваат меѓусебно дека ризикуваат нуклеарна катастрофа со напад на нуклеарната централа.