Македонската линиска структура во јазол / Фото: „Нова Македонија“

Светските економски институции со години нѐ потсетуваат дека квалитетна патна мрежа е еден од предусловите за развој на македонската економија и наедно за севкупниот развој на државата. Економските експерти велат дека поради некои добро познати причини во чија основа се коруптивни поведенија, ние само ги започнуваме капиталните проекти од областа на линиската инфраструктура и ги градиме „од овде до вечноста“ за никогаш да не ги завршиме… Очигледно е дека нам воопшто не ни пречи епитетот „слепо црево на Балканот“, туку ни се побитни индивидуалните и интересите на тесни општествени групи од оние општите, граѓански, државни, национални…

За воспоставување здрава линиска инфраструктура недостига системски и аналитичен пристап (2)

Развојот на автопатската мрежа во Македонија заостанува и зад регионот и зад Европа.
На многу започнати проекти на патната инфраструктура во земјава, и по повеќе години од нивниот почеток, воопшто не им се гледа крајот. Објавени, па поништени тендери за изведувачи, па распишани или нови само во најава, поставена механизација и почната, па стопирана изградба, еден ден се работи на терен, а потоа со денови или месеци сѐ стои во место е сликата во државава со патиштата.
Светските економски институции со години споменуваат дека квалитетна патна мрежа е еден од предусловите за развој на македонската економијата и наедно за развој на државата.
Клучното прашање е – дали правилно се алоцираат расположливите ресурси и кои се нашите национални приоритети при креирањето на стратегијата за патната инфраструктура? И каде одат тие огромни средства наменети за капиталните инвестиции и проекти?
Економските експерти велат дека поради некои добро познати причини во чија основа се коруптивни поведенија, ние само ги започнуваме капиталните проекти од областа на линиската инфраструктура и ги градиме „од овде до вечноста“ за никогаш да не ги завршиме… Очигледно е дека нам воопшто не ни пречи епитетот „слепо црево на Балканот“, туку ни се побитни индивидуалните и интересите на тесни општествени групи од оние општите, граѓански, државни, национални…

Пропусти што ги констатира извештајот изготвен од Државниот завод за ревизија (ДЗР), а се однесуваат на државните патишта

Според последниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР), во врска со државните патишта, се констатира дека недостига системски и аналитичен пристап и има недоволна подготвеност при планирање, проектирање, градење и реконструкција на патни делници низ државата.
– Сето ова предизвикува зголемување на вредноста на склучените договори и пролонгирање на рокот за изградба/реконструкција на делниците, несоодветно воспоставена сметководствена евиденција на материјалните средства во подготовка, поради што истите тие не се прикажани како градежни објекти. Потоа неправилно определување на набавната вредност на државните патишта како основа за пресметка на амортизација. Не е донесена петгодишна програма за извршување на работите од јавен интерес поради што не се создадени услови за долгорочно управување со развојот и одржувањето на државните патишта. Исто така е предизвикано и привремено ангажирање поголем број работници и над максималниот период за кој привремен работник може да биде ангажиран, поради необезбедени согласности за финансиски средства од надлежното министерство итн. – се вели во извештајот од ДЗР.
Со ревизијата е утврдено дека, 21 проект за изградба, рехабилитација и реконструкција на патни делници и изградба и инсталација на електронски систем за наплата на патарини, во износ од приближно 234 милиони евра, иако се ставени во употреба и се користат, во сметководствената евиденција на претпријатието не се соодветно признаени како недвижности. Како причина за оваа состојба се наведува неизвршениот технички прием поради нерасчистени имотноправни односи при експропријација на земјиште, изградени локални патишта што не им се предадени на општините, изградената и непредадена автопатска делница Демир Капија – Смоквица со Министерство за финансии и несоодветна алокација на инвестиции по проекти. Во извештајот се вели дека овие средства генерираат приход, без притоа да бидат признаени соодветни расходи, односно за нив не е пресметан и признаен трошок за амортизација во претходниот период и во тековната 2022 година. Констатирани се и состојби што претставуваат нерационалното користење на јавни средства и ја доведуваат во прашање нивната оправданост. (?!)

Направени „непознати трошоци“ за кои не е позната „потребата од нивна набавка и нивната употребна вредност“!?

Имено, во периодот од 2015 до 2022 година се направени вложувања во проекти и недовршени градби, трошоци по основа на камати, еднократни и провизии за неповлечени средства, експропријации и други непознати трошоци, во вкупен износ од приближно 31 милион евра, за кои поради недоволни информации или соодветна документација не е позната потребата од нивна набавка и нивната употребна вредност.
ДЗР се фокусира во анализирање на автопатот Кичево – Охрид, каде што анализите покажуваат дека за изградба на само еден километар од автопатот Кичево – Охрид се трошеле по девет милиони евра. И покрај дополнителен заем од 180 милиони долари, пролонгирањето на изградбата за уште шест години и зголемување на вредноста на договорот за 45 отсто, делницата Кичево – Охрид од околу 56 километри сѐ уште не е изградена. До ноември 2023 година инвестираните средства достигнуваат износ од приближно 575 милиони евра.
Како главни причини за доцнењето се наведуваат недостатоците на проектот, но и задоцнета експропријација, потребата од дислокација на надземни и подземни инфраструктурни објекти. Немало доволен број технички кадар, ниту пак доволно механизација и опрема обезбедени од изведувачот, односно подизведувачите.


„Макам-транс“ со години очајно апелира до надлежните за изградба на целосна патна инфраструктура

Асоцијацијата „Макам-транс“ долги години укажува на потребата од изградба на целосна патна инфраструктура низ државата, која ќе овозможи достапност до секое место, а со тоа и еднаков развој во државата.
– Развиена и подобрена патна инфраструктура значи заштеда на време и трошоци за превоз, но и намалени штети. Квалитетните патишта овозможуваат пристапност, сигурност и ефикасност, но притоа мора да се земат предвид и локалните патишта, кои значат пристап до разни фабрики, рудници, откупни центри, магацини, односно локации каде што има стока за преземање. Обемот на превоз на стока е во директна корелација со развојот и растот на стопанството затоа што превозот е услуга поврзана со активноста на сите други учесници во економијата. Развојот на одредени делови од државата и привлекувањето странски инвеститори што би вложувале и во руралните делови на државата се директно поврзани со градење мрежа на патишта што ќе ги поврзе сите делови. Зголемувањето на индустриските и трговски капацитети директно ќе влијае и врз растот на одделот превоз во патниот сообраќај – вели Биљана Муратовска, генерална секретарка на „Макам-транс“.