Сократ беше средниот брат од фудбалската „тројка“, кој остана во незаборавни сеќавања на симпатизерите на најтрофејниот македонски клуб. Имаше долга и богата кариера, а неговите голови постигнати со глава, кои беа негов „специјалитет“, останаа во незаборавни сеќавања
Сократ Мојсов
Фудбалскиот клуб Вардар е препознатлив по многу нешта меѓу љубителите на фудбалот во Македонија, па и пошироко во поранешна Југославија. Тој беше симбол на фудбалската игра на овие наши македонски простори, а со своите настапи во Првата југословенска лига стана и вистински бренд и се вивна во фудбалските височини. Тој е најтрофејниот наш клуб низ кој поминаа многу генерации фудбалери. Некои од нив за време на целата кариера остануваа во Вардар, а други, пак, заминуваа во други клубови во поранешната држава или заминуваа надвор од неа. Еден од оние што остави посебен белег во популарниот клуб секако е Сократ Мојсов. Тој беше средниот брат од фудбалската „тројка“, која во почетокот од втората половина на минатиот век се појави на сцената и беше интересна не само на фудбалските љубители од Македонија туку и од поранешна Југославија. Најстариот брат, Илија, кој, за жал, неодамна почина, беше првиот што го облече вардаровиот дрес и ги повлече во фудбалското семејство на трофејниот клуб и другите двајца браќа, Сократ и Лазар. Интересно е оти од оваа „тројка“ многумина сметаа оти најдалеку ќе стигне најмладиот, Лазар. Тој беше голем талент, но со немирен дух. Токму тој негов темперамент, кој на моменти и знаеше да „експлодира“, беше причина што не го постигна она што се очекуваше од него. Можеби поради својата непредвидливост не отиде до оние граници до кои според талентот требаше да стигне.
Највозрасниот од браќата Мојсови, Илија, беше смирен и воздржан. Тој беше многу дисциплиниран и секогаш настојуваше на наједноставен начин да ги реши работите на теренот. Тој секогаш се држеше до советите, што како одбранбен играч на левата бековска позиција ги добиваше од тренерот и немаше шанса да отстапи од нив. Беше исполнителен и вреден, а таков беше и еден период кога почна да работи како тренер во новоформираниот клуб Металург. Но на оваа позиција не остана долго, зашто се посвети на учењето и го заврши Филозофскиот факултет во Скопје. Потоа, сѐ до пензионирањето работеше во Заводот за трансфузиологија. Овде беше задолжен за контакти со јавноста и со своите ангажмани, поддржан од сиот колектив, кој многу го ценеше поранешниот вардаров фудбалер, даде максимален придонес за подигнување на свеста кај луѓето за значењето на доброволното дарување крв.
Што се однесува, пак, до фудбалот може слободно да кажеме оти средниот брат Сократ доживеа најголема афирмација од тројцата браќа. Тој стана фудбалерот што беше ударната игла во вардаровиот напад. Од него многу зависеше играта, а со своите голови честопати беше творец на победите во многу натпревари во силната Прва југословенска лига. Токму како резултат на своите голгетерски квалитети, тој заигра за младата, потоа за олимписката и за сениорската репрезентација на Југославија. Овој пат својата приказна ќе ја посветам на Сократ Мојсов, а преку статистичките податоци што ќе ги презентирам ќе стане јасно за каква фудбалска величина се работеше.
Скромноста најголема одлика
Денес Сократ живее скромно, повлечено и далеку од секојдневните случувања. Тој и сега како да е „вткаен“ во фудбалскиот свет, кој значеше негов живот. Никогаш, и кога беше во зенитот на фудбалската слава, не се експонираше. Секогаш стоеше цврсто на нозе и ги прифаќаше работите реално, едноставно како ништо да не се случило. Луѓето, особено симпатизерите на Вардар, го почитуваа не само поради фудбалските туку и поради човечките квалитети. Тој и по извонредните игри и постигнатите голови не леташе до небото и не се фалеше, како што правеа другите. Не, Сократ не беше како другите, тој беше посебен, секогаш скромен и максимално посветен на фудбалот и на своето семејство. Ретки се таквите луѓе, кои се прославиле во својата област, а остануваат толку скромни.
Благодарејќи на вардаровиот напаѓач, еве и јас сега размислувам, зошто Сократ, по завршувањето на играчката, а потоа и тренерската кариера, остана толку повлечен и како да ја прекина својата комуникација со јавноста. Но, познавајќи го од времето кога заигра за младинскиот тим, во средината на 50-тите години од минатиот век, па потоа низ сениорските години кога за него во целата поранешна држава се зборуваше како за вистинска sвезда, сфаќам зошто остана таков каков што е и денес. Иако немам некоја точна дефиниција за ова, сепак, сметам дека покрај скромноста, тој го сфаќаше како нешто нормално она што го работеше и оти нема потреба да се прави од тоа не знам каква – помпа. Мислам дека, ако и сега му кажам дека сум напишал нешто за него, ќе прокоментира во стилот, не си морал да пишуваш за мене, тоа е веќе минато.
Така размислува Сократ, за него сето она што го правеше на фудбалскиот терен беше нормално. Дури за него нормално беше кога навивачите паѓаа во транс кога ќе постигнеше некој од оние негови специјалитети, а тоа беа головите со глава. Тој не беше и свесен колкаво задоволство им причинуваше на фудбалските љубители, не само на приврзаниците на Вардар туку на сите што некако беа опсесивни кон најубавата споредна работа на светот. Она што ќе го направеше во противничкиот шеснаесетник и кога за глава ќе скокнеше повисоко дури и од највисоките противнички играчи, тоа беше нешто неверојатно. Тоа, иако беше потег за одушевување, Сократ го сфаќаше како дел од играта и како нешто нормално.
Мислам оти на некој начин успеав да го опишам карактерот на еден од најголемите фудбалери на Вардар, Сократ Мојсов. Оние што го познаваа сигурно ќе се согласат со моите констатации, а другите што го знаеја само како еден од вардаровата „единаесетка“, која на теренот истрчува со задача да избори што подобар резултат, ќе видат колку пати токму со неговите голови Вардар дошол до победата.
Голгетерска трка со Мето и со Шули
Кариерата на Сократ, како првотимец на Вардар, траеше од 1959 година, кога од младинскиот беше прекомандуван во сениорскиот погон во кој се задржа до 1971 година, кога замина во Стад Рен во Франција. Таму остана неполни три години и одигра 23 натпревари на кои постигна осум гола. Но многу импресивна беше неговата кариера во Вардар. Тој, заедно со Мето Спасовски и со Петар Шулинчевски, постојано беше во трка за најдобар стрелец на скопскиот тим. Тројцата се менуваа на голгетерската листа, па така, една година најдобар ќе беше Мето, друга Шули, трета Сократ. Тоа за навивачите и не беше толку битно. За нив најважно беше „тројката“ секогаш да е расположена и подготвена да постигнува што повеќе голови. Меѓу нив владееше здрав ривалитет и секој го прославуваше голот како тој да го постигнал.
Во таа израмнета трка меѓу тројцата голгетери Сократ беше најуспешен во сезоната 1962/63, кога на 27 натпревари постигна 18 гола и беше најпрецизен во составот на Вардар. Во таа сезона Шули беше втор со 10 погодока. Ова беше извадок од статистиката, која, пак, кога се читаат составите на Вардар во периодот од 60-тите години па наваму, ќе се види оти во 1963 година во Вардар се комплетира братската тројка, и на Илија и Сократ им се приклучи и најмладиот брат Лазар. Така, тројцата заедно настапуваа до 1968 година, кога Илија ја заврши својата играчка кариера. Две години подоцна и Лазе прекина со играњето, па така, Сократ беше единствениот од лозата Мојсови што остана во тимот. Но и тој по многуте години во нашиот фудбалски бренд, поради семејни причини, едноставно беше принуден да ја продолжи кариерата во странство и во 1971 година замина во Франција, во прволигашот Стад Рен.
Така, по вкупно одиграни 362 натпревари и постигнати 166 гола, Сократ се раздели од својот Вардар. Зад себе остави уште една импресивна бројка, во 213 првенствени натпревари постигна 67 гола. Овој учинок најубаво говори за тоа колку беше значаен Сократ за миленикот на македонската фудбалска јавност.
Кога сум кај статистиката, еве уште неколку извадоци од вардаровата голгетерска листа: Сократ во стартната прволигашка година на три средби постигна четири гола, во следната сезона (1961/62) имаше 10 настапи и еден постигнат гол. Веќе во третата прволигашка сезона во Вардар, откако стана стандарден, одигра 27 натпревари и беше рекордер по постигнати голови, 18. Потоа, во сезоната 1963/64 постигна шест погодока, а голгетерската трка се одвиваше меѓу него, Мето и Шуле. Во следната сезона постигна 11 гола (втор зад Спасовски со 12), потоа како што доаѓаа сезоните постигнуваше двапати по девет гола, двапати по три, а во последната сезона кога се подготвуваше за заминување во странство беше стрелец на еден погодок.
Во меѓувреме на девет натпревари ги бранеше боите на неколку селекции на поранешна Југославија. За тоа како течеше понатаму играчката и тренерска кариера на Сократ Мојсов, како и некои искажувања од клупските другари Мето Спасовски и Диме Георгиев ќе читате идната недела. Ќе прочитате и за тоа кои македонски спортисти се родени во истото село Сетина (Леринско), од каде што потекнуваат браќата Мојсови.
Сократ Мојсов
Роден: во 1942 година во селото Сетина, Леринско
Кариера: ФК Вардар и ФК Стад Рен (Франција)
Успеси: Девет настапи за сите селекции на поранешна Југославија (млада, олимписка и сениорска), прв стрелец на Вардар во сезоната 1962/63 со 18 гола, неколку години меѓу првите тројца стрелци заедно со М. Спасовски и П. Шулинчевски, вкупно 362 настапи со постигнати 166 гола од кои 67 на првенствените средби