Фото: ЕПА

Деветти пенал од серијата за одредување победник на ЕП 1976, 27-годишниот Антонин Паненка стапна на сцената…

ФУДБАЛ – ВО ПРЕСРЕТ НА 17-ТО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО (3)

Сите сме го виделе тоа 100 пати, изведувачот на пенал се приближува до самото место и се одлучува не за моќ, не за прецизност, туку за измама. Додека голманот се фрла кон една од стативите, напаѓачот применува суптилен допир под топката, предизвикувајќи таа да се крене и да падне во центарот на голот. Беспомошно посветениот чувар на мрежата залудно гледа. Пенал паненка, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). На шеесетина дена до почетокот на Европското првенство (ЕП) годинава во Германија во неколку продолженија ви претставуваме приказни, факти, значајни моменти… од минатите европски шампионати.
Пред 48 години речиси никој не видел ваков пенал, сѐ додека човекот што му го даде името на ваквиот начин на изведување удар од белата точка не го втисна во фудбалската јавна свест: Антонин Паненка од Чехословачка, пишува УЕФА. А сцената за откривањето? Деветти пенал од серијата за одредување победник во финалето на ЕП 1976, се разбира. Тоа што ЕП 1976 ќе кулминира со првото изведување пенали на еден голем фудбалски турнир можеби не беше изненадување, на секој меч во СФР Југославија се играа продолженија. Чехословачка водеше, светскиот и европски првак Западна Германија израмни, а вториот гол го постигна во последната минута. Половина час подоцна беа потребни пенали, а откако Ули Хенес не го реализира четвртиот обид на Западна Германија, со удар над пречката, 27-годишниот Паненка стапна на сцената.

Што се случи, што значеше

Некои тоа го нарекоа фудбалска поема напишана од генијалец. Можете да го гледате сто пати и чудото никогаш не престанува. Реализирајќи го решавачкиот удар во првата пенал-серија во едно финале на ЕП, Паненка се одлучи за одважност со деликатен шут преку голманот Сеп Маер, додека тој нурна лево, пишува УЕФА.
– Мислам дека Сеп Маер не го прифати тоа многу добро. Тој беше и, можеби сѐ уште е, малку вознемирен, се сомневам дека веројатно не му се допаѓа премногу звукот на моето име – изјави тој подоцна, пренесе УЕФА.
За жал на големиот Маер, тој го слушаше името низ годините. Моментот на магија на Паненка ја запечати единствената европска титула на Чехословачка, веќе обезбедувајќи место во историските книги. Од индивидуална перспектива се роди нов стил на изведување пенал. Засекогаш познат како „паненка“, беше копиран многупати, но не можете да го подобрите оригиналот.

Што рекоа

Антонин Паненка, плејмејкер на Чехословачка: „По тренингот (во Бохеминс Прага) останував со нашиот голман и изведував пенали, игравме за чоколадо или за чаша пиво. Бидејќи тој беше многу добар голман, тоа стана скапо. Затоа, понекогаш пред да спијам се обидував да размислувам за начини како да го изведам подобро, да ги надоместам загубите. Ја добив идејата, а потоа почнав полека да ја тестирам и да ја применувам во пракса. Како несакан ефект почнав да се здебелувам, ги добивав облозите. На крајот, го избрав пеналот во финалето затоа што сфатив дека тоа беше најлесниот и наједноставен начин да се постигне гол. Тоа е едноставен рецепт“.
Иво Виктор, голман на Чехословачка: „Направив голема грешка во последната минута од регуларното време и примивме гол. Кога ќе се сретнам сега со Паненка, секогаш му велам: ’Без мене и мојата грешка, никој немаше да слушне за тебе‘. Никогаш не верував дека ќе го испроба тој пенал во финалето, уште ми изгледа малку дрско, дури и по толку години“.
Франц Бекенбауер, капитен на Западна Германија: „Само вистински шампион би дошол до такво решение“.
Пеле, напаѓач на Бразил: „Секој што изведува таков пенал мора да биде или гениј или лудак“.
„Франс фудбал“: „Се роди фудбалски поет“. Н.М.

Идната недела: Капитени и селектори


До почетокот на ЕП 2024 во неколку продолженија ви пренесуваме приказни, факти, значајни моменти… од минатите изданија на европските првенства