Европското јавно обвинителство ја разгледува комуникацијата меѓу Урсула фон дер Лајен и шефот на фармаценскиот гигант „Фајзер“
Највисоките европски обвинители ги истражуваат наводите за кривично дело во врска со преговорите за вакцините меѓу претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и извршниот директор на „Фајзер“, објави портпаролот на обвинителството во Лиеж.
Инспекторите од Канцеларијата на европското јавно обвинителство (ЕППО) во последните месеци ја презедоа одговорноста од белгиските обвинители што ја истражуваа Фон дер Лајен за „мешање во јавни функции, уништување СМС, корупција и конфликт на интереси“, според правните документи видени од „Политико“ и портпаролот на обвинителството во Лиеж. Додека обвинителите на ЕППО ги истражуваат наводните кривични дела, сè уште никој не е обвинет во врска со случајот.
Истрагата тргна од Белгија
Истрагата првично беше отворена од белгиските правосудни власти во градот Лиеж на почетокот на 2023 година, по кривичната пријава поднесена од локалниот лобист Фредерик Балдан.
– Подоцна му се придружија унгарската и полската влада – иако последната е во процес на повлекување на својата жалба по победата на изборите од страна на про-ЕУ владата предводена од Доналд Туск – изјави портпаролот на полската влада.
Жалбата на Балдан се фокусираше на наводна размена на текстуални пораки помеѓу Фон дер Лајен и шефот на „Фајзер“, Алберт Бурла, во пресрет на најголемиот договор за вакцини на ЕУ во екот на пандемијата на ковид-19, во аферата наречена Фајзергејт.
„Њујорк тајмс“, кој прв откри дека размената се случила кога двајцата лидери ги прегазиле условите на договорот, започна паралелна тужба против Комисијата откако таа одби да ја открие содржината на пораките по барањето за пристап до документите.
Веста дека ЕППО сега го истражува случајот ризикува дополнително да се испита улогата на претседателката на Комисијата во мегадоговорот за вакцини, кој имаше проценета вредност од над 20 милијарди евра. ЕППО води паневропски истраги за финансиски криминал и теоретски може да заплени телефони и друг релевантен материјал од канцелариите на Комисијата или во други земји во Европа, како што е родната Германија на Фон дер Лајен.
Развојот на ситуацијата доаѓа во деликатен момент за шефицата на ЕУ, бидејќи таа се движи кон транзицијата на она што бриселските набљудувачи го очекуваат дека ќе биде втор мандат на чело на Берлимонт.
Комисијата досега одбиваше да ја открие содржината на телефонските пораки, па дури и да го потврди нивното постоење.
Пресврт
Договорот, склучен во екот на пандемијата во 2021 година, првично се сметаше за триумф за Фон дер Лајен. Но огромното количество купени вакцини оттогаш ги поттикна гласините, при што „Политико“кон крајот на минатата година откри дека имало залудно потрошени дози во вредност од најмалку 4 милијарди евра. Договорот за вакцината со „Фајзер“ оттогаш е повторно преговаран.
Активистите за транспарентност и некои политички противници се обидоа да извршат притисок врз Комисијата да разговара за случајот, но Фон дер Лајен досега избегнуваше да се занимава со него. Во одговорот на директното прашање што ѝ го постави „Политико“ за пропуштените телефонски пораки, Фон дер Лајен рече: „Сѐ што е потребно за тоа е кажано и проследено. И ќе ги чекаме резултатите“.
Во 2022 година ЕППО објави дека ја разгледува набавката на вакцини на ЕУ поопшто, но ова е првпат канцеларијата експлицитно да се поврзе со Фајзергејт.
Се вклучија и Полска и Унгарија
Случајот што сега го разгледува ЕППО обединува неколку различни правни, политички и финансиски правци – и се вкрстува со тужбите што фармацевтскиот гигант „Фајзер“ ги поднесе против Унгарија и Полска.
Минатата година Балдан, 36-годишен белгиски лобист, кого го застапува истиот адвокат што ја застапува француската група за скептици за вакцини Бон Сенс, поднесе кривична пријава во Белгија во врска со улогата на Фон дер Лајен во преговорите за вакцините со „Фајзер“, затоа што, како што наведува тој, се дела за „мешање во јавни функции, уништување СМС, корупција и конфликт на интереси“, според правните информации што ги обезбеди неговиот адвокат. Бон Сенс изнесе свои правни предизвици во врска со Фајзергејт. Додавањето на европските влади на неговата жалба му додава тежина на она што инаку би можело да се види и како лична крстоносна војна. Унгарија, предводена од Виктор Орбан, непоколеблив противник на Фон дер Лајен, исто така поднесе жалба во врска со улогата на претседателот на Комисијата во преговорите за вакцините со „Фајзер“, според двајца упатени познавачи на случајот, кои зборуваа под услов да останат анонимни поради чувствителноста на темата.
Портпаролот на полската влада потврди дека Полска поднела сопствена жалба во ноември минатата година. Сепак, по изборот на Туск во декември, според портпаролот, „новата влада работи на тоа да ја повлече Полска од овие постапки“.
Деталите за случајот не се јавни, но упатените рекоа дека иако жалбата поднесена од Унгарија е различна од онаа на Балдан, таа се фокусира на истата размена на телефонски пораки. Жалбата на Полска беше на иста линија, рекоа двете лица што се запознаени со деталите за случајот.
И Унгарија и Полска исто така се тужени од „Фајзер“ поради недостиг од плаќања за дози на вакцини по запирањето на испораките, наведувајќи ги прекумерното снабдување и финансискиот притисок од војната во Украина.
Официјален претставник на Европската комисија рече дека Комисијата нема сознанија за можни постапки освен од написи во печатот.
Унгарската влада не одговори на барањето за коментар. „Фајзер“ и ЕППО одбија да коментираат.