Фото: ЕПА

Во американското дерби Каруана и Накамура ремизираа, а кај шахистките славеше само Жонгји од Кина над сонародничката Тинџие

ШАХ – СТАРТУВАШЕ ТУРНИРОТ НА КАНДИДАТИТЕ

Четири ремија кај мажите и една одлучена партија кај шахистките го одбележа првото коло на Турнирот на кандидатите 2024 за предизвикувач на светскиот првак во шах во машка и женска конкуренција, кој до 23 април ќе се игра во Торонто (Канада). Ова е прво вакво издание, каде што кандидатите во двете конкуренции играат во иста сала и на исти датуми.
Во американското борбено дерби помеѓу Фабијано Каруана (2.803 рејтинг-поени) и Хикару Накамура (2.789), кои се и првите два носитела на турнирот, Каруана со бели фигури имаше можност да игра на победа, но не го најде вистинскиот пат, а Накамура со борбена тактика успеа да ремизира со пион помалку. Реми беше забележано и во партијата на младите индиски велемајстори Домарају Гукеш (2.743) и Видит Гујрати (2.727), во која Видит на 17. потег размислуваше 40 минути пред да одбере реми-продолжение. Французинот Алиреза Фирузја (2.760) и Индиецот Прагнананда Рамешбабу (2.747) повеќе се надмудруваа тактички, иако Фирузја ризикуваше со бели фигури. Азербејџанецот Нијат Абасов (2.632), кој е аутсајдер на хартија, одигра солидно со двократниот победник на овој турнир, Русинот Јан Непомнијашчи (2.758),и освои половина поен.
Кај шахистките единствената победа за водство на табелата ја оствари светската првенка од 2017 година, Тан Жонгји (2.521) од Кина, која со црни фигури ја совлада сонародничката Леи Тинџие (2,550), откако во дамин гамбит (варијанта на измена) остана со квалитет повеќе. Во преостанатите три дуели беа видени борбени ремија. Русинката Александра Горјачкина (2.553) против сонародничката Катерина Лагно (2.542), Украинката Ана Музичук (2.520) против Бугарката Нурѓул Салимова (2.432) и Индијката Ваишали Рамешбабу (2.475) против сонародничката Химпи Конеру (2.546). Г.И.


Резултати 1. коло (мажи): Каруана – Накамура реми (41. потег), Фирузја – Прагнананда реми (39), Гукеш – Гујрати реми (21), Абасов – Непомнијашчи реми (34).
Резултати 1. коло (жени): Горјачкина – Лагно реми (36), Музичук – Салимова реми (40), Ваишали – Конеру реми (41), Тинџие – Жонгји 0-1 (52).