На многу начини, интелектуалниот живот на Македонија страда од истиот конформизам како и македонската политика, или македонското општество во целина. Конформизмот е клучот за успех и социјален напредок, без разлика дали се работи за Владата, приватниот сектор или интелектуалната заедница. Затоа заборавете на интелектуалците во Македонија. Сѐ додека нашиот интелектуален живот е провинцијализиран и ги имаме нашите „нобеловци“ и „харвардовци“ не треба да се секираме за нашата иднина. Зашто ја немаме
Македонија во изминатите децении бележи постојан пад на „јавниот интелектуалец“, придружен со зголемено омаловажување кон нивното присуство во јавноста. Сѐ помалку се луѓето чија академска обука и искуство ги прави добро опремени да зборуваат и да советуваат за широк број прашања од јавната политика. Едноставно, игнорирани се и заборавени од општеството. Нашиот јавен дијалог е загрозен од размислувањата на Твитер – повеќе кратки грчеви отколку развиено расудување. Интелектуалецот денес, за разлика од оној во минатото, мора да се бори против бескрвниот безличен систем каде што непредвидените ситуации се разбиени со бирократизирани процедури и каде што дури и харизмата е бирократизирана. Идеолошката мантра на политиката стана оружје за да се скршат оние со страст, бес, храброст и визија за да се изврши промена. Затоа денес македонското општество повеќе не размислува, не се расправа и не ја следи разиграноста на идеите како што дозволува интелектуалната вокација.
Од каде стравот од интелектуалците во македонското општество? Можеби прашањето е збунувачко, но не треба да биде. Размислете за овој цитат од Бертолт Брехт, германски поет и драматург: „најлошиот неписмен е политичкиот неписмен. Ништо не слуша, ништо не гледа и не учествува во политичкиот живот. Тој дури се гордее со своето политичко незнаење. Тој не знае, имбецилот, дека од неговото политичко неучество произлегуваат девијациите во општеството и корумпираноста на политичарите. Токму антиинтелектуализмот произведува ниско ниво на граѓанска писменост и граѓански ангажман од сè поапатичното граѓанство. Овие работи се хранат една со друга; што резултира или со тиранија или со демагошко политичко лидерство на патот кон аворитаризмот.
Одговорност на интелектуалците е да ја зборуваат вистината и да разоткриваат лаги. Големите писатели и интелектуалци даваат наратив што ни овозможува да ја разбереме реалноста. Тие откопуваат длабочини што многумина во општеството, без нивна помош, не можат да ги разберат. Заробеници сме од системи на моќ додека не можеме да ги именуваме доминантните митови и сложените системи на принуда и контрола, кои ја гаснат нашата слобода.
Ние сме општество преплавено со вешто изработени лаги. Осаменоста што ја овозможува мислата – отстранување од електронската какофонија што нè опседнува е сѐ потешко и потешко да се најде. Се одвоивме од културата заснована на печатење. Не сме во состојба да се справиме со нијансите и сложеноста на идеите. Разменивме идеи за измислени клишеа. Ние зборуваме на шупливиот јазик што ни го даваат нашите политичари. Реалноста, претставена пред нас како слика, е неиспитана и затоа е лажна. Културно сме неписмени. И поради нашата културна неписменост лесно сме манипулирани и контролирани од политиката. Затоа не ни требаат интелектуалци во македонското општество, сѐ додека си имаме интелектуални шарлатани и приглупи политичари да ги инјектираат своите идеи до населението.
Да бидам појасен. Да се биде интелектуалец во Македонија и познавач на граѓански прашања, политика, историја и литература не е лиценца за ништо, а најмалку за успех. Македонија одржува култ на дебилизам на сите нивоа во општеството, како либерален одговор на демократизацијата на идеите. Сегашниот политички момент е одличен пример за оваа ера на алтернативни факти, алтернативна реалност, занемарување на фактите, логиката, разумот и рационалноста. Оваа болест на антиразумот, антинауката, антиекспертизата, антиисториското знаење и професионализмот се шири како чума во Македонија. И, на добар пат е да ја задуши слободата и не направи самоуништувачко општество. Да не ја заборавам и улогата на универзитетите во овој процес на антиинтелектуализам во Македонија. Универзитетите почнаа да произведуваат фабрички граѓани без лице, бидејќи пазарот на трудот стана новиот арбитер на образованието и културата.
На тој начин, универзитетите стануваат извори на пропаганда на различни политички, финансиски, културни и идеолошки текови, не само кај студентите туку и кај професорите. Такви универзитети, убивајќи го сопственото размислување, ја убиваат можноста за демократски дискурс, каде што мислители со различни принципи можат да дебатираат, но и да се вклучат во продуктивен разговор за нашата современа политичка ситуација.
На многу начини, интелектуалниот живот на Македонија страда од истиот конформизам како и македонската политика, или македонското општество во целина. Конформизмот е клучот за успех и социјален напредок, без разлика дали се работи за Владата, приватниот сектор или интелектуалната заедница. Затоа заборавете на интелектуалците во Македонија. Сѐ додека нашиот интелектуален живот е провинцијализиран и ги имаме нашите „нобеловци“ и „харвардовци“ не треба да се секираме за нашата иднина. Зашто ја немаме.