Ривалството на двата тима од Буенос Аирес се смета за едно од најголемите во светот на фудбалот. Првиот меч заврши без победник, 2-2, што значи дека вечерва на стадионот „Монументал“ (21 ч.) ќе има нови возбудувања и поради тоа што во
финалето не важи правилото за гол на гости
Ваква фудбалска пресметка немало, ниту пак ќе има повторно, коментираа(т) аргентинските, јужноамериканските, па и европските медиуми за годинашното финале на Копа либертадорес, панданот на европската Лига на шампионите (ЛШ). Во фудбалското „суперкласико“ играат Ривер плата – Бока јуниорс, двата тима од Буенос Аирес, чие ривалство се смета за едно од најголемите во светот на фудбалот.
Првиот натпревар пред две недели на стадионот „Бонбониера“ на Бока заврши без победник, 2-2, што значи дека вечерва на стадионот „Монументал“ (21 часот) ќе има нови возбудувања и поради тоа што во финалето не важи правилото за предност на тимот со повеќе постигнати голови на гости, при вкупен нерешен резултат.
Двата тима потекнуваат од делот од градот наречен Бока, но освен тоа сѐ друго ги разликува. Бока јуниорс, со сино-жолтата боја на дресовите, е тим на работничката класа, а Ривер плата, со белите дресови со попречната црвена лента, е клубот на побогатите од повисоката класа од северниот дел на Буенос Аирес. Како и на првиот меч, и овој пат ќе нема гостински навивачи поради безбедносни причини што значи дека на „Монументал“, Ривер ќе го бодрат над 70.000 гледачи.
Новиот првак на Јужна Америка ќе заработи шест милиони евра, а поразениот двојно помалку. Но освен овие награди, двата тима веќе инкасираа други пари. За пласманот во финалето тие добија по 1,35 милион, за пласманот во четврт-финалето по 950.000, за осминафиналето по 750.000 евра, плус околу 1,3 милион евра за настапите во групната фаза итн.