Серијалот „Политиката низ призмата на изборите, партиите и демократијата“ од авторот Сотир Костов обработува актуелни теми од нашето општествено, политичко, економско и социјално битисување. Имено, за читателите на „Нова Македонија“, политичката редакција заедно со авторот грижливо одбра извадоци од книгите „Политичката партија како бренд концепт – организација која учи, напредува, знае и умее“, „Бренд концепти (concepting) за политичко мајсторство и изборна заводливост“ и „Изборни кампањи – мотивирање, инспирирање и стратегии за победа“. Книгите се напишани и издадени минатата година и во нив се претставени најновите достигнувања на политичкиот и социјалниот маркетинг, како и на политичкото и персоналното брендирање, соодветно применливи во изборните трки за парламентарни, претседателски и локални избори. Во пресрет на претседателските и парламентарните избори во нашата земја, редакцијата оцени дека токму овој избор на текстови, систематизиран во еден краток фељтон, на читателите ќе им обезбеди соодветна ефикасна алатка за суштинска и објективна опсервација на политичките движења и трендови во Македонија при анализа и синтеза на плимата политички настани
Потеклото на поимот „демократија“ има корени во Античка Грција. Настанал од два збора: демос (народ) и кратос (владеење). Споени заедно значат владеење на народот. Демократијата е интегративен дел на политичкиот систем воопшто. Во последно време, последните декади на дваесеттиот век, интересот за демократијата наеднаш многу порасна. Тоа е и нормално доколку се имаат предвид слабеењето и пропаѓањето на идеолошките системи во истиот тој период. Социјализмот пропадна, а вредноста на капитализмот е доведена во прашање. Во такви услови демократијата стана единствено стабилно и трајно начело на денешната политичка реалност. Во вакви услови, масовното преоѓање на политичките мислители и политичарите на страната на демократијата, можеби е нормална и прифатлива појава.
Постоењето на демократијата од аничките времиња, па сѐ до денес е реалност. Но, исто така, реалност е и постоењето на околу петстотини дефиниции за демократијата. Тоа е опасност секој да го толкува овој поим како што му одговара, па така, на крајот да ја изгуби својата основна смисла. Тоа е можност што не треба да стане реалност. Во политичката историја на светот, демократијата има интересна и возбудлива судбина, на најупотребуван збор, од сериозна политичка норма до демагошки злоупотребуван поим. Едни велат тоа е суштината на плурализмот, но други опоменуваат дека тоа е злоупотреба на вистинското значење на плурализмот и искривено толкување и вулгаризирано практикување на истиот тој плурализам.
Токму поради вистинските интереси на плурализмот, сфатен во позитивна смисла, мораме да ја дефинираме демократијата, од една страна, целосно и сеопфатно, а од друга страна, јасно, концизно и конкретно. Само така и единствено така можеме вистински да ги осетиме и уживаме „плодовите“ -придобивките на демократијата. Во тој контекст демократијата треба да ја сфатиме, прифатиме и применуваме како: принцип, институција и однесување. Како принцип демократијата е доктрина и модел на власт и владеење – во конкретна држава. Како институција, демократијата е збир на уставни начела и институции. На крајот како однесување, демократијата е позитивен однос (на поединците) кон вредностите на политичкиот и уставниот систем во државата.
Повеќе од јасно е дека корените на вака дефинираната демократија ги наоѓаме во мислењата и праксата на грчкиот полис, и идеите на старата Римска Република, и нивните продолжетоци во идеите, начелата и принципите на Американската и Француската револуција. Секако се чувствува и современиот и модерен дух на демократијата изразен како право и должност на сите граѓани, активно и слободно да учествуваат во јавниот живот и државните работи. Кога веќе сме кај современото и модерно поимање на демократијата треба да бидеме свесни дека ова сфаќање го определуваат и детерминираат зборовите: плурализам, слобода, рамноправност, одговорност, јавност, интегративност и правда.
Низ призмата на овие зборови, логично и природно, само по себе се поставува прашањето: Што всушност денес претставува демократијата? Одговорот, исто таке, е логичен и единствено можен: демократијата е можност човекот да избира, демократијата гарантира слобода, бара одговорност, нуди рамноправност, подразбира еднакви шанси и јавност, и овозможува правда. Сето ова е демократија. Тоа практично значи заеднички живот на луѓето во заедница, во која се донесуваат одлуки за сите граѓани. Овие одлуки се колективни, бидејќи демократијата ѝ припаѓа на сферата на колективното одлучување. Таа го олицетворува идеалот дека одлуките што влијаат на заедницата како целина треба да ги донесуваат сите членови на заедницата, што подразбира дека сите треба да имаат еднакви права да учествуваат во донесувањето на тие одлуки. Тоа подразбира јавна контрола врз донесувањето на колективните одлуки и еднаквост на правото во применувањето на таа контрола. Заедницата во која се применуваат овие начела и правила можеме да ја наречеме демократска.
Дали Македонија можеме да ја наречеме таква заедница?
Се разбира, кога е во прашање Македонија демократскиот пресврт нема да падне од небо, ниту ќе се случи прекуноќ. Потребно е да ги едуцираме луѓето за демократијата. Во тој контекст најсуштинското прашање за сите нас е прашањето на моралниот карактер на животот во заедницата: Тоа значи дека демократијата е идеја, но и реалност за животот во таа заедница. Начинот на живот што потфрла во својата демократија, всушност ги ограничува контактите, информациите и комуникациите со помош на кои се стабилизира, проширува, збогатува животното искуство во заедницата. Задачата на ослободувањето, рамноправноста, интегративноста, одговорноста и јавноста е секојдневна. Но за да живее демократијата и да вдахнува свеж здив за тој живот неопходна и е правдата, т.е. праведноста. Тоа е затоа што секој човек поседува природна неповредливост, која е заснована на правдата. Правдата подразбира еднаков однос и еднакви шанси, како за најслабиот така и за најсилниот. Како за најсиромавиот така и за најбогатиот. Не случајно еден мислител истакнал дека човечката способност за правда ја прави демократијата можна, додека човечката склоност кон неправда истата таа демократија ја прави неопходна.
Сепак, од нејзиното грчко потекло, па до нејзиното современо практикување во различни теоретски концепти, како и во различни политички пракси, поимот „демократија“ не само што различно се интерпретира и практикува туку и различно се фалсификува и различно се приспособува на барањата на носителите на моќта. Можеби затоа демократијата, во варијанти од сериозна политичка норма до нејзина демагошка злоупотреба, Бернард Крик ја нарекол „најпромискуитетен поим“, кој има многу важна улога во животот на луѓето. Доказ за тоа е што на зборот демократија му се придаваат многу значења. Во тој контекст Платон рекол дека и доколку постои едно вистинско значење за демократијата, тогаш тоа најверојатно е закопано на небото и, за несреќа, сѐ уште не ни е објавено. Можеби затоа околу дефиницијата за демократијата никогаш нема да се согласиме сите, затоа што вистинската дефиниција содржи многу социјални, политички и морални вредности и принципи на дејствување. Сепак, демократијата е нешто повеќе од обичен збир на устави прописи и процедури што определуваат како функционира власта. Во вистинската демократија, власта е само еден елемент на општественото ткиво, кое го сочинуваат голем број разновидни институции, организации, политички партии и здруженија.
Таа разновидност на наведените субјекти е наречена плурализам, што во суштина значи дека тие субјекти во демократското општество не зависат од власта во поглед на своето постоење, легитимност или овластување. И повторно: Навистина, што е демократијата? Сите досега изречени мисли, идеи и дефиниции за демократијата можат да се опишат како испреплетен долг синџир со безброј алки, кои се протегаат од грчкиот полис, преку Римската Република, Американската и Француската револуција, па сѐ до духот на граѓаните во општините на денешното време. Слободно можеме да констатираме дека основни столбови на демократијата се: сувереност на народот; власт заснована врз согласноста на владеаните; владеење на мнозинството; права на малцинствата; гаранции за основните човекови права; слободни и праведни избори; еднаквост пред законот; соодветна законска постапка; уставни ограничувања на власта; општествен, економски и политички плурализам; вредности на толеранција, прагматизам, соработка и компромис. Со сигурност можеме да оцениме дека клучните зборови на демократијата се: слобода, интегративност, плурализам, одговорност, јавност, рамноправност и правда.
Многу тешко е напред изнесените идеи, мисли и дефиниции за демократијата да ги вреднуваме и редиме според важност и значење. Но бидејќи демократијата меѓу другото е и слободен избор, слободно можеме да избереме најмалку две мисли и меѓу нив да се обидеме да го сместиме нашиот заклучок. Авторот се определи за мислите на Абрахам Линколн (Демократијата е власт од народот, со народот, за народот), и мислата на Винстон Черчил (Демократијата е најлошата форма на државата доколку ги изземете сите други). Значи изборот падна на почетната и крајната мисла.
Да изведеме еден заклучок преку компаративна анализа на двете мисли: суверенитет на народот + слобода на народот + партиципација во одлучување + праведност + солидарност + слободни избори + правна држава + поделба на власта + гарантирано со Уставот = демократија.
Заклучок: Најверојатно не постои поголема демократија во една држава во која власта извира од народот, се практикува со народот и е наменета за народот.
Со сигурност можеме да кажеме дека најшироката (најсеопфатна) мисла за демократијата искажана од Абрахам Линколн, не случајно безмалку еден век потоа, од Винстон Черчил, е оценета како најдобра (факт е дека Черчил вели најлоша форма на државата, но доколку се одземат сите други, што значи таа е најдобра).
Ќе завршиме со една наша мисла. Духот на демократијата е толку добар или лош колку што се добри или лоши навиките на граѓаните споредени со демократските принципи. Тоа значи дека во демократијата мора да се научи смислата на диктумот, кој најдобро е опишан од Аристотел, а значи дека од себе треба да го издефинираме и извадиме најдоброто. Знаеме дека тоа е најтешкото. Но затоа постои моралот, кој секогаш нѐ опоменува (како внатрешниот демон на Сократ) на оваа, најважна, наша обврска.
Сотир Костов
(продолжува)