Фото: „Нова Македонија“

ШАХ

Трет триумф на Карлсен на турнирот во Карлсруе

Највисокорангираниот шахист во светот и поранешен петкратен светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.830 рејтинг-поени), триумфира со седум поени (пет победи и четири ремија) на традиционалниот меѓународен турнир „Гренке класик“, во Карлсруе (Германија), на кој секој ден се играа по две кола. Карлсен на овој турнир победи и во 2015 и во 2019 година.
Второто место му припадна на Романецот Ричард Рапорт (2.720) со шест поени, а трет беше Французинот Максим Вашер-Леграв (2.728) со пет. Актуелниот светки првак Кинезот Динг Лирен (2.762), Германецот Даниел Фридман (2.590) и неговиот сонародник Винсент Кејмер (2.738) освоија по четири поени, па во дополнителниот тајбрејк меѓу нив тројца, Кермер е четврти (освои 2,5 поени), Лирен петти (1,5), а Фридман шести (1). Се играа вкупно 10 кола (временско темпо од 45 минути плус 10 секунди по секој потег). Г.И.


ТЕНИС – ПО ТРИУМФОТ ВО МАЈАМИ

Синер: Ова е посебен момент за мене

Јаник Синер ужива во сензационалниот почеток на 2024 година, откако го освои тенискиот турнир од серијата 1.000, Мајами опен, за својата трета титула годинава. Италијанецот ги победи Данил Медведев од Русија, со 6-2 и 6-1 во полуфиналето, и Григор Димитров од Бугарија, со 6-3 и 6-1 во финалето, за да го подобри резултатот на 22 победи и само еден пораз годинава и да биде веднаш зад најдобриот светски рекет, Србинот Новак Ѓоковиќ.
– Ова е посебен момент за мене. Никогаш не се знае дали ова е последен, да видиме како ќе играм од сега, па натаму. Но, сигурно, сезоната на тврда подлога досега беше многу добра – рече Синер за агенцијата „Ројтерс“ по втората титула на турнирите од серијата Мастерс 1.000.
Неговиот единствен пораз годинава е од Шпанецот Карлос Алкараз во полуфиналето на турнирот Индијан Велс.
– Да се биде број два е неверојатно чувство. Никогаш не помислив да дојдам до овој момент. Потекнувам од многу нормално семејство, татко ми уште работи, како и мајка ми. За мене спортот е една работа, а животот е различен – вели Синер.
Неговиот тренер Дарен Кејхил им изјави на новинарите дека Синер го сака животот, но и дека останува приземјен.
– Тој го цени секој момент што му се случува, но, исто така, стои на земја знаејќи дека тоа е само спорт, тоа е само тениски меч. Иако е професионален во сѐ што прави, тој ужива во својот живот. Тој е нормално 22-годишно момче. Има многу да се научи од него, но и од Карлос. Мислам дека тие се многу слични на многу начини. Затоа мислам дека тенисот е во одлични раце во моментов – рече, меѓу другото, Кејхил за „Ројтерс“. Г.И.