Гласање на претседателските избори 2024 година, врз основа на прифатените 2.571 пријави на наши државјани, ќе се спроведе во 31 дипломатско – конзуларно претставништво и конзуларни канцеларии на Македонија во странство.
На денешната седница, Државната изборна комисија (ДИК) објави дека гласање ќе има во Абу Даби каде се пријавени 26 наши државјани за гласање, во Белград-31, Берлин-260, Берн – 186, Бон – 164, Брисел -93, Вашингтон-34, Венеција – 79, Виена – 123, Детроит-34, Загреб-87, Канбера-31, Копехаген-74, Лондон-87, Љубљана-332, Минхен-166, Мелбурн-64, Њујорк-85, Осло-41, Париз-44, Прага-52, Рим-30, Стокхолм-85,Торонто-117,Хаг-65, Чикаго-88, Анкара-18, Варшава-23, Мадрид-18, Пекинг-12 и Софија 22.
Останатите наши граѓани кои живеат во странство своето право на глас можат да го остварат во избирачките места во земјата.
Во рокот, како што информираа од ДИК, се пријавиле 2.904 наши државјани, а законските услови ги исполниле 2.641. Гласање нема да се спроведе онаму каде што се пријавени помалку од 10 избирачки, а тоа се во 20 дипломатско-конзуларни претставништва.
Избори за пратеници нема да се спроведе имајќи предвид дека не беа пријавени доволен број наши државјани за гласање.
-Сите избирачи кои се пријавиле за гласање согласно законските рокови ќе бидат запишани во посебните избори во Северна Македонија според адресата на живеење – изјави потпретседателката на ДИК Дитмире Шеху.
Објасни дека од 2.868 пријави од наши државјани за гласање на парламентарните избори вкупно 2.605 се прифатени што не се доволни за организирање избори во Изборната единица 7. За да се организираат избори потребно е да се пријават најмалку 5.353 гласачи во странство, онолку колку што најмалку освоил пратеник на минатите парламентарни избори.