Несомнено, кинескиот пристап во врска со актуелните прашања е во насока на смирување на ситуацијата и барање решенија на преговарачка маса, како единствена опција за наоѓање трајни решенија што во иднина ќе превенираат од какви било можности за реобновување на конфликтите. Овој прагматичен пристап кинеската страна јасно и недвосмислено го манифестираше и во рамките на ОН, како адреса на меѓународна организација со статус да ги решава овие прашања во рамките на меѓународното право, испраќајќи јасен и недвосмислен мировен импулс, но и предлог-решенија за тоа како Кина гледа на конфликтите и какви модели на излезни патишта нуди за нивно надминување, по мировен пат
Осврт кон кинеските мировни иницијативи за наоѓање конструктивни решенија за воените судири во светот
Иницијативата што неодамна ја поведе Кина околу наоѓањето решение за воениот конфликт меѓу Украина и Русија во голема мера го предизвика светското внимание, особено ставовите на официјален Пекинг во врска со кризните подрачја низ светот, но и конкретните предлози што доаѓаат од кинеска страна за тоа како да се решаваат отворените прашања.
Имено, неодамна Кина повика на „директен дијалог“ меѓу Русија и Украина, изразувајќи подготвеност да ја одигра својата улога во „градењето мостови“ така што двете завојувани страни би ги довела на преговарачка маса, со единствена цел ставање крај на конфликтот, кој влезе во третата година и кој досега однесе огромен број човечки животи.
– Кина ги повикува засегнатите страни да останат мирни и воздржани, да ги зајакнат директниот контакт и дијалогот, постепено да градат консензус и заеднички да истражуваат изводливи решенија – рече кинескиот претставник на ОН, Генг Шуанг, на минатонеделниот состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации посветен на конфликтот.
Несомнено кинескиот пристап во врска со актуелните прашање е во насока на смирување на ситуацијата и барање решенија на преговарачка маса, како единствена опција за наоѓање трајни решенија што во иднина ќе превенираат од какви било можности за реобновување на конфликтите. Овој прагматичен пристап кинеската страна го манифестираше и во рамките на ОН, испраќајќи јасна и недвосмислена порака за тоа како Кина гледа на конфликтите и какви решенија нуди за нивно надминување.
– Подготвени сме да продолжиме да одржуваме комуникација и контакт со сите страни, да изградиме консензус за прекин на огнот и да ѝ ставиме крај на војната, да го отвориме патот и да градиме мостови за дијалог и мировни преговори, да вложуваме континуирани напори и да играме конструктивна улога во промовирањето на политичкото решение за кризата. Нема победници во конфликтите и сите конфликти мора да завршат на преговарачка маса. Колку побрзо почнеме да разговараме, толку побрзо ќе дојде мирот – додаде Генг.
Конструктивен посредник за конструктивно решение
Пораката што ја испраќа официјален Пекинг е дека тие се подготвени да одиграат конструктивна улога како посредник во мировните преговори меѓу Русија и Украина, стимулирајќи отворен дијалог низ кој ќе се бараат одржливи решенија, од кои ниту една страна нема да се почувствува оштетено и фрустрирано.
Кинескиот став дека конфликтите треба да се решаваат на преговарачка маса важи за сите отворени прашања низ светот, како лајтмотив на кинеската надворешна политика во чиј интерес е човештвото, наместо кон конфликти, нестабилност и разурнувања, да се стреми кон меѓусебна почит, просперитет и економски развој, бидејќи кинеските сфаќања одат во насока дека за иднината на човештвото треба да одлучуваат сите земји заедно, а иднината на светот треба да ја градат сите народи заедно. Намерата на Кина е да работи со сите земји за да изгради отворен, инклузивен, чист и убав свет на траен мир, универзална безбедност и заеднички просперитет.
Врз принципите на меѓусебно почитување, мирен соживот и соработка меѓу двете страни Кина нуди решенија за сите отворени прашања низ светот, а преговарачката маса е најдоброто место за затворање на овие прашања. Генералниот кинески пристап за решавање на проблемите во светот подразбира посветеност на немешање во внатрешните работи, посветеност на политичко решавање, посветеност на објективност и непристрасност и посветеност за решавање и на симптомите и на основните причини.
Тоа уште еднаш го актуализира прашањето за надворешната политика на Кина, која има интересни ставови, освен за конфликтот меѓу Украина и Русија, за односите со САД, за израелско-палестинскиот конфликт, за односите со ЕУ, за статусот на Тајван, за состојбите во Азија, Пацификот…
Односите со САД
Она што за официјален Пекинг е особено важно во односите со САД, тоа е заемното почитување како предуслов, бидејќи Кина смета дека интеракцијата се одржува само кога се почитуваат и се признаваат разликите во општествените и политичките системи.
Тие сметаат дека мирниот соживот е основата, бидејќи кога би се случиле конфликт и конфронтација меѓу две големи земји како Кина и САД, тоа би имало незамисливи последици. Интенцијата на кинеската надворешна политика е да издејствува двете страни да работат заедно, бидејќи тоа би донело бенефиција за двете земји, но, што е уште поважно, и за целиот свет. Кина бара објективен и рационален поглед од страна на САД на кинескиот развој, да се вклучат во размена со Кина проактивно и прагматично и да дејствуваат за да ги исполнат своите обврски.
Решението за две држави ќе ѝ стави крај на палестинската голгота
Уште едно невралгично подрачје за светскиот мир е израелско-палестинскиот конфликт, а неуспехот да ѝ се стави крај на хуманитарната катастрофа предизвикана од воените дејства во 21 век е трагедија за човештвото и срам за цивилизацијата. Кина не наоѓа никакво оправдување за одолжувањето на конфликтот или убивањето на цивилното население, па во таа насока презема иницијативи и за овој конфликт преку преговори да се најде трајно решение со кое еднаш засекогаш ќе се затвори палестинското прашање.
Кина оценува дека долгогодишната окупација на палестинските територии е факт што повеќе не треба да се игнорира и дека повеќе не треба да се избегнува долгогодишниот стремеж на Палестинците за независна држава, истакнувајќи дека не смее да се дозволи историската неправда кон Палестинците да продолжи неисправена од генерација на генерација.
– Враќањето на правдата кај палестинскиот народ и целосното спроведување на решението за две држави е единствениот начин да се прекине маѓепсаниот круг на палестинско-израелските конфликти, да се елиминира плодното тло на екстремистичките идеологии и да се оствари траен мир на Блискиот Исток. Го поддржуваме полноправното членство на Палестина во ОН и бараме одредени членки на Советот за безбедност на ОН да престанат да поставуваат пречки за таа цел. Повикуваме на поширока, поавторитативна и поефикасна меѓународна мировна конференција за да се изработат распоред и патоказ за решението со две држави – се насоките што доаѓаат од кинеска страна во врска со решението за овој конфликт.
Силна Европа е во долгорочни интереси на Кина
Кина во Европа гледа силен и посветен партнер во сите области на меѓусебна соработка, јасно потенцирајќи дека етикетирањето на Кина како партнер, конкурент и системски ривал во исто време не е ниту во согласност со реалноста ниту е остварливо, туку само предизвикува одвлекување на вниманието и создава пречки за односите Кина-ЕУ.
Решението за ваквите полузамрзнати односи, Кина го гледа така што двете страни треба со право да се окарактеризираат како партнери, а соработката треба да биде дефинирачка карактеристика на односите Кина-ЕУ.
– Силна Европа е во долгорочни интереси на Кина. Силна Кина е и во основните интереси на Европа. Сè додека Кина и Европа не се вклучат во заемно корисна соработка, ниту еден обид за создавање блоковска конфронтација нема да успее; сè додека Кина и Европа не останат посветени на отвореност и вин-вин соработка, деглобализацијата нема да надвладее – е оцената на кинеската надворешна политика.
Мирно обединување со Тајван
Секако, едно од прашањата што го привлекуваат вниманието на светската јавност е ставот на официјален Пекинг во врска со Тајван и како Кина планира да најде решение и за оваа критична точка.
За официјален Пекинг, колку е посилна посветеноста на принципот една Кина, толку ќе биде поголема гаранцијата за мирот преку Теснецот. Кинеското решение за ова отворено прашање подразбира мирно обединување со најголема искреност, притоа отфрлајќи каква било можност Тајван да се одвои од татковината. Кина смета дека никој не треба да се меша во нејзините внатрешни работи и предупредува дека кој и да се вклучи во „независноста на Тајван“ на островот, ќе одговара пред историјата, но и ќе ги почувствува последиците од сопствените постапки што би биле спротивни на официјалната кинеска политика во однос на Тајван. Тие сметаат дека сите луѓе со кинеско потекло треба да ги поддржуваат севкупните интереси на кинеската нација, заеднички да се спротивстават на „независноста на Тајван“ и да поддржат мирно обединување.
Добрососедска политика и развој на Азија
Во делот на соседската политика, Кина има намера од Азија да направи подобро место за живеење за сите земји во опкружувањето, врз принципите на пријателство, искреност, заемна корист и инклузивност, за отворање нови перспективи за добрососедство и пријателство и за меѓусебно разбирање.
Кина изразува подготвеност да работи со сите соседи за да ги продолжи петте принципи на мирен соживот кон градење заедница со заедничка иднина за Азија и за човештвото, така што Азија може да продолжи да придонесува за светскиот мир и да дава поттик за глобален раст.
Мора да се чуваат мирот и стабилноста во Јужно Кинеско Море
Она што е во фокусот на Кина, тоа е и натаму да се чуваат мирот и стабилноста во Јужно Кинеско Море преку соработката во рамките на АСЕАН. И тука официјален Пекинг инсистира на својот цврст став, разликите треба правилно да се менаџираат и да се решаваат преку дијалог, консултации или преговарање помеѓу директно вклучените држави. Второ, мирот на морето треба да го поддржуваат Кина и земјите од АСЕАН што работат заедно.
Тоа подразбира строго почитување на поморските закони, а во услови на намерни прекршувања, преземање активности за одбрана на правата во согласност со законот.
За да не дојде до инциденти, намерата на Кина е да работи со земјите од АСЕАН за да се стремат кон рано вклучување на COC за да се обезбеди Јужно Кинеско Море да остане море на мир и соработка.
Вештачката интелигенција треба да биде заеднички предизвик
Кинескиот став во делот на вештачката интелигенција и нејзиниот забрзан развој е дека се потребни заеднички напори за унапредување на глобалното управување со вештачката интелигенција.
Тие сметаат дека во таа насока е важно да се обезбедат три принципа, прво вештачката интелигенција да биде сила за добро, второ да биде безбедна, трето да постои правичност.
– Обидите да се создаде „мал двор, висока ограда“ во развојот на вештачката интелигенција би резултирале со грешки со историски последици. Таквите обиди не можат да го блокираат технолошкиот развој на другите земји. Тие само ќе ги фрагментираат меѓународните индустриски синџири на снабдување и ќе ја намалат способноста на човештвото да се справи со ризиците и предизвиците – е кинескиот став по ова прашање.
Повторно, Кина смета дека соработката меѓу големите земји и на полето на вештачката интелигенција е од витално значење, како и градењето капацитети за земјите во развој, најавувајќи дека Кина наскоро до Генералното собрание на ОН ќе поднесе нацрт-резолуција за унапредување на меѓународната соработка за градење капацитети на вештачката интелигенција со цел да се поттикне споделувањето технологија меѓу страните, да се премости јазот на вештачката интелигенција и да не се остави никој зад себе.
Кина инвестира во модернизација на Африка
Во делот на Африка, Кина најавува дека ќе ѝ помогне на Африка во градењето капацитети за самоуправен развој и ќе поддржи побрза модернизација во Африка, истовремено повикувајќи ги и другите земји да ѝ посветат поголемо внимание на Африка и да го зголемат придонесот за поддршка на развојот на Африка. Оваа есен во Кина ќе се одржи самит на Форумот за кинеско-африканска соработка (FOCAC), а очекувањата се дека преку овој самит Кина и Африка ќе го зајакнат своето долгогодишно пријателство и ќе го продлабочат единството и соработката за да отворат нови погледи за побрз заеднички развој и да започнат ново поглавје за кинеско-африканската заедница со заедничка иднина.
Низ дијалог наоѓање решение и за Корејскиот Полуостров
Фокусот на кинеската надворешна политика е насочен и кон прашањето за Корејскиот Полуостров, кое стои отворено со години, безбедносната закана и натаму опстојува. По ова прашање Кина гледа решение во пристапот со двојна патека и принцип на фазно и синхронизирано дејствување. Тоа повторно подразбира продолжување на дијалогот и преговорите; решавање на легитимните безбедносни грижи на сите страни, особено оние на НДРК; и унапредување на политичкото решавање околу прашањето на Корејскиот Полуостров.
Враќање кон меѓународното право и Повелбата на ООН
За Кина постои само еден систем во светот, т.е. меѓународниот систем со ООН во неговото јадро; постои само еден поредок, т.е. меѓународниот поредок поткрепен со меѓународното право; и постои само еден збир на правила, односно основните норми на меѓународните односи засновани на целите и принципите на Повелбата на ООН. Кинеската позиција е дека ниту една земја не треба да прави што ѝ одговара, а улогата на ОН треба да се зајакне, а не да се ослабува, а статусот на ОН мора да се одржи, а не да се замени.
Кина има намера да работи со меѓународната заедница за да го поддржи континуираниот развој и подобрување на ОН.
– Земајќи го меѓународното владеење на правото како основа, правичноста и правдата како принцип, вин-вин соработката како цел и ефективно дејствување како ориентација, ќе практикуваме вистински мултилатерализам и промовирање на поголема демократија и владеење на правото во меѓународните односи – се принципите за кои ќе се залага Кина.
Посилен БРИКС како растечка сила за мир
Во рамките на проектот „Појас и пат“, Кина ќе промовира надградба на физичката поврзаност, зајакнување на институционалната поврзаност и продлабочување на поврзаноста меѓу луѓето. Преку посилен БРИКС гледа растечка сила за мир и зголемување на меѓународната поддршка за правдата.
Независноста е посебен квалитет на глобалниот југ, а Кина во него гледа клучна сила за реформирање на меѓународниот поредок и извор на надеж додека светот претрпува длабоки промени невидени во еден век. Оваа година очекувањата се тоа да биде нова почетна точка за единство меѓу азиските, африканските и латиноамериканските земји. С.Т.