Фото: ЕПА

Ќе биде ли усогласена неусогласеноста за руско-украинската војна од страна на лидерите на Германија, Франција и Полска на состанокот во Берлин

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ќе пристигне во Берлин на разговори со германскиот канцелар Олаф Шолц за да се намалат тензиите околу Украина, кои ескалираа во последните неколку недели. Според високи претставници од Германија и Франција, кои разговарале за „Политико“, на францускиот и на германскиот лидер, по билатералната средба, подоцна во текот на денот ќе им се придружи полскиот премиер Доналд Туск. Тоа ќе го обележи инаугуративниот состанок на Вајмарскиот триаголник, платформа за безбедносен дијалог во кој се вклучени трите нации.
Со овој собир, лидерите сакаат да покажат единство по тензичниот период, кој се карактеризира со француско-германски несогласувања околу Украина. Тензиите го достигнаа својот врв кон крајот на февруари, кога Макрон одби да ја отфрли можноста за распоредување западни трупи во Украина, ветувајќи дека ќе стори „сѐ што е потребно за да ја спречи Русија да победи во оваа војна“. Спротивно на тоа, Шолц зазеде повнимателен став и го отфрли учеството на копнени трупи од европските земји.
Набргу потоа, Макрон му се обрати директно на Шолц за време на говорот во Прага, велејќи: „Европа очигледно е на крстопат каде што не смееме да покажеме кукавичлук“.
Германските власти изразија незадоволство, велејќи дека Макрон можеби зазел тврд став во одбраната на Украина, но Франција не дава исто ниво на поддршка како Германија. Според Килскиот институт, кој ги следи националните придонеси во украинските воени напори, Франција обезбедува 640 милиони евра воена помош во споредба со 17,7 милијарди евра на Германија.
Француските власти ги оспоруваат овие бројки. Макрон неодамна ја одложи планираната посета на Украина поради тензиите со сојузниците. Елисејската палата објави дека посетата ќе биде одложена за „наредните недели“ за да се овозможат разговори со сојузниците, кои би дале опипливи резултати за Украина, според француски дипломат, кој анонимно разговарал за „Политико“.

Иако лидерите го прикажаа Вајмарскиот триаголник како средство за зајакнување на европската безбедност, останува неизвесно дали вмешаноста на Туск ќе ги намали долгогодишните тензии меѓу Шолц и Макрон. Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски неодамна изјави дека присуството на војници на НАТО во Украина „не е незамисливо“.
Во понеделникот Туск и полскиот претседател Анджеј Дуда се сретнаа со американскиот претседател Џо Бајден. Двајцата полски лидери се разликуваат во политичките ставови, Туск е на страната на десниот центар, а Дуда е на страната на радикалните конзервативци. Но, пред Бајден и Конгресот, полските лидери претставија заедничка платформа со цел да ги убедат да ја зголемат поддршката за оружје за Украина.
Дуда го истакна единството на полскиот политички пејзаж, велејќи: „Ние сме обединети во прашањата за безбедноста на нашата земја“, додека Туск ја нагласи нивната соработка и покрај политичките разлики, тврдејќи: „За безбедноста на нашата татковина, ние мора и ќе дејствуваме заедно“.