По 11 кола, Георгиев освои 9,5 поени, втор е Станојоски со девет, а третото место го освои ИМ од Србија, Станковиќ со 8,5 поени, колку што имаа и Николовски, Златков и Лазов
ТРАДИЦИОНАЛЕН ТУРНИР ВО ЗАБРЗАН ШАХ
Македонскиот велемајстор (ВМ), член на ШК Алкалоид, Кирил Георгиев (2.589 рејтинг-поени во забрзан шах) четврти пат триумфира на традиционалниот меѓународен турнир во забрзан шах „Опен Алкалоид 2024“ во Скопје. По 11 кола, Георгиев (рангиран прв пред почетокот на турнирот) освои 9,5 поени (осум победи и три ремија, плус нови 17,3 р.п.), втор е актуелниот првак на Македонија во класичен шах и член на ШК Алкалоид, ВМ Звонко Станојоски (2.341, рангиран деветти) со девет, а третото место го освои интернационалниот мајстор (ИМ) од Србија, Милош Станковиќ (2.363, рангиран трет), со 8,5 поени, колку што имаа уште шестмина учесници, но со послаб дополнителен критериум.
Од македонските претставници солиден пласман остварија уште ИМ Никола Николовски (2.374, плус 14,5 р.п.), кој е петти, Антон Златков (2.284, плус 57,6 р.п.) е седми, ИМ Тони Лазов (2.320, плус 23,8 р.п.) е деветти, сите со по 8,5 поени, како и светскиот јуниорски првак во брз шах од 1999 година, ИМ Дејан Стојановски (2.491), кој е на 10-то место со осум поени. Матео Ефтовски (1.973, 65-ти) беше најдобар во категоријата играчи со почетен рејтинг под 2.000, кој со осум поени е 14-ти, а ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Александар Кралевски (2.060, 41-ви), исто така со осум поени, ја освои наградата за најдобар ветеран (играч над 65 години), на 15-то место.
Најдобра шахистка е ЖИМ од Србија, Маја Величковски-Нејковиќ (2.033, 45-ма), која е 25-та, со 7,5 поени, а најдобра македонска претставничка е репрезентативката Моника Жежовска (1.926, 77-та), на 52-то место со 6,5 поени и 114 новоосвоени рејтинг-поени.
На турнирот настапија рекордни 234 учесници (79 шахисти помлади од 20 години), од нив 19 шахистки (претходниот вкупен рекорд беше 193 учесници, во 2017 година) од Македонија (185), Србија (27), Германија (еден), Шпанија (еден), Грција (10), Бугарија (пет) и од Косово (пет). Од нив, тројца ВМ, 10 ИМ, еден ЖИМ, 10 ЖФМ, еден ФМ. Вкупниот награден фонд изнесуваше 150.000 денари. Судија на турнирот беше интернационалецот Иван Кочовски. Г.И.