Здружението на Македонците од Егејскиот дел, „Мирка Гинова”, од Штип, денеска организираше Панихида за паднатите борци, жртви во Граѓанската војна во Грција. Поменот се одржа во црквата „Свети Константин и Елена“ во Штип.
Трајче Димков од здружението „Мирка Гинова“ истакна дека денеска најмалку што можe да се направи е и да им се даде почит на паднатите борци во Граѓанската војна.
Неговиот татко, Стојан Димков, е жив сведок на настаните и со емоции ја раскажува голготата на семејствата, кои имаат некој близок член загинат во оваа Граѓанска војна, но и патот на иселувањето децата бегалци.
-Само од моето село Пожарско има во оваа војна загинато 75 луѓе, а од моето семејство имам околу 10 члена загинато. Бегањето беше многу тешко,зимно време. Семејствата од своите домови земаа она што им е најпотребно – рече Димков.
Александар Јаневски претседател на Сојузот на Здруженијата на Македонците и децата бегалци „Македон“ истакна дека денеска се одбележуваат 76 години од егзодусот на насилно прогонетите Македонци.
Јаневски нагласи дека ќе продолжат да бараат и да се исполнат барања Македонците кои останаа да живеат во овој дел да учат и се образуваат на својот мајчин македонски јазик, како и правото на здружување и организирање, но и обештетување на прогенетите Македонци, кои имаат имоти и куќи во Грција.