ЉУБОВЕН МЕЈЛ

Зошто љубовни мејлови најчесто пишуваме доцна, по полноќ? Тогаш, посеано со жолтеникавата магличавост од ноќната ламба, и парченцето од нашата добро позната соба заличува на остров, а предметите ги обвива мистериозната аура на топла осаменост.
Креветот – галија, библиотеката – ризница на древни ракописи, фикусот во аголот – чудникав изданок од неиспитаната тропска градина.
Вовлечени сме во спиралата на полжавот, нашето дишење добива ехо, се ослушнуваме, убедувајќи се дека зборот запишан во ова царство на посветената тишина, драгите усни ќе го изговорат како свој…
А надвор: Terra incognita. Но, за разлика од собата, иако арсеналот на маниристички мотиви е очекуван: ноќ, двојник, лавиринт, сон… накитената барокност е избегната, па таинствените и непредвидливи случки се кажуваат едноставно, како мали приказни.
Ламбите по должината на сокакот се како букви од проретчена реклама. Чистата студена светлина на Месечината е впиена во трепетливите кругови околу металните стебла. Темницата, навидум неиспитана, се стоплува од новооткриените детали: баричките од штотуку изврнатиот дожд по тротоарот, шарената издишана топка и таму, на работ на осветлениот круг под светилката отспротива – гушната двојка (а не она полуслепо старче, кое, помагајќи се со бастун, претпазливо ја мина улицата).
Наеднаш воздишка, ситно роморење. Капка по капка. Девојката и младичот, не разделувајќи се од прегратката, погледнуваат во небото, па зачекоруваат надвор од светлосниот круг, во темнината. По неколку мига, сега позабрзани, се во следниот круг, пак во темнината, и така, сѐ додека не се изгубат, надвор од погледот, зад левата рамка на прозорецот. На екранот на компјутерот, типканиот ракопис меандрира меѓу топлината и неизвесноста. Пишувам љубовен мејл.